РАНСПАРЕНТНОСТА НА СКУЛПТОРИТЕ

Не слушнавме кој го платил леењето на „Воинот на коњ“ во најскапата леарница во Европа – авторката на скулптурата или некое министерство

Во минатата колумна навестив дека по онаа „транспарентна“ прес-конференција посветена на „Скопје 2014“ се’ ќе се сведе на политикантски препукувања. И, за жал, тоа се случи. Авторката на споменикот „Воин на коњ“ беше прва која изјави дека не е точно дека таа за овој споменик добила шестотини и кусур илјади евра… додавајќи дека за другите споменици кои ги правела не добила речиси ништо! Притоа, истакна дека спомениците ги работела со љубов, дека нејзините малолетни деца трпеле поради нејзиниот ангажман, а не заборави да истакне дека со проектот „Скопје 2014“ Владата овозможила млади автори пред домашната и светската јавност да покажат што знаат и умеат. И така, според нејзино мислење, и ние добивме еден Аугустинчиќ, Џамоња, Мур…Навистина патетично, зачинето со демагогија. Барем во уметноста, без разлика дали станува збор за скулптура, слика, роман, композиција, авторот тоа го прави со љубов, па дури и со страст, а не со некаква рутина… Авторката, меѓу другото, побара медиумите и новинарите сега да ја остават на мира. Ја разбирам оваа желба на авторот, ама ако сака на сите да им ја „затвори устата“, вклучувајќи ме и мене, требаше да излезе со многу конкретни податоци.

Претпоставувам дека хонорарот кој и’ бил исплатен (шестотини и кусур илјади евра) го добила на своја сметка преку банка, а не преку „каса прими“. Авторката понатаму вели дека плаќала асистенти. Најмила хала каде што работела, потребен материјал и така натаму. Сепак, ниту таа ниту пак министерката не одговорија дали од исплатениот хонорар авторката го платила леењето во најскапата леарница во Европа. Кој го платил превозот од Италија до Скопје? Понатаму, колку чинел и кој ги платил градежните работи за изградбата на постаментот, потребната технологија за фонтаната и така натаму. Ако сето тоа го платила авторката, за ова би требало да има документи, бидејќи плаќањето не би требало да оди „на рака“. И на крајот, авторката би требало да каже колку и’ останале „чисти“, кои, верувам, ги пријавила на даночната управа и за тоа платила данок.

Бидејќи споменикот, односно проектот „Скопје 2014“ се плаќа со наши пари, во секоја нормална држава сето ова би било познато уште пред да се постави споменикот, ама кај нас во суштина дваесет години сме далеку од една вистинска и нормална транспарентност. За жал, со тоа наше балканско разбирање на транспарентност со некои потези и тоа на самиот почеток се покажа и новиот градоначалник на општина Центар. Прво, тоа го стори со изјавата дека општинската каса е празна, односно буџетот на општината за оваа година е веќе потрошен. Не да не му верувам на господинот Жерновски, ама како градоначалник наместо изјава пред камерите на влезот во општината, требаше да свика прес-конференција, на медиумите да им го достави ревизорскиот извештај (се надевам дека постои таков извештај направен од некоја надворешна ревизорска куќа) и да најави дека на првата седница на Советот на општината сето ова ќе биде ставено на дневен ред. Вака од сето ова остана само изјава, која, сепак, можеме да ја сведеме на „жими мајка“.

Понатаму, околу понуденото мито од страна на урбаната мафија. По изјавата дека се обиделе да го поткупат, ВМРО-ДПМНЕ експресно и многу логично му одговори дека негова должност како градоначалник и како граѓанин е обидот за мито веднаш да го пријави до надлежните институции, во спротивно неговата изјава ќе се смета за обид за манипулација. Некој ќе рече дека сега Жерновски е цел на владејачката партија и дека ќе се обидат да го наместат. Да прифатиме дека е така. Ама Жерновски верувам дека е свесен за неколку факти. Прво, актуелната власт има контрола врз медиумскиот простор, што го потврдува и најновиот извештај на Фридом хаус. Понатаму, корупцијата е кривично дело кое бара многу поцврсти докази од изјава.

И токму затоа звучат многу бледо одговорите на Жерновски до ВМРО-ДПМНЕ дека тие не барале од него имиња за аферата „Пустец“. Во медиумите блиски до власта Жерновски е топ-тема. Дури нема да ме изненади ако слушнеме дека тој ја испразнил и касата на општината уште пред да биде избран за градоначалник. И тоа е најтрагичното во оваа наша „балканска транспарентност“. Во сето ова одлично се вклопуваат и медиумите и новинарите. Во суштина, медиумите, а со тоа и новинарите, се сведоа на најобичен трансмисиски ремен што е рецидив од некогашниот еднопартиски систем. Разликата е во тоа што сега оние самонаречени патриоти „фураат“ колку Владата ни е добра, а опозицијата лоша и предавничка. Оние кои самите се закитија со епитетот „демократи“ не’ убедуваат колку Владата е недемократска, авторитарна и така натаму.

За жал, со ова ниту ќе се подобри транспарентноста на институциите, а уште помалку положбата на медиумите и новинарите. Ете затоа оваа Влада како и сите претходни, а се плашам и во иднина, во суштина ги боли уво за медиумите за независноста и слободата на новинарите. Токму во таа насока (контрола врз медиумите) е и новиот нацрт-закон за медиуми. Здружението на новинари извојува мала победа и законот сега е во јавна расправа која ќе трае два месеци. Ама самата јавна расправа и по својата форма и содржина засега не навестува некои позитивни промени. Надлежниот министер оди кај „своите медиуми“ и со новинарите патриоти го фали законот како тој е европски и мавта со европски директиви, како се користеле искуствата од други држави, пред се’ Словенија.

Е, па, не е баш така. На пример, во Словенија, а и во речиси сите други европски држави јавниот сервис (по наше МРТ) е уреден со посебен закон, додека кај нас во предлогот се’ е ставено во еден закон. Од друга страна во јавната расправа која ја организира ЗНМ најчесто се слуша дека законот не чини и дека со него, дефинитивно, ќе се воведе цензура. И тука се мавта со европски директиви и конвенции, дури се тврди дека не е потребен закон, туку е потребна саморегулација… и ред други небулози. И сега, како што се развива оваа паралелна „транспарентна“ и секако „стручна“ јавна расправа се плашам дека на крајот овој закон за медиуми со одредени козметички поправки, мазно ќе помине во парламентот. И нормално, во идниот извештај на Европската комисија ќе биде нотиран како уште еден напредок на Македонија во чекалницата на ЕУ. Ама не верувам дека со сето ќе запре тонењето на Македонија на листата на Фридом хаус или, пак, во идниот извештај на Стејт департментот.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com