ПРОТОКОЛ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ МУДРЕЦИ

Ако досега работеа 24/7, до јануари Груевски и актуелната влада ќе работат минимум 26/12. Сега владини проекти за отворање нови работни места, училишта, селски чешми и регионални патишта ќе фрчат секој ден

Браво за еврокомесарот Хан, браво за европратениците Вајгл, Ховит и Кукан, браво за госпоѓата Нуланд, која, како што неофицијално се шушка, преку телефон некаде пред полноќ во вторникот се вклучила во преговорите. Се надевам дека ќе дочекам некој „свиркач“ по извесно време да ни овозможи да слушнеме дали и овој пат Нуланд го употребила својот сочен „кочијашки“ речник. Во секој случај, сите овие споменати лица во своите персонални досиеја можат со право да си запишат дека во некоја „вукоебина“, која во меѓународната заедница е заведена како ФИРОМ, успеале да ги седнат на маса локалните племенски, пардон политички лидери и за 12 часа да ја решат кризата која ни се влече речиси година и половина. Со ова странците си обезбедија, барем до крајот на април идната година, да има каква-таква стабилност, не само кај нас туку и во регионот, кој тие од преголема љубов го нарекуваат Западен Балкан.
Во минатата колумна напишав дека странците ќе си заминат, а ние ќе си останеме тука заедно со нашите политички лидери кои ја создадоа кризата кои не можеа сами да ја решат, а сега ќе мора решението кое го наметнаа странците тие исти политички лидери да го спроведат! Ви се верува во тоа? Нашиве политикантски лидери, во духот на нашата фолклорна политичка култура, веднаш одржаа прес-конференции на кои богами не знаеш кој повеќе се фалеше дека ете ја решил кризата и дека тоа е голема победа за Македонија, за неговата партија, за нашите евроатлантски интеграции. Ајде само малку посериозно прво да го прочитаме самиот договор, поточно се именува како протокол, па ќе заклучите дека неговата имплементација во многу точки е во спротивност со цел куп закони, па дури и со Уставот. На пример, таканаречени „фластер-министри“ нашиот закон не дозволува.

Лидерот на СДСМ Заев триумфално на прес-конференцијата навести дека Груевски си заминува од премиерската функција и дека тој нема да ги организира изборите кои ќе се одржат во април идната година. Точно, ама Груевски од функцијата премиер ќе си замине во средината на декември за да може до 15 јануари, односно 100 дена пред изборите да профункционира новата влада и сега се отвораат цел куп уставно-правни, па ако сакате и политички дилеми и нејаснотии кои Заев на ноќната раноутринска прес-конференција не ги ни спомена, а камоли да ги објасни. Прво, ако премиерот си даде оставка, без разлика дали е тоа Груевски или кој било друг, според Уставот паѓа целата влада. Мене не ми е јасно, а верувам и на многу други не им е јасно, дали на пример ќе паднат и оние фластер-министри кои ќе ги добиеме во октомври.

Понатаму, во вакви примери, барем според Уставот, на политичката сцена би требало да настапи нашиот претседател, кој ќе треба да направи консултации со парламентарните партии и врз основа на тоа да најде „разумен компромис“ во некоја личност која ќе биде прифатлива и за опозицијата и на таа личност да и’ даде мандат за состав на нова влада. Ама по се’ изгледа, сето ова нема да биде потребно бидејќи ВМРО-ДПМНЕ, поточно шефот на пратеничката група, веќе навести дека Груевски во тие 100 дена пред изборите ќе го замени кандидат на ВМРО-ДПМНЕ кој во моментов не е ниту во законодавниот дом (се мисли на пратеник) ниту, пак, во извршната власт. Заев во својот „триумфализам“ го навести и новиот специјален, независен и уште не знам каков јавен обвинител кој ќе треба да работи на „бомбите“. Таков тип специјален обвинител кај нас, според сегашниот закон и Устав, нема и не може да има. И веднаш се наметнува прашањето – а што со актуелниот Зврлевски. Ама, како беше онаа рекламата: „Скопско и се’ е можно“! Заев, кој до вчера јавно се фалеше дека тој овој суд не го признава, дали сега се’ уште стои на овој став или сега кога со еден „протокол“ од две страни се воспоставија демократија и независно судство и владеење на правото, тој сега ќе го почитува судот и секој понеделник ќе се јавува во судот за да покаже дека не ја „дувнал“.

Во својот триумфализам не заостанува ниту Груевски. За него кризата е завршена, а на идните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и тоа ќе биде победа над победите, односно историска победа. Богами очекував да направи паралела со победата на наш Аце против Персијците кај Гагамел. Тоа што само до пред некој месец, на пример, не ги даваше ни Гордана, ниту Миле, ниту Мијалков, некако се заборави. Е па добро, мора да има жртви за вакви историски победи. Тоа што на познатиот митинг, кој беше во духот „се случи народ“, зборуваше дека тој не си оди и дека избори нема да има, ајде, ова го сметаме како тактичка варијанта во стилот „збунити непријатеља“. А сега ете, сто дена пред избори тој ќе се повлече, ама тоа ќе биде правило и за во иднина. Боже, ова странциве почнаа да не’ третираат и како лабораториски глувци за недоквакани политички експерименти. А Заев и Груевски, секој од својот политикантски кафез, ова го гледаат како своја победа.

Груевски не ги спомена фластер-министрите, иако како премиер не само што знае дека тоа законот не го дозволува, туку сега лично тој ќе треба тоа да го реализира, односно свесно да го крши законот. Ама Македонија во суштина никогаш не била правна држава туку секогаш се’ функционирало врз вакви или онакви договори, односно била и останала „договорно држава“. Ако досега работеа 24/7, до јануари Груевски и актуелната влада ќе работат минимум 26/12. Сега владини проекти за отворање нови работни места, училишта, селски чешми и регионални патишта ќе фрчат секој ден. Успеси во здравството, шнел-курс едукација на лекарите и така натаму ќе слушаме секој ден во вестите уредени професионално, почитувајќи ги стандардите „Ало началниче“. А сечење ленти и фрлање лопати барем двапати во денот ќе бидат нешто најнормално.

Многумина ќе речат, проблемите кои се таложат 25 години и се сведуваат на заеднички именител – партизирана држава и општество – не можат да се решат за половина година и со некакви фластер-министри и некаква чудна влада во последните сто дена пред изборите. Но, проблемот е во нешто друго. Постигнатиот договор со ништо не гарантира дека ќе започне процес на вистинска демонтажа на сегашниот систем. На пример, ниту Груевски ниту Заев досега ниту со еден збор не навестија промена на изборниот модел. Се зборува дека можеби ќе се воведе изборен праг (погрешна е терминологијата една изборна единица), ама ако не се обезбеди во парламентот да влезат како самостојни субјекти повеќе партии, во суштина ништо не сме направиле во правец на развој на парламентарната демократија, а уште помалку во остварување на надзорната функција на парламентот врз извршната власт.

Ако не се смени суштински изборниот закон, ако не се воведе ред во финансирањето на партиите и ако не се воведе скандинавскиот модел да нема политички реклами во телевизиите, типувам на тесна победа на ВМРО-ДПМНЕ, ама без Груевски како иден премиер.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com