ПРВАТА СЕРИОЗНА ПОЛИТИЧКА ГРЕШКА НА ВЛАСТА

Ако утре имаме парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ пак ќе добие најмногу гласови. Но, победата, најблаго кажано, ќе биде многу тесна

Денеска (петок 26 декември) христијаните кои го користат Грегоријанскиот календар го слават вториот ден Божик. Честит нека е. Кај нас сите очекуваат што ќе се случат на денешната седница на Собранието, на која на дневен ред се оставките на 31 пратеник од опозицијата. Бидејќи колумнава е пишувана вчера, ми останува само да шпекулирам како ќе заврши денешната седница. Прашањето е дали пратениците (притоа мислам на сите оние кои не го бојкотираат парламентот) ќе го почитуваат Уставот и ќе ја потврдат предлог-одлуката на надлежната комисија и на овие 31 пратеник ќе им се одземе пратеничкиот мандат. Или ќе победи балканскиот политикански фолклор, а ние ќе продолжиме да се занимаваме со „бомбите на Заев“. Странците ќе „верглаат“ за дијалог и пред се’ на Заев и Шекеринска, ама и на власта, ќе им ги „туткаат пред нос“ ЕУ, НАТО, европски вредности и ред други веќе видени работи. Нашиве (власта и опозицијата) пред странците ќе се колнат токму во тие демократски вредности и стратешки цели НАТО и ЕУ, но нема да испуштат да го обвинуваат политичкиот противник дека е поцрн и од „ѓаолот“, што би рекол народот. Лично посакувам денеска сите пратеници (92) да присуствуваат на седницата и да гласаат во согласност со Уставот, законите и Деловникот на Собранието. Мислам дека на таков начин актуелното политичко водство на СДСМ, кое веќе подолго време како вистински зомби лута на политичката сцена, дефинитивно ќе замине во историјата на политканскиот фолклор. Според мене, тоа ќе биде добро за членството и воопшто за избирачкото тело на СДСМ, ќе биде добро за она што се вика вистинска и совремна социјалдемократија, ќе биде подобро за општеството во целост.

Многумина ќе речат – а што со власта? Власта, веќе од првите предвремени избори во 2008 година кога СДСМ доживеа најтежок пораз, се однесува според онаа народната „нашле село без кучиња“. Во минатонеделната колумна посветена на студентските протести, кои за мене се први вистински политички (не партиски) протести навестив, за жал, дека Владата нема да ги земе предвид ставовите и аргументите на студентите, а богами и на многу професори. Опиена од својата моќ акумулирана во овие 8 години, Владата без да ги почитува барем „про форма“ и оние основни парламентарни принципи како што е јавна расправа, измените на Законот за високо образование со кое се воведува екстерно оценување, скриено под плаштот на некаков си квази државен испит ги испрати во Собранието. За да ја покаже својата моќ на еден типичен балкански манир со законот се предвидени и високи парични, па дури и затворски казни, за деканите на факултетите или пак сопствениците на факултетите, ако издаваат дипломи без студентот да го положи „државниот испит“. Зарем ова не е вистинска закана до професорите и отворен напад врз автономијата на универзитетот?

Студентите одговорно и со добро организиран протест, но во истовреме и многу аргументирано докажаа дека сето ова е е рушење на автономијата на универзитетот и нема никаква врска со квалитетот на образованието. Професорите и другиот наставно-научен кадар, сега потпишуваат писмо, односно петиција, со која ја изразуваат подршката до студентите и протестираат против ваквото однесување на Владата. Според мене, ова е некаде на граница на конформизам. Во едно општество со висок степен на демократија и развиена политичка култура вакво писмо секако би имале ефект, ама не и кај нас. Секако не мислам дека сега професорите треба по улици да маршираат или не дај боже да се тепаат со полиција. Ама наместо писмо до Владата нека испратат писма до своите колеги од универзитетите низ Европа и светот и да побараат поддршка. Многу нивни колеги денеска низ цела Европа се на одговорни државнички функции – ќе споменам дека претседателот на Хрватска е професор, премиерот на Словенија, исто така. Нека побараат подршка од универзитетските меѓународни организации и асоцијации. Нека организираат трибини на кои ќе обезбедат учество на свои колеги од странство, односно да ја мобилизираат меѓународната академска јавност и на тој начин да извршат притисок врз Владата. Но од сето ова не верувам дека што било ќе се случи, така што веќе идниот месец екстерното, односно државниот испит, ќе биде дел од високото образование. Уште една победа на контото на „Остваруваме“!

Ама како што веќе напишав Historia magistra vitae est, а историските факти зборуваат дека кога власта ќе влезе во вакви „конфликти“ со студентската и академската јавност можеби на почеток ги добива битките, ама на крајот секогаш била поразена. ВМРО-ДПМНЕ во текот на сите овие години на владеење ја прави првата сериозна политичка грешка која како таква ја перцепира и дел од нивното гласачко тело. Aко утре имаме парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ пак ќе добие најмногу гласови. Но, победата, најблаго кажано, ќе биде многу тесна и пред се’ ќе се должи на фактот дека кај нас нема друг сериозен политички субјект со вистински кредибилитет кој ќе го понуди она основното, а тоа е владеење на правото и почитувањето на принципите на парламентарната демократијата, а не на „доброто работење“ на спин-докторите на владејачката партија, како што беше досега.

Идентично ќе се случи и во албанскиот политички блок, односно ДУИ ќе биде победникот, иако сега се појавува нов (Беса) политички субјект. Ние сме општество кое многу доцни, дури ни со помош на странциве тешко ни одат промени кои обезбедуваат владеење на правото, почитување на човекови права и слободи и практицирање на власта според демократските принципи. ЕУ и САД ги интересира само едно: каква-таква стабилност во државата, а со тоа мир и стабилност во регионот. Се’ друго е во втор план, а ефектите од нивниот ангажман и трошењето на нивните пари најчесто се многу покорисни за странците, отколку за нас како општество и како граѓани. На пример, последната јавна расправа за регулација (закони) или саморегулација во медиумите. Проектот е правен со пари на странци (ако не се лажам, холандската амбасада) носители на проектот познати фаци, демек „големи новинари“, плус активисти во невладиниот сектор. И резултат од сето ова е дека нам ни се потребни закони, а не саморегулатива.

Дури еден од тие генијалци, кој ќе остане запаметен по евтината драматургија на гасење на светлото во една телевизија сега бара и воведување на новинарски лиценци, демек, не можел секој да биде новинар. Ама тие исти фаци, барем поголем дел од нив, пред неколку години во Маврово повторно со странски пари ја „фураа“ идејата за саморегулација и ја заокружија со ново тело, Совет на етика. Сега и тоа не е добро и повторно се враќаме на законска регулатива плус лиценци за новинари?! Сепак студентите и Студентскиот пленум на сите нас ни ја приредија една од вистинските и најквалитетните што би рекле „ворк шопови“. Прашањето е колку политичките елити, колку познатите фаци од невладиниот сектор, колку академската јавност, па дури и ние како граѓани (некои само сеирџии) сфативме и научивме од студентските протести.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com