Предвремени избори – завршна слика

 

И така нашата „драмолетка“ која трае веќе 25 години ја започна, да се надеваме, последната слика од чинот кој се вика предвремени избори а кој во суштина започна во 2014 година веднаш по парламентарните избори кога опозицијата не влезе во парламентот. Самиот чин имаше повеќе слики, a богами трае скоро две години. Од онаа првата слика со бомбите на Заев па преку протестите против владата и кампирање со најразлични ивенти пред кичаста владина зграда и контрапротестите „за влада“ во Паркот на жената набиени со патриотизам и секако сендвичи.  И така сликите почнаа да ни се нижат. Пржино 1, па СЈО, па распуштање на парламентот па, укинување на одлуката за распуштање на парламентот па Пржино 2 па ДИК и избирачки список и барање на фантоми за да дојдеме до оваа се надевам последна слика која треба да заврши на 11 декември со кредибилни избори! Инаку во сите овие слики главни актери се четворицата лидери на партиите или подобро речено четворицата јавачи на апокалипсата плус странските амбасадори поточно амбасадорите на САД и ЕУ. Да имавме и нови ликови како што беше Ван Хојте и неговите фамозни мачки.

Нејсе оваа последна слика (да се надеваме дека е последна од овој чин) се одвива во типична фолклорна политканска атмосфера. Да почнеме од листите. Опозицијата пред се СДСМ со ставање на некои личности (професорот Мухиќ) но и изостанување на некои познати имиња (Куновска Сугаревски и други) предизвика збунетост но и јавно изразени негативн реакции како кај своето членство така и кај своите симпатизери. Можеби таа негативна реакција најсликовито ја искажа госпоѓа Каролина Ристова Астеруд која запиша “животот го давам ама глас недавам“ за ваква листа секако ова сватете го фигуративно. Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ нема некои поголеми изненадувања и оди со проверени кандидати посебно кога станува збор за носителите на листи. Навистина ги нема Јанкуловска, Ставревски, Миле и односно ги нема оние кои беа најмногу експонирани во “бомбите“ на Заев. Да го нема и Диме Спасов ама малиот сам си ја уништи својата кариера. Во секој случај листи кои гарантираат континуитет во политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Но во суштина тоа не е ни многу важно. Најважно е да се заштити фамилијата. Секако кога зборуваме за листата на ВМРО-ДПМНЕ се поставува прашањето зошто Груевски како лидер кој досега секогаш ја предводеше листата во првата изборна единица сега се прекомандува во четворката каде што носител на листата на СДСМ е лидерот Заев. Многу ова го оценија дека Груевски бега од пораз во единицата каде што носител на листата на СДСМ е Стево Пендаровски. Мислам дека Груевски кои се покажа како суетен политичар оди во четворката со цел да се соочи со Заев и да го победи што би се рекло на негов терен, односно да ја задоволи својата суета. Ама за ова ќе знаеме на 12 декември. Инаку од понеделник кога и формално почнува предизборната кампања треба да се очекува навистина една од најжестоките негативни кампањи кои ќе одат пред се на целосна дисквалификација на противникот. Секако ДУИ повторно ќе игра на двојазичноста односно на заштитник на Албанската кауза. ВМРО-ДПМНЕ ќе го издигне високо бајракот на македонштината и ќе ги бара тие 63 пратеници да ја спаси државата од „клетите Албанци“ ама и од Заев кој сака да ја федерализира државата. Нешто видено ама по се изгледа сеуште пали кај нас. Но добро е сепак сето ќе трае само 20 дена.

Сепак пред самиот формален почетокот на кампањата се случија неколку работи кои директно покажуваат дека “извршната власт“ има и те како големо влијание врз судската власт. Мислам пред се на она што се случува во Основниот суд Скопје 1 каде што прво еден судија поднесе кривична пријава против претседателот на судот Владимир Панчевски дека вршел притисок каква пресуда да донесе. Потоа и група судии испратија претставка до Судскиот совет обвинувајќи го претседателот за цел куп злоупотреби и притисоци врз судиите но и другите вработени во судот. Интересно, сега Панчевски почнува да се брани демек овие судии секој имал свое дуќанче и чешмичето убаво му течело. Ама ете тој ги затворил чешмичињата и сега судиите нервозно реагираат. И нормално ова сега ќе се спинува во медиумите блиски до власта. Добро ајде да речеме дека е така. Тогаш има уште повеќе причини на претседателот на Основниот суд Скопје 1 да му биде симната судиската тога. Имено ако Панчевски знаел дека овие судии имаат “дуќанчиња“ во кои им тече чешмичето, зошто не ги пријавил во Судскиот совет зошто не поднел кривична пријава до обвинителството и не на крајот зошто досега ова не го соопштеше на јавноста. Или можеби и тој пиел од чешмичињата на судиите и си земал колку треба од дуќанчињата. Со други зборови ако знаел за корупција зошто не пријавил туку кога почна му се ниша претседателската фотелја сега најде да зборува и да обвинува за корупција. Не верувам дека до изборите ќе има разрешница на ова судиска афера но секако ова е само едно поголемо камче од мозаикот кои ќе се полни по изборите. Нормално ако тие се одржат а странците ги прогласат за кредибилни.

Имено како стојат работиве сега ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите! Ама таа победа прво во бројот на пратеници ќе биде далеку од (63) односно она што го зборува Груевски и партиските спинери. Втора работа е коалицијата со ДУИ, кои исто така има сѐ уште најголеми можности за победа во Албанскиот блок но секако со помал број на пратеници од последните избори. И тогаш се отвораат најразлични опции, ама која ќе биде во игра сепак мислам дека ќе зависи не само од изборните резултати туку и од странците. Сите индиции кои доаѓаат од меѓународниот фактор јасно покажуваат дека во еден релативно разумен краток рок кај сегашните политички субјекти ќе има промени кај нивните елити. Мислам дека полека но сигурно сите ќе заминат од политичката сцена. Имено спроведувањето на забелешките на Прибе кои јасно се нотирани и во најновиот извештај на Европската Комисија не оставаат простор за активно присуство на политичката сцена како на Фамилијата на Груевски така и на Семејството на Заев. (секако ова сватете го во политичка а не роднинска врска), ама ниту и на дружината на Ахмети. Односно изборите па без разлика кои ќе бидат победници нема да ја решат политичката криза. За тоа е свесна и меѓународната заедница која пред се поаѓајќи од своите стратешки интереси барем засега ќе оди на тоа изборите да бидат добар старт за започнување на еден процес кој треба до води кон создавања на нормална држава со владеење на правото, со почитување на човековите права и слободи, вистинска парламентарна демократија и функционални државни институции. Тоа актуелните политички елити не можат да го направат. Затоа се потребни други затоа е потребна критична маса како во самите партии така и во општеството во целост. Ако тоа не се случи односно не започне тој процес е тогаш ќе започне друг…..

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com