ПРЕСУДА

Велес меѓу СФРЈ и Македонија – пресудата во велешкиот суд околу загадувањето е неверојатен апсурд

Можеби кога ќе го прочитате насловот ќе помислите дека еве уште еден „експерт“ сега ќе не’ дави со пресудата на Меѓународниот суд во Хаг. Не, почитувани читатели. И мене ми дојдоа преку глава „умните коментари“ и редицата дебатни емисии во кои се наредија сите некогашни министри за надворешни работи, па цела регимента на експерти па странци. Лично мислам дека најдобар коментар од стручен аспект за пресудата од Хаг е онаа на професорот д-р Десковски, додека од политички аспект на ексминистерот Милошовски.

Би сакал вашето внимание како читатели да го насочам околу пресудата на судот во Велес, со која се одбива барањето на велешани државата да плати отштета која би се искористила за санација на катастрофалното нарушување на човековата околина и последиците што ги направи Топилницата во Велес. Според она што го слушнав на една телевизија од претставникот на еколошкото друштво од Велес „Вила Зора“, кое е тужител, судијата на судот во Велес го одбил тужбеното барање со образложение дека не може да се утврди дали загадувањето било направено во време на некогашна СФРЈ или во времето на самостојна Република Македонија!?

Пресуда со вакво објаснување во секоја нормална правна држава би предизвикало цел куп реакции и коментари на стручната јавност. Во нормална држава Судскиот совет веднаш би повел постапка за разрешување ваков судија.

Ваквата пресуда не само што ги оштети велешани, не само што ја бетонира катастрофалната еколошко состојба во Велес, туку посредно прави голема штета на правниот и државотворен континуитет на Република Македонија.

Навистина се прашувам дали судијата е навистина „труп“ од стручен аспект или некој „шепнал“ одозгора, па донел ваква пресуда. Дали судијата од велешкиот суд слушнал за одлуката на Бадинтеровата комисија со која Република Македонија беше призната како новосоздадена држава на просторот на некогашна СФРЈ. Дали знае дека Република Македонија како државно-правен наследник на СФРЈ доби дел од златните резерви што ги имаше некогашната заедничка држава. Дали знае дека, исто така, добивме и си плативме дел од долгот кој некогашната држава го имаше кај странските банки и другите меѓународни финансиски институции. Дали знае дека како правни наследници на СФРЈ добивме и по некоја зграда од амбасадите на СФРЈ низ светот. Дали знае судијата од велешкиот суд дека ако некој ја загадува човековата околина, носи одговорност, ама одговорност носи и државата, која се прави слепа и нема и дозволила тоа загадување да се одвива континуирано.

Тоа што навистина ме изненади е фактот дека ниту невладиниот сектор, посебно редица од еколошки друштва, не испратија барем соопштенија во кое ќе протестираат против ваква пресуда. Каде е сега оној основен принцип на еколозите „мисли глобално, дејствувај локално“. Ако ваквата пресуда стане правосилна, не само што ќе биде преседан во правото тука засекогаш ја брише можноста за судска постапка против државата кога станува збор за вакви примери на грубо и континуирано нарушување на човековата средина. Сето ова зборува дека кај сите нас еколошката свест е на ниво на ембрион, но затоа политичките субјекти секогаш знаат да ја спинуваат најчесто во дневнополитички цели и нивни интереси.

Што се однесува до медиумите и новинарите, ниту малку не сум изненаден. Па, тие беа сконцентрирани на пресудата од Меѓународниот суд од Хаг, која, за жал, многу повеќе ја користиме за внатрешна политикантска пресметка. Поатрактивно е да бидеш во друштво на познати фаци од политиката и, секако, „експертите“ отколку да се занимаваш со тешки метали со загадена почва со воздух кој има честички ама не се многу штетни… со цементарница и железарница во центар, со депонии кои се еколошки бомби (Тетово), со реки во кои не смееш да помислиш да влезеш, ама имаме плажи. За оваа црна листа на најголеми еколошки загадувачи можевте да прочитате неделава во нашиот „Утрински“.

Не знам дали некој кај нас забележа дека минатата недела во јужноафриканскиот град Дурбан заврши Светската конференција посветена на климатските промени, предизвикани од неконтролираното испуштање штетни гасови, пред се’, јаглероден диоксид (CO2) што предизвикуваат затоплувања на атмосфера. Бидејќи на оваа конференција немаше (барем јас не видов) некој министер од Владата, кој ќе поведе и некој „новинар“, немавме ниту репортажи во стилот оф роуд-шоу. Бидејќи нашиве „екологисти“ од НВО-секторот, по се’ изгледа, не успеале да земат некој проект од странство за „прошетка“ до Јужна Африка, и нив ги немаше таму, иако „зелени“ имаше скоро од целиот свет. Ниту јас не бев таму, ама тука е интернетот и можеше многу добро да се следи конференцијата.

Најголемите загадувачи на планетава САД, Јапонија Австралија, како развиени држави и Кина Индија и Бразил, како држави во развој останаа на своите ставовите, обвинувајќи се кој повеќе ја загадува атмосферата и ја создава таканаречената стаклена градина. САД и другите развиени обвинуваат дека 55 проценти од гасовите што се емитуваат во атмосферата се од Кина. На ова Кина одговара дека ако се гледа по жител, Кинезите емитираат само 5,5 тоно јаглероден диоксид, Индија – 1,8 тони, додека Американците 18 тони. Е ајде сега најди и’ крај на оваа „весела статистика“. Можеби како успех на оваа конференција е договорено во рамките на ОН да се формира глобален зелен климатски фонд од кој ќе се финансираат најзагрозените држави кои сами не можат да преминат на „еколошки стабилно производство и економија“. Многу е јасно дека зад сето ова стои само економски интерес, поточно профит на една страна, како и самите држави што не сакаат да се фатат за џебот (читај буџет) и да извадат пари за санирање на состојбите. И ако во минатиот век температурата на атмосферата се зголемила само за еден степен, стручњаците предупредуваат дека до крајот на овој век, ако нешто навистина радикално не се преземе, температурата ќе се зголеми за 5 степени. Народот вели – Господ казнува, агностикот ќе рече природата казнува, ама велешани се казнети и по трет пат со пресудата на велешкиот суд.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com