ПРЕСМЕТАНО САМОУБИСТВО НА СУДОТ

Откривање лажен заштитен сведок во високопрофилиран случај е професионална и морална обврска на секој новинар и медиум

Минатата недела по протестот на новинарите пред судот поради продолжувањето на притворот на новинарот Томислав Кежаровски, кој веќе трет месец е во истражниот затвор, судот одговори со соопштение на протестите. Во соопштението беше остро осуден протестот на новинарите кои не бараат ништо друго туку колегата Кежаровски да се брани од слобода. Новинарите и јавноста беа „подучени“ од судот дека протестите претставуваат притисок врз него и неговата самостојност и независност. Не’ подучија дека сите сме „еднакви“ пред законот и не може новинарите да бараат нешто повеќе за себе. Богами, фалеше уште формулацијата „класен непријател“, па соопштението да биде сто проценти во духот на класичните комунистички соопштенија од времето на Александар Ранковиќ.
Само да ги потсетам почитуваните судии на неодамнешното судење во Флорида (САД) на еден „маалски шериф“ Џорџ Цимерман, кој во својата „ревносност“ го уби седумнаесетгодишниот Мартин Трајвон, ненаоружан црнец. За време на судењето пред судот демонстрираа на илјадници граѓани, а откако беше донесена ослободителна пресуда за „маалскиот шериф“ протестите се проширија низ цела Америка, па дури и претседателот Обама имаше свој коментар. Но, никој во судот на Флорида не рече дека тоа е притисок врз независноста и самостојноста на судот и судиите. Кој е ефектот врз стручноста и независноста на судиите и судството кај нас од сите „успешни“ реформи, од Академијата за судии, од безброј обуки, семинари ворк-шопови и не знам што се’ не низ кои поминаа судии обвинители кога вака реагира и судот, ама и обвинителството кое предлага продолжување на притворот.

Не е тајна дека Кежаровски, обвинет за откривање на идентитет на заштитен сведок (во текст пред објавен прец пет години) си го навлече гневот од обвинителството судот ама и од некои државни институции (МВР) откако на местото на несреќата каде што загина Никола Младенов ги најде ливчињата за патарина и тоа три дена откако заврши увидот на сите надлежни институции (суд, обвинителство, полиција) при вакви трагични настани. Дека ова е така се потврдува со фактот дека Кежаровски од истражниот судија бил испрашуван и за своите текстови околу трагичната несреќа на Младенов!? Граѓанинот Кежаровски, како и секој друг граѓанин „еднаков“ пред законот, лежи во истражниот затвор затоа што како новинар достоинствено и храбро го брани уставно начело и негово право да не го открие изворот на информациите кои тој ги објавил во јавноста. И да биде трагедијата уште поголема, како за Кежаровски така и за целиот правосуден систем и правната држава, новинарот открива „заштитен сведок“ кој во суштина бил „обработен“ од страна на поединци во МВР. Со други зборови, открива лажен сведок. И сега наместо судот, обвинителството, полицијата па дури и Министерството за правда да се сконцентрираат и да поведат постапка против оние кои се дрзнале да продуцираат лажни сведоци и тоа за убиство, сега е проблемот во тоа кој е изворот на Кежаровски. Зарем за судот, за јавното обвинителство, за полицијата и воопшто за правната држава не е битно дека со продуцирање на вакви лажни заштитени сведоци се руши интегритетот и довербата на овој значаен институт во целокупната пред истражна, истражна и судска постапка. Откривање на заштитен сведок од страна на новинар и медиум треба да се санкционира, ама откривање на лажен заштитен сведок е тоа е професионална и морална обврска на секој новинар и на медиум.

Зарем процесот против Кежаровски не е директен напад врз слободата на новинарите и независноста на медиумите. Ама таа слобода и независност во суштина кај нас никогаш не сме ја имале а не верувам дека и во скора иднина ќе ја имаме. Во Собранието во тек е постапката за усвојување на двата закони кои го уредуваат информирањето и положбата на медиумите. Да биде иронијата уште поголема и во овој закон начелото и правото на новинарот да не го открива изворот на информации е многу јасно и добро дефинирано. Надлежниот министер во своето обраќање за време на јавната расправа истакна дека целта на двата закони, меѓу другото, е и обезбедување на слободата и независноста на новинарите и медиумите. Со овие закони тоа не се обезбедува, барем не по образецот на оние држави каде што слободата и независноста на медиумите одамна е апсолвирано прашање и каде што се водат жестоки расправи не за принципите на слободата на новинарите туку за примери кога тие принципи се загрозени или се кршат од државата или од други центри на моќ.

Кај нас токму во јавната расправа во Собранието уште еднаш во целост се покажа максималната поделеноста меѓу новинарите и двете новинарски здруженија. Оние самопрогласени новинари патриоти со својата неизмерна државничка гордост и патриотски занес и секако со својот професионален интегритет(!?) во целост ги поддржуваат двата закони и тврдат дека со ова дефинитивно во државата се воспоставува законска рамка која ќе гарантира слобода и независност на новинарите и медиумите, ќе се обезбеди вистински ред во медиумскиот простор и натаму се најдобро до најдобро. Чекор напред од ова прави дамата која јас ја именувам како „прво перо на новинарите патриоти“. Таа бара со законите да се уреди и финансирањето на медиумите со странски донации, бидејќи било потребно да се запре влијанието на меѓународната заедница врз македонските медиуми и новинари.

За „госпожата“ сите оние кои не мислат како патриотите новинари, а во исто време се членови на ЗНМ, претставуваат клонирани соросоиди. Понатаму, таа бара со законот да се воведат новинарски лиценци со кои демек ќе се знае кој е новинар а другите, кои поддржуваат одредени политички групации или бизнис групи, да се регистрираат како пропагандисти, односно лобисти.

Сега почитувани читатели ќе ви одземам малку време и ќе цитирам како ова прво перо на новинарите патриоти пишуваше за конкретна политичка партија во 1999 година во некогашниот неделник „Старт“ ( број 15 од 7 мај): „…оваа партија (СДСМ) има изградено реформистички имиџ. Нема опашки ниту по прашањето на сопствената определба за евроатланските интеграции… Има зад себе минат труд кој во сеќавањето на луѓето за стабилен и спокоен живот буди пријатни спомени наспроти сегашниот кошмар…“

И сега прашајте се сами почитувани читатели какви се тие пријатни сеќавања кои во 1999 буди СДСМ и како тоа во својот минат труд да нема опашки по онаа арамиска приватизација, аферата ТАТ и октоподот на Црвенковски. Кои пријатни спомени по најголемиот изборен фалсификат на парламентарните избори во 1994, армијата невработени…. аман, од убави спомени да почнеш солзи да лееш. Ова е само еден мал сегмент од богатиот опус на оваа „мадам“ која сега бара лиценци за новинари и за пропагандисти. За жал, тоа е нашата реалност а одговорноста за таа наша реалност секако во голема мера е кај политичките елити кои во изминативе 22 години се изредија на власт. Ама треба одговорноста да си ја побараме и кај нас самите, како граѓани. Можеби навистина полека но сигурно созреваат услови за нешто ново, за нови политички субјекти кои ќе бидат во целост спротивно на сегашните и во кои граѓанинот нема да биде само гласач, туку и субјект во процесот на креирањето и реализацијата на конкретни политики.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com