ПО ТОПЛОТО ЛЕТО – ЖЕШКА ЕСЕН

И во најоптимистичката и во најцрната варијанта, настаните од 24 декември и Комисијата ќе бидат алатката, да не речам оружјето, со кое и во Собранието и, воопшто, во јавноста ќе се пресметуваат мнозинството и опозицијата

Неделава судот во Љубљана донесе пресуда со која се отфрла тужбата против неделникот „Младина“, поднесена од еден пратеник д-р Бранко Гримс (од партијата на Јанша), за навреда и нарушување на неговиот углед и честа. Да биде целата работа „подраматична“, и сопругата на пратеникот, исто така, се чувствувала навредена и доживеала психичка болка, па затоа и таа се приклучила на тужбеното барање. Така, овој брачен пар бара отштета од 120 илјади евра.
Кој е „гревот“ на „Младина“ кој богами според сумата за отштета е бајаги тежок? Имено, „Младина“ во својата сатирична рубрика објави фотографија на овој брачен пар заедно со нивните три деца снимена на една верско-политичка манифестација. И во препознатливиот стил на „Младина“, под фотографијата има коментар, цитирам: „Секој д-р Г не е д-р Гебелс“ и, секако, од архивите е објавена фотографија на Гебелс, неговата сопруга и децата, снимени на некоја нацистичка манифестација. Овој настан го споменувам бидејќи многу е интересно образложението на судот за донесената пресуда со која се отфрла тужбеното барање. Имено, судот врз основа на докази утврдил дека споменатата фотографија пред да ја објави „Младина“ била објавена во други медиуми и печатени електронски и портали кои се блиски до партијата на пратеникот и неговата сопруга. Имало коментари, секако, позитивни, ама ете тоа не им пречело. Дури фотографии на семејството Гримс биле користени како промотивен материјал на неговата партија. Понатаму, судот утврдува дека споредбата е навистина многу остра, но „Младина“ со споменатиот коментар не ја нарушила неговата приватност, ниту, пак, неговиот политички углед, односно е во рамките на слободата на изразувањето.

Е, сега, почитувани читатели, можете ли да си замислите како ваква тужба би завршила кај нас, односно да се прашаме кога нашите судови и судии ќе донесат ваква пресуда. Сетете се само како кај нас завршуваат тужбите против медиумите и новинарите, од оние пресуди против „Фокус“ тешки по 20 илјади евра, па се’ до голготата на Кежаровски. Е, па сега да не чуди зошто Македонија две децении на листата на „Фридом хаус“ е во групата на делумно слободни држави, додека Словенија, иако во последниве две години има мал негативен тренд, сепак, е во групата на слободни држави кога станува збор за независноста на медиумите и слободата на изразувањето.

Ама, да се вратиме на домашната сцена. Иако атмосферската температура, како што велат метеоролозите, е во благо опаѓање, на политичката сцена температурата е во перманентен пораст. Причини, колку ви душа сака. Ајде да почнеме од Комисијата, која треба да ги расчисти настаните од 24 декември. Сите знаеме дека да не беше притисокот од ЕУ, и ден-денеска оваа Комисија немаше да биде формирана, а Брисел, познавајќи ја добро нашата политичка култура и демократскиот капацитет на политичките елити, за да обезбеди какво такво функционирање на Комисијата, кое треба да има своја завршница, ни „инсталира“ и двајца меѓународни експерти. И богами Брисел бил во право, бидејќи реално Комисијата заврши со фијаско, односно со оставка на нејзиниот претседател, професорот Давитковски. И што би рекле – кога водата ни дојде во грло, поточно кога беше јасно дека во октомври ќе добиеме негативен извештај, неделава лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Груевски и Заев, се договорија до денеска (петок) Комисијата да ја заврши својата работа. Бидејќи колумнава ја испратив вчера, пред почетокот на состанокот на Комисијата, ми остануваат само неколку можности. Да верувам во оптимистичките прогнози на претседателот на Комисијата, кој е во оставка, или да верувам во Брисел и во притисокот, кој секако на убав дипломатски начин ќе биде направен врз членовите на Комисијата, односно врз политичките лидери. Ама нема да ме изненади ако, сепак, победи нашата фолклорна политичка култура и низок демократски капацитет.

Нејсе, едно е сигурно. И во најоптимистичката или најцрната варијанта настаните од 24 декември и Комисијата ќе бидат алатката, да не речам оружјето, со кое и во Собранието и, воопшто, во јавноста ќе се пресметуваат мнозинството и опозицијата. Само погледнете што се случуваше во вторникот во надлежната собраниска Комисија на која се води амандманска расправа за новите два закона што се однесуваат на медиумите. На првиот „курцшлус“ помеѓу мнозинството и опозицијата (читај ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) пратениците од опозицијата почнаа со обвинувања „пак ли ќе не’ тепате“, „повторно ли со полиција, а можеби и со војска ќе не’ бркате од Собранието“…

Од друга страна, лидерот на СДСМ, господин Заев, најави дека опозицијата во полн капацитет се враќа во парламентот. Добра паметна и, пред се’, корисна одлука како за опозицијата, така и, воопшто, за парламентарната демократија. Останува да се надеваме дека тој полн капацитет нема да се сведува на обвинувања за настаните од 24 декември, односно опозицијата ќе собере сила и ќе ја надмине онаа веќе банална и помалку веќе истрошена реторика на владејачката партија, која се сведува на „што направивте вие кога бевте на власт“ и „Бранко е крив“. Имено, факт е дека опозицијата, поточно СДСМ, се’ уште во своите редови ја нема онаа критична маса која може да ја афирмира левицата и таа да стане привлечна за избирачкото тело. Токму затоа ако добро ја разбрав минатонеделната колумна на почитуваниот пратеник и „колега колумнист“ Гордан Георгиев, потребни се конкретни идеи, програми и, секако, пожртвуваност за да може граѓанинот да се убеди што е добро за него како индивидуа и, секако, што е корисно за општеството во целост.

Понатаму, тој се осврнува и на класиците на марксизмот, Маркс и Ленин, како и на современите филозофи, како што е Маркузе. Не мислам да полемизирам со ставовите на почитуваниот Георгиев, ама кога го споменува Ленин, би сакал да потсетам на неговото теоретско дело „Империјализмот како највисок стадиум на капитализмот“ во кое Ленин ја развива тезата дека синџирот најлесно се кине каде што е најслабата алка, односно револуцијата е можна само во најнеразвиената капиталистичка држава во тоа време – Русија. Ако оваа дефиниција ја употребиме денеска во нашата политичка реалност, тогаш се’ уште СДСМ е онаа најслаба алка на политичката сцена. Токму затоа се чувствува и потребата и оправданоста од нови политички субјекти кои ќе одговорат, пред се’, на предизвиците на нашата реална состојба, која и на внатрешно поле, како и на меѓународната сцена е далеку од добра.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com