Пржино 2 во фаза на клиничка смрт

Ете ниту една недела не издржа таканаречениот договор „Пржино два“ и веќе е во фаза помеѓу изгубен во преводот и класична клиничка смрт. Некој ќе рече дека не е така, ете измените на изборниот закон поминаа, ДИК го објави списокот на оние триесет и девет илјади и кусур граѓани кои демек се „сомнителни“ па сега ќе мора сами одново да се пријават односно регистрираат во ДИК. И замислете меѓу тие сомнителни или фантомски гласачи е пратеникот Павле Трајанов, па новинарот Ерол Ризаов, и цел куп познати личности. И сега навистина се прашувам кој во сето ова е луд, кој е збунет и кој кого „онаква“. Трудни и така веќе 25 години сме ние граѓаните. Не знам по кој пат ама дефинитивно се покажува дека овие четири политички партии односно нивните водства од ден на ден се повеќе личат на четворицата јавачи на апокалипса, бидејќи ние се повеќе тонеме и како општество и како држава. Со други зборови иако формално се донесоа потребните измените и дополнувањата на петте закони кои произлегуваат од договорот Пржино 2 со ова не е направен ниту мал чекор кон започнување на веќе кај нас одамна истрошената фраза, демократизација на општеството и државата, сфатено во најширока смисла на зборот. Замислете дури и потпреседателката на СДСМ госпоѓа Шеќеринска мртво ладно најави дека сите овие процеси, (враќање на демократијата, владеењето на правото и правната држава функционални институции и департизација на државната администрација ќе започнат по изборите. Секако Шекеринска е убедена дека сега е најпотребно да се обезбедат услови за кредибилни избори на кои сигурно (според неа) ќе победи опозицијата. Нашиот народ вели. Чекај магаре на зелена трева и не умри. Но да одиме по ред. Ајде да почнеме од договорот од Пржино1. И тогаш се направија промени на неколку закони. Изборниот иако СДСМ ветуваше воведување на изборен праг и една изборна единица се заврши на козметика, ама во корист на оваа четворка. Понатаму Државната Изборна Комисија со договорот од Пржино и измените и дополнувањата на законот посебно со проширувањето од „тројца експерти“ ја трансформираме во поголем партиски орган од што беше. Избирачкиот список го прочистуваме еве веќе една година и на крајот се испадна голема фарса. Во врска со медиумите повторно на инсистирање на опозицијата читај СДСМ сега ќе се формира некое ад хок тело кое ќе биде составено од пет члена. Четири члена ќе бидат делегирани од партиите а еден ќе треба да биде демек независен и избран со консензус од останатите четворица. Тело кое во рамките на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги демек ќе ги контролира медиумите како известуваат. И повторно што би рекол народот лудиот го „онакви“ збунетиот. Посебно трагикомичен е фактот дека сто дена пред избори одговорен уредник на првиот програмски сервис ќе го именува опозицијата. Еве веќе и на велико се шпекулира кој ќе биде тој голем уредник кој МРТВ ќе ја направи да работи професионално и според стандардите на секој Јавен сервис во една нормална држава. И замислете потпретседателката Шеќеринска во својот познат стил на салонски револуционер, најави дека за одговорен уредник на МРТВ како и за член на тоа ад хок тело во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги ќе може да се пријави секој односно да го пријави некоја асоцијација или организација!? И сега сите да се прашаме колку од вас веруваат дека со сите овие мерки и законски промени се во функција да создаваат услови за фер и кредибилни избори. За демократски промени ќе чекаме по изборите вели Шекеринска. Фактот дека ВМРО-ДПМНЕ релативно лесно ги прифаќа сите овие промени, е само уште еден доказ дека со ова ама ништо не се менува. А најмалку, ајде да го искористам терминот на опозицијата, дека се израмнува теренот за фер и кредибилни избори. ВМРО-ДПМНЕ поточно неговите аналитичари и спин доктори се свесни дека со сите овие мерки ниту за милиметар не се загрозува „сплотеноста“ на партијата и државата а во истовреме им даваат „штоф“ да спинуваат за нивната кооперативност отвореност и подготвеност да се „жртвуваат“ за добробит на народот. А секако тоа граѓаните ќе го ценат на идните избори. А СДСМ како клен на дудинка се фаќа на овие шарени лижавчиња, кои демек и меѓународната заедница ете ги препорачува. Но за волја на вистината неделава единствено квалитетно што дојде од СДСМ неделава беше прес конференцијата на пратеничката Лидија Димова која со точни податоци и бројки покажа како ние не сме способни да ги искористиме средствата од ИПА фондовите кои се неповратни пари, ама кои ако не ги искористиме Брисел ти ги зема назад. Станува збор за околу 26 милиони евра. Ситница некој ќе рече во однос на еврообврзницата која е тешка 450 милиони евра ама која ќе ја враќаме ние граѓаните плус околу 150 милиони евра.

И што сега? Овие од „петтото столче“ (читај невладиниот сектор) односно левите деца и десните чеда на скопската буржоазија веќе сигурно се некаде по плажите во Грција, Јадран или можеби на некоја подалечна егзотични дестинации. Затоа не очекувам нешто дека ќе слушнеме од нив барем не до крајот на август. Според тајмингот од Пржино 2 на крајот на август четворицата лидери треба да се состанат и да донесат одлука дали договореното се имплементира и како се имплементира. Ако оценат дека се „тече“ според договореното, тогаш се формира нова техничка влада и најдоцна до 10 октомври Собранието треба да се распушти за да имаме избори на 11 декември. Навистина е многу тешко уште сега да се предвидува и шпекулира дали според овој „тајминг“ ќе се одвиваат работите. Ама едно сум сигурен и ако има избори без разлика кој ќе победи нема ништо да се смени во позитивна сила. Имено истите ликови односно истите политички елити кои не донесоа на ова дереџе нема да донесат никакви позитивни промени ниту во општеството ниту во државата. Односно како што веќе напишав во минатата колумна можеби ќе имаме мир ама правда и правдина не.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com