РАЗОЧАРАНИОТ ХАН

Треба да се очекува нашите „странски пријатели“ (Брисел и САД) во иднина се’ помалку да се однесуваат „пријателски“ кон главните актери, а пред се’ притисокот ќе биде врз Груевски

„Многу сум разочаран што не успеавме да изнајдеме решенија според претходните договори од јуни и јули годинава. Се’ уште има надеж да се најде решение и се надевам дека ќе биде препознаена сериозноста на ситуацијата.“ Вака во вторникот во раните утрински часови пред да замине од земјава еврокомесарот Хан ги коментираше дванаесетчасовните преговори околу исполнувањето на договорот од Пржино кои завршија без договор помеѓу „големата четворка“. Што сега?
Еврокомесарот Хан вели дека не може да предвиди, но потребни се „лидерство и одговорност за земјата и нејзината судбина“ и додаде: „Мислам дека се’ е можно. Ние не можеме да ја работиме работата на овдешните политичари“. И како секој дипломат, а посебно еврокомесар, Хан сепак „дотура“ и малку оптимизам и очекува лидерите на големата четворка, а пред се’ ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да се договорат во наредниве денови!?

Јас го разбирам чувството на разочараност кај Хан бидејќи неуспехот на реализацијата на договорот од Пржино ќе биде нотирано во неговото кариерно досие како личен неуспех. Би сакал да го прашам еврокомесарот Хан што со разочарувањето, па ако сакате и понижувањето, кое ние како граѓани го доживуваме во овие 25 години на независност од однесувањето на секоја влада. За жал, истото го доживуваме и од нашите „пријатели“ од Брисел. Нема да го споменам името ама се’ уште се чувствувам навреден кога сред Скопје нашите „пријатели“ ќе речат „вашата земја“. Понатаму се надевам дека не сме заборавиле што се’ ни се случуваше пред амбасадите додека имавме визен режим. Дури и оро требаше да се заигра за некој „конзуларен службеник“ да се убеди дека станува збор за фолклорна група која патува по покана.

Барем досега, за нашите „пријатели“, како од Брисел така и од Вашингтон, многу поважно им е власта (која било) да обезбеди, пред се’, мир и стабилност и да не дојде до меѓуетнички конфликти кои можат да го дестабилизираат регионот отколку корпусот на човековите права и слободи, демократија и владеење на правото и правната држава. Да не бидам погрешно разбран дека за се’ што ни се случува се виновни нашите „пријатели“ од меѓународната заедница. Напротив, најголемата вина е кај нас самите, односно кај политичките елити кои поради недостаток на потребното чувство и одговорност за државотворност, како и недостаток на демократски капацитет, редовно создаваат политички, а со тоа и општествени кризи, а потоа бараат некаква „помош“ однадвор. Сегашната криза која започна со непризнавањето на резултатите од последните избори, а потоа се надгради со аферата „прислушување“ и таканаречените „бомби на Заев“ се развива во една од најдлабоките кризи кои сериозно ги нишаат темелите на државата, ако воопшто можеме веќе да се наречеме држава, бидејќи се’ повеќе наликуваме на нечија губернија односно протекторат.

Странците ни го донесоа таканаречениот договор од Пржино, „четворката“ го потпиша, Хан тогаш задоволен си замина. Ама кога дојде до негово преточување во соодветни закони и нивна имплементација, секој си го чита на свој начин. Во суштина, сега сведоци сме на два тотално антагонистички погледи на договорот од Пржино. Зошто ваков антагонизам ако со тоа се доведува во прашање евроатлантската перспектива, а со тоа и иднината на државата. Одговорот е многу едноставен. Груевски сака да најде начин како тој и понатаму да остане на власт, а со тоа и неговите најблиски, односно „фамилијата“. А власта, секако, ќе ги спаси од какви било судски процеси. По се’ изгледа во ВМРО-ДПМНЕ нема доволно критична маса (да не речам храброст) која на Груевски ќе му каже дека ваквото негово однесување е политичко самоубиство за партијата.

Заев кој себеси се гледа како спасител на Македонија, во суштина, го интересира само власта, а не започнување процеси преку кои Македонија во еден разумен временски период ќе се трансформира во „нормална држава“, во која ќе се почитуваат човековите права и слободи, во која ќе имаме вистинско владеење на правото и функционирање на правната држава. Овие две антагонистички групи многу лесно се договорија околу изборното законодавство бидејќи тоа им одговара исклучиво ним. Намерно го избегнувам зборот партии бидејќи одамна кај нас СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот блок и ДУИ и ДПА во албанскиот блок се далеку од онаа вистинска дефиниција за современи политички партии. Оваа „голема четворка“ во суштина одамна е трансформирана во „акционерски друштва“ на нивните лидери и тесен круг на нивните „фамилии“ (притоа не мислам само на роднински врски).

Сега треба да се очекува еден турбулентен период. Опозицијата, поточно Заев, најавува дека објавувањето на „бомбите“ ќе продолжи. Треба да се очекува тензиите од Клубот на пратениците да се префрли во собраниските клупи.

Не верувам дека Груевски ќе се обиде најавеното објавување на нови „бомби“ да го запре со некаква формална одлука на судот или обвинителството или пак со некакви експресни пресуди за медиумите и новинарите кои тоа ќе го објават. Ама нема да ме изненади ако и ВМРО-ДПМНЕ почне да објавува „бомби“ преку својата булумента на медиуми и новинари, во кои главни ликови ќе бидат познати опозициски фаци. Ова станува поверојатно ако се има предвид дека довчерашниот портпарол на МВР, Иво Котевски, ја презема партиската функција директор на Центарот за комуникации. Наивно би било ако некој верува дека ВМРО-ДПМНЕ нема вакви „бомби“, но досега тие не се објавуваа бидејќи на тој начин посредно би се признало дека, сепак, снимањето го правела „службата“, а не некои странски служби кои преку Заев ја рушеле државата.

Понатаму, треба да се очекува нашите „странски пријатели“ (Брисел и САД) во иднина се’ помалку да се однесуваат „пријателски“ до главните актери, а пред се’ притисокот ќе биде врз Груевски. Нема да изненади и да употребат и некои порадикални мерки кои сме ги виделе.

Тоа што за мене е уште пострашно е фактот дека во една ваква општествена и политичка состојба кај нас немаме ниту ембрион од она што беше, на пример, ДОС во Србија или Кукурику коалицијата во Хрватска, па и познатиот ДЕМОС во Словенија. Некој ќе рече дека биле други историски околности. Ова држи само делумно. Имено, во сите овие примери стануваше збор за замена или ако сакате, рушење на една партиска структура која во целост ја имаше подредено државата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи, вклучувајќи ги и слободата на изразувањето и независноста на медиумите. Деновиве се промовираше ФРОДЕМ зад кој стои Трифун Костовски и кое барем засега се дефинира како политичко граѓанско движење. Со други зборови, што би рекол народот, засега ни риба ни девојка. Другите мали политички партии и понатаму остануваат под плаштот на ВМРО-ДПМНЕ или пак на СДСМ, со исклучок на ДОМ на Лилјана Поповска, а по се’ изгледа и Демократскиот сојуз на Павле Трајанов наскоро ќе излезе и формално од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.

Дали овие мали парламентарни, но и вонпарламентарни партии, како на пример, Алијансата за позитивна Македонија, потоа либералите и некои други ќе смогнат сили да создадат некаков македонски ДЕМОС или суетата на нивните лидери ќе надвладее, останува да видиме. Во меѓувреме, власта си ја продолжува својата кампања „Остваруваме“ и тоа на сите полиња, од економија, странски инвестиции, инфраструктура, земјоделство до култура, здравство, образование, спорт, односно покриени се сите сегменти во државата и општеството. Се прашувам дали во рамките на програмата „Остваруваме“ беше и отворањето на детската градинка на Министерството за финансии наменета исклучиво за дечиња на вработените. Градинка која се вика „Мали фини буџетчиња“! Замислете, утре и Министерството за внатрешни работи да отвори ваква градинка и да ја крсти „Мали фини пендречиња“! И додека власта „остварува“, а богами според предлог-буџетот за идната година проектот „Остваруваме“ ќе биде „засилен“, не престанува реката од наши сограѓани, претежно млади луѓе, да си заминуваат од државата.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com