ПОУКИТЕ ОД ИЗБОРИТЕ ВО АМЕРИКА И ВО СЛОВЕНИЈА

Наивната навивачка атмосфера во Македонија околу изборите во САД покажа колку е ужасно малку знаеме за американската политика

Кога Америка избира целиот свет гледа. А богами и ние и цело време на кампањата навивавме… се знае, ние сме за републиканците и за поразениот Мит Ромни. Причина? Демек републиканците и секако Ромни биле поголеми пријатели на Македонија, а со тоа и со нив полесно ќе го решиме дваесетгодишниот проблем со нашето уставно име. Замислете, во таа навивачка атмосфера дури и водителот на „Јади гурабии“ (така ние во Дебар Маало велиме за оние кои тресат зелени) во понеделникот ни објаснуваше зошто е подобар Мит Ромни. Дури во некои од домашните медиуми, повеќепати беше пласирано дека Албанците и Грците („демек, душманите“) се за Обама. Глупост до глупост, ако се има предвид дека американската надворешна политика секогаш е долгорочна и се темели единствено на нивните национални интереси, кои се сведуваат на заеднички именител, да бидат играч број еден на меѓународната сцена.
Гледано од наш агол, изборите во САД најблаго речено се „чудни“. Замислете, тие дури не познаваат изборен молк, туку и на самиот ден на изборите, пред се’ преку електронските медиуми, кампањата тече, би се рекло до самото затворање на избирачките места. Таа американска „оригиналност“, ама и прагматичност, се гледа и во случај ако секој кандидат освои ист број на електори или по наше „пата – пата“, тогаш Конгресот го избира претседателот на САД, а Сенатот го избира потпретседателот. Добро е што Америка е далеку од нас. Замислете, како овие правила би функционирале кај нас! Затоа моја скромна препорака до партиските спин-доктори и шефови на комуникациските центри да ги симнат говорите на Ромни и Обама по завршувањето на изборите и да им ги дадат на нашите политички и државни лидери за да видат и барем малку да научат што е државнички говор и државничко однесување.

Претседателски избори в недела ќе имаат Словенците. Во предизборната трка се актуелниот претседател Данило Тирк, потоа некогашниот премиер Борут Пахор (до неодамна лидер на социјалдемократите) и Милан Звер како кандидат на премиерот Јанез Јанша и неговата Демократска партија, и на најмалиот коалициски партнер во владата, партијата Нова Словенија, односно демохристијаните. Верувам дека за ценетите читатели на „Утрински“ би биле интересни некои елементарни статистички податоци кои реално гледано имаат улога во изборите во Словенија, без разлика дали станува збор за претседателски, парламентарни или локални. Прво, Словенија според податоците има 2.050.189 жители. Според податоците на државната изборна комисија, на избирачкиот список има 1.709.692. Во Словенија гласачките ливчиња се отпечатени пред две недели, а од 6 овој месец па до 8 граѓаните можат предвремено да гласаат. Словенија во овие дваесет години никогаш немала проблеми со избирачките списоци. Каква било споредба со состојбите кај нас речиси да не е можна, бидејќи од 2002 година ние немаме попис, а и тој најблаго речено беше „чуден“, а веќе дваесет години го уредуваме избирачкиот список и никако да го уредиме.

И сега за претседателските избори. Актуелниот претседател Данило Тирк на оваа функција во 2007 година дојде како непартиски кандидат, иако тогаш зад него застана партијата Зарес (либералите). И на овие избори тој настапува како самостоен кандидат, но зад него застана најголемата опозициска партија, Позитивна Словенија на Зоран Јанковиќ. Овој врвен експерт по меѓународно право и професор на Правниот факултет во Љубљана има голем меѓународен углед, посебно преку Обединетите нации. Уште во далечната 1974 беше ангажиран како експерт, потоа во самостојна Словенија беше амбасадор токму во ОН, а по завршувањето на мандатот лично на барање на тогашниот генерален секретар Кофи Анан беше на една од четирите највисоки позиции во структурата на ОН. Во изминативе пет години се покажа како претседател кој секогаш знаеше во целост да го зачува својот личен интегритет и самостојноста на претседателската функција визави другите гранки на власта. Токму затоа и денеска во предвечерјето на претседателските избори според сите анкети ужива најголема поддршка на граѓаните и има големи можности во вториот круг повторно да биде избран за претседател.

Борут Бахор, кандидат на словенечките социјалдемократи, на кој познатиот неделник „Младина“ многу одамна му даде прекар „Барбика“, целиот свој професионален живот го има поминато во политиката и досега бил претседател на парламентот, а беше и премиер, но немаше баш многу славен крај, па мораше да оди на предвремени избори кои ги изгуби и денес социјалдемократите во словенечкиот парламент со само десет пратеници се трета политичка партија. Третиот кандидат Милан Звер, исто така, може да се пофали со позначајни политички функции, беше министер за образование во првата владата на Јанша (2004-2008), а беше и европратеник избран во 2009 година. Предизборната кампања, како по традиција, беше повеќе од здодевна. Нема големи собири, нема колони автобуси кои развозуваат „народ“, ама има ТВ-дебати и ТВ-дуели, а во весниците, верувале или не, кампањата е по правило на трета страна.

За словенечката јавност топ тема и понатаму останува економската состојба и стегањето на ременот, кое го најавува владата. Ама и синдикатите не стојат со скрстени раце. За идната недела се најавени големи протести и штрајкови. На последниот, некаде во почетокот на летото, во цела Словенија излегоа над 120.000 јавни и државни службеници. Е, па сега да не чуди зошто Словенија никогаш немала забелешки од ОБСЕ-ОДИХР, зошто е во групата на целосно слободни и демократски држави според „Фридом хаус“ и зошто Словенците, од Клинтон па наваму беа домаќини на сите американски претседатели, на Путин (два пати), британската кралица Елизабета…. , а замислете помала од нас, и како што сега некои наши новинари експерти и политичари велат со поголеми проблеми од нас…. е тоа е Западен Балкан во политичка смисла на зборот.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com