“ПУЧ“ СО ФРЕНКИ, ЧУШКИ И ПАТАТИ НЕ БИДУВА

По бомбата на Заев, која никако да пукне и видеопродукцијата на премиерот Груевски, се’ повеќе сум убеден дека сите заедно успешно работат да ја изгубиме државата

Кога го гледав видеото во „продукција“ на кабинетот на премиерот (веќе забрането од Јавното обвинителство), прва асоцијација ми беше комедијата на Бранислав Нушиќ „Сомнително лице“. Лидерот на СДСМ Заев во улогата на Алекса Жуниќ, срески (околиски) шпион од споменатата комедија, објаснува како странски служби му дале аудиоснимки кои го компромитираат премиерот дека бил вмешан во криминал. Премиерот во улога на истражител се обидува да го наведе Заев, односно „срескиот шпион“ да каже која служба му ги дала инкриминираните податоци, односно бомбата. И, бум, ете ја аферата „Пуч“. Веднаш се покажа нашата фолклорна ама длабока општествена поделеност на патриоти и предавници, на демократи и автократи. И наместо комедија, веќе не знам по кој пат, се повторува фарсата.

Така „мистериозно“ видеозаписот од кабинетот на премиерот прво го објави телевизијата која „прва дознава“, а потоа и сите други медиуми и портали, со цел да се создаде перцепција дека Заев е предавник и со странски служби организирал „пуч“. Фарсата продолжи на МРТ во дебатна емисија во која настапи ударната тројка новинари-патриоти, засилени со интелектуалната „тупаница“, каде што јасно беше кажано дека Заев тесно соработувал со странски служби, кои му доставувале инкриминиран материјал, пред се’, тајно снимени телефонски разговори против Груевски, но и други високи претставници на власта. Како што многу децидно изјави еден од учесниците, инаку „новинар“ со највисока академска титула и единствен во светот кој од МВР има потврда дека не е соработник со странски служби, само Турција и Грција имаат опрема која може да снима такви разговори. Нормално, Ердоган ни е пријател и не би соработувал со Заев, ерго остануваат само „клетите Грци“.

Ајде, нека е така, ама овие „новинари експерти“ за разузнавање и контраразузнавање не се прашаа – а што работеле нашите служби задолжени за безбедност, кога дозволиле странски шпиони да „шетаат“ низ државава и да снимаат телефонски разговори на државниот врв. Погледнете колкав е буџетот на МВР во последниве 6-7 години и колку од ова е потрошено за опрема? А ете, странски служби снимаат телефонски разговори на нашите врвни политичари, кои, демек, потоа фризирани или во „оригинал“ се даваат на опозицијата, со цел да ја урне актуелната власт?! Нормално, одговорност за ова нема. Понатаму, каде во сето ова е нашата ЦИА, односно Агенцијата за разузнавање? Ама за сето ова „патриотите“ новинари, експерти, интелектуалци, ниту збор не кажаа, важно е да се создаде перцепција дека Заев е соработник на странските служби.
За жал, фарсата продолжува, ама сега од другата страна. Опозицијата која со оваа „бомба“ не’ дави со месеци, а сега пукна и тоа во рака, поднесува кривична пријава против Груевски дека во неговиот кабинет Заев бил сниман аудио и видео. Па, што е чудно во кабинетот на премиерот или претседателот „дискретно“ да се врши аудиовизуелно снимање. По правило, во цел свет во кабинетите на премиерите или претседателите на државите се прават вакви видео или аудио снимки. И за ова не се бара дозвола од судот или некој друг орган. Разликата е во тоа што во уредени држави постојат јасни протоколи кои уредуваат што се снима, кој снима и како се чуваат тие снимки и за што можат да бидат употребени, а не да се даваат на патриотски телевизии.

Сетете се само зошто и како падна Никсон во аферата „Вотергејт“. Еден општински суд и судија наредија Белата куќа да ги предаде магнетофонските ленти за да се види дали Никсон знаел, односно го одобрил прислушувањето на Демократската партија. Се прашувам, кој му дал право на Заев и на СДСМ, ако располагаат со докази дека Груевски направил тежок криминал, односно ги кршел и Уставот и законите, со истиот тој Груевски да преговара за некаква техничка влада. Зар со „криминалци“ се преговара? Освен ако и самиот немаш „путер на главата“.

И да ги потсетам Заев и СДСМ. Никсон падна, ама демократите не дојдоа на власт со неговото одење во историјата, туку републиканците си го одработија целиот мандат. Да одиме поблиску и временски и географски. Случајот со Санадер. Сите знаеме каква беше улогата на странците Санадер да си даде оставка. Ама на негово место не дојдоа социјалдемократите туку го наследи Јадранка Косор, односно ХДЗ си остана на власт до крајот на мандатот. А како и во секоја правна држава, Санадер за сторените дела беше суден и осуден. И да ги потсетам и Груевски и Заев, никој во Хрватска ниту еднаш не ги спомена странците, а камоли да обвинува за некаков пуч, односно за насилство против претставниците на највисоките државни органи, како што, ете, сега барем од страна на МВР се товари Заев. Но ниту опозицијата, дури и во тогашната предизборна кампања, не ја користеше аферата „Санадер“ против ХДЗ и на тој начин да собира политички поени. Да, затоа Хрватска е членка на ЕУ и на НАТО, а во последниот извештај на „Фридом хаус“ е во групата на целосно слободни и демократски држави.

Ние како граѓани, како општество и како држава, од последните парламентарни избори, фактички сме заробеници на суетата на водството на СДСМ кое не сака да ги признае изборните резултати и го бојкотира парламентот. Од друга страна, власта одлично ја користи оваа состојба. Декларативно зборува за дијалог, но во суштина, вешто ја храни суетата на водството на СДСМ, кое едноставно е изгубено во политичкиот простор и не може ниту институционално ниту вонинституционално да и’ парира на владејачката партија. Токму затоа власта станува се’ поагресивна во спроведувањето на својата „безгрешна“ партиска политика и програма. Притоа заборавајќи на тоа што се вика правна држава и владеење на правото, демократијата, слободата на изразување и независност на медиумите, независно судство. Токму затоа денеска на меѓународната сцена се’ повеќе сме присутни само како вест за судење на новинари, вест за протести на студенти, а сега и за обид на пуч од страна на опозицијата. Од Москва, преку Брисел, па се’ до Вашингтон, добивме многу јасни пораки на голема загриженост за најновите настани токму сврзани со обвинувањата против Заев. Притоа нашите „пријатели“ очекуваат целосна транспарентност во процесот и строго почитување на презумпцијата на невиност. И пак една паралела. Кога го судеа Санадер, или кога го судеа Јанша, Брисел, Париз, Лондон, Вашингтон или Москва не испратија вакви пораки до Загреб или Љубљана, што јасно зборува каква држава сме ние. По бомбата на Заев, која никако да пукне и видеопродукцијата на премиерот Груевски, се’ повеќе сум убеден дека сите заедно успешно работат да ја изгубиме државата. Ама како што рекле некои паметни луѓе, секое племе не заслужува да има држава.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com