ПОЧЕТОКОТ НА КРАЈОТ

Политичката криза се движи кон кулминација, но тешко е да се предвиди каков ќе биде расплетот. Најважно е да се избегнат црните сценарија

Кога во вторникот вечерта ја гледав онаа млада девојка како храбро застана пред полицискиот кордон (познати како „желки“), наоружана само со својот младешки пркос и успеа да ги запре, за момент ме врати во далечната 1989 и ме потсети на онаа слика од Пекинг што го обиколи светот кога еден човек со кесите в раце храбро застана пред тенк и за момент ја запре целата тенковска колона која беше упатена кон плоштадот „Тјенанмен“ за да ги задуши студентските протести. Како завршија тогашните студентски протести во Кина, сите знаеме.
Ако ја анализираме со методологијата на драматургијата, сега сме во фазата кога нашата политичка драмолетка се приближува до кулминација на заплетот. Да одиме по ред. Прво имавме конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на кој актуелниот лидер Груевски само со еден неважечки глас беше потврден како неприкосновен лидер и доби уште еден мандат. Со ова Груевски пред меѓународната заедница се потврди како еден од клучните играчи за решавањето на кризата. Понатаму ни се случи „Бане, Бане, Враголане“. Верувам дека мојот пријател Фрчкоски нема да ми се лути што го (зло) употребувам насловот од неговата колумна. Ова „враќање“ на Црвенковски има, пред се’, внатрешно-политичка димензија, а богами и самиот тоа го кажа кога вели дека расплетот на кризата мора да си го извојуваме самите ние, граѓаните, а не да чекаме тоа да го направат странците. Па сега останува на двоецот Заев-Шекеринска како Црвенковски и неговите верни следбеници од 20 до 30 илјади (според Фрчкоски) ќе ги вклопат во својата стратегија за рушење на владата на Груевски.

И во овие класични византиски политикантски игри, Заев ја „опали“ бомбата за трагичното убиство на Нешкоски кое се случи во 2011 година ноќта по изборите. Според тоа што го слушнавме од, како што вели власта, „незаконските, креирани, сечени и лепени“ аудиоснимки, јасно се гледа каква ни е организациската поставеност во МВР. Имено, актуелниот министер, госпоѓа Јанкулоска, вели дека шефот на обезбедувањето на премиерот воспоставил паралелен параполициски систем преку кој тој издава наредби, дури и на припадниците на „тигрите“. Понатаму, ако самата вели дека го познава убиецот и дека тој е „без мозок“ и за неа не е изненадување дека тој го сторил убиството, секој од нас како граѓанин утре ќе се праша колку такви полицајци со оружје „без мозок“ се шетаат околу нас. Лично сум запознал многу полицајци и за разлика од министерката, која, ете, познава и такви „без мозок“, јас мислам дека не само што имаат мозок туку знаат и да го употребат кога станува збор за вршење на нивната професионална должност. Кога пукна „бомбата“ околу убиството на Мартин Нешкоски, министерката побрза на прес-конференција да објаснува како брзо и успешно го откриле убиецот и го привеле пред судските органи и затоа таа не чувствува никаква одговорност. Ама таа како да заборава дека, сепак, паметиме дека два дена тоа легално МВР не знаело што се случило со Нешкоски токму поради тој паралелен параполициски систем.

Еве еден пример што значи командна, односно објективна одговорност. Во 1994 година во Клагенфурт, Австрија, беа фатени тројца словенечки полицајци во разбојништво. Тогашниот министер за внатрешни работи на Словенија, Иво Бизјак, (демохристијанин) си даде оставка чувствувајќи објективна одговорност. Подоцна, по предлог на тогашниот претседател на Словенија, Милан Кучан („комуњар“, што би рекла госпоѓа Јанкулоска), Бизјак беше избран за првиот омбудсман. Денеска овој словенечки политичар е директор на Директоратот за правосудство и внатрешни работи во Советот на ЕУ. Ама покрај мозок, интелект и солидно образование, а сето тоа го има госпоѓа Јанкулоска како личност, за жал, како политичар и министер и’ фали чувство за одговорност, ама затоа Господ или природата и’ дал премногу арогантност.

Актуализирањето на овој случај преку „бомбите“ на Заев претставува онаа ударна каписла која треба да води до кулминација на политичката криза. Веќе два дена се одржуваат протести, кои иако барем формално не ги организира опозицијата, сепак се во функција на најавениот масовен протест на 17 мај. Власта многу транспарентно покажува како ќе реагира на протестите. Од целосно ангажирање на сите полициски структури, вклучувајќи ги и специјалните единици, до максимално користење на целокупната техника и опрема кои ги имаат – од водени топови, борбени возила, а да не ги заборавиме и гумените куршуми.

Во целата оваа балканска политикантска ујдурма, две работи мене особено ме загрижуваат. Прво е изјавата на претседателот на полицискиот синдикат кажана во емисија на Телма дека трпението на полицајците е пред крај. Навистина е чудно кога синдикалец, кој сепак е само професионален полицаец, без разлика каков е неговиот чин или позиција, зборува за трпеливоста на полицајците. Полицајците и оние што стојат зад штитовите и држат пендрек в рака не се виновни и не се непријатели на нас, граѓаните. Затоа и оваа изјава ја сметам само како дел од нашата фолклорна политикантска сцена. Но затоа треба сериозно да се сфати изјавата на претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ кој вели дека членството бара да се организираат контрапротести и веќе прават списоци и сами се организираат. Груевски вели дека тоа не е добро и не треба да се случи, бидејќи на тој начин ќе се влезе во сценариото на Заев кој сакал да го „закрви народот“ и насилно да ја преземе власта. Имајќи ја предвид каква е состојбата со медиумите кај нас, СДСМ, односно двоецот Заев-Шекеринска треба да се свесни дека оној обичен граѓанин кој гласал за актуелното мнозинство, а го гледа само јавниот сервис и другите патриотски телевизии, многу лесно си создава перцепција дека сега СДСМ сака насила да ја преземе власта, па нормално е тој да се спротивстави и да го брани тоа за што гласал и верува.

Од друга страна, ако ги следите порталите и весниците кои сами се прогласија за „демократски“, се добива впечаток дека, еве, уште малку ќе ја урнеме оваа „ненародна власт“ и ќе дојдеме ние демократите и ете ја слободата за сите нас. И во една таква реална поделеност на нашето општество, многу лесно може да се изгуби контролата, а со тоа да се остварат и најцрните сценарија.

Затоа, иако колумната ја насловив со „Почетокот на крајот“, не знам каков ќе биде тој. Лично не верувам во демократските капацитети на актуелните лидери од двете страни. Тоа што лично го посакувам е со помош на меѓународната заедница (сами нема да можеме) да победат оние млади луѓе како што беше онаа девојка од вторникот која застана пред кордонот, како што беа оние од Студентскиот пленум. Односно, на сите нам ни се потребни луѓе кои ќе имаат волја и знаење како да ги раздвојат сијамските близнаци, од кои едниот се вика „држава“, а другиот „партија“. Притоа е многу битно во тој процес да се зачува државата како заедница на сите граѓани во која слободно, демократски и преку владеењето на правото ги остваруваме непречено своите индивидуални и колективни права и слободи, но и одговорно ги исполнуваме своите обврски како граѓани. Некои ќе речат дека навлегов во утопизам или, пак, во метафизика. Сепак, јас само ја почитувам старата латинска изрека „Dum spiro spero“ (Додека дишам, се надевам).

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com