ПОСЛЕДНА ШАНСА

Се добива впечаток дека со помош на странциве кризата се надминува. Ама сето ова е козметика и е многу далеку од она што го велиме за правна држава, владеење на правото, демократија, човекови права

Како што сега стојат работите, странците или поточно меѓународната заедница (ЕУ и САД) ни дале уште една шанса да преживееме како држава и функционално општество. Еве, во Скопје, со помош на белгиски експерт демек има доближување на ставовите околу промените на изборниот закон. Не знам која е улогата на „олеснувачот“ од Белгија, ама на сите многу би ни ја олеснил состојбата ако на нашиве им објасни, односно им олесни, да разберат како, на пример, Белгија, која немаше влада речиси две години, функционираше и како функционална и правна држава и демократско општество.
Колку и да се приближуваат ставовите, не сум убеден дека тие приближувања водат кон правец на демократизација на општеството и департизација на државата (ова е омилена флоскула на опозицијата)! Сега наводно се предлага (официјална потврда нема) ДИК во иднина да биде составена од девет членови, од кои три ќе предлага опозицијата, три власта, а три ќе бидат „независни експерти“. Ако се има предвид „еластичноста“ на нашите „независни експерти“ (кој ќе ги предлага и избира не се знае), јасно е што ќе биде во иднина ДИК, наместо да биде само обично и независно стручно тело кое ги организира и изведува изборите. Барем така е во Европа.

Во некои европски држави, само за време на избори на чело на Изборната комисија доаѓа судија од Врховен или Уставен суд кој во заштита на струката, но и личниот интегритет, нема да попушти ниту за милиметар надвор од законот. Во Европа (барем во демократските држави) политичката култура е на такво ниво што би било вистинско политичко самоубиство ако некој политички субјект врши притисок врз Изборната комисија.

Понатаму се’ уште е на ниво на шпекулација (барем додека ја пишував колумната) дали се договориле за воведување на изборен праг. СДСМ, за жал, како папагал ја повторува погрешната формулација – една изборна единица. „Рака ми отпадна од повторување“ дека нема ниту една држава која има пропорционален систем на гласање и една изборна единица. Напротив, повеќе во зависност од големината односно бројот на гласачкото тело. Во Европа речиси сите држави (освен ние, Португалија и Финска) кои употребуваат пропорционален изборен модел имаат воведено на ниво на држава изборен праг кој од држава во држава е различен. Од Холандија каде што е 0,7 отсто, па се’ до Турција и Русија каде што е над десет проценти. СДСМ, барем досега, не го отворила прашањето со предизборни коалиции, особено не така масовни како што е кај нас, што во суштина е евтина калкулација. Исто така, сега е можност СДСМ јасно да го постави прашањето со оние три пратеници од дијаспората, со што ние сме уникатни во Европа. Фактички, уште една евтина калкулација.

Затоа не треба да се чудиме кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пушта пробни балони како што беше предлогот онаа партија која ќе победи на изборите да добие уште 17 пратенички места и така Собранието да брои 140 пратеници. И оп – на една „дудинка“ се фатија дузина „кленови“, што „експерти“, што „новинари“, што „политичари“. И веднаш предлогот на Груевски беше прогласен за „фашизоиден!“ Зар нашиот јужен сосед, каде што овој модел постои (предлогот не е нешто оригинално на Груевски) има фашизоидна демократија? Во суштина, Груевски кој нема ден да не посети некој дел од државата и на лице место да реши некој проблем, да отвори, на пример, селски водовод и канализација и секако да им вети на граѓаните (читај: избирачите) дека утре (по 24 април) се’ ќе биде подобро ако ВМРО-ДПМНЕ победи, ја работи и опозицијата, што би рекле во Дебар Маало како „бавча“. Мислам дека за Изборниот закон, ДИК и избирачкиот список, со помош на експертот од Белгија, ама и со ситно политичкото калкулирање на опозицијата, ќе добиеме на прв поглед цел куп измени кои ќе бидат само евтина козметика.

Гледам странциве сега се подготвуваат да прават и некакви реформи во „службите“ (читај УБК и Агенцијата за разузнавање). Колку што разбрав, сега во Брисел се размислува дали потребните експерти кои ќе работат на оваа проблематика ќе бидат од Велика Британија, Германија, Франција или некоја друга држава. Јас лично преферирам да бидат од Велика Британија и тоа еден од МИ5, а еден од МИ6 (разузнавање и контраразузнавање) кои ќе ги научат нашиве како се прислушува незаконски ама ако те фатат, да паѓаат глави на министерот, на првите луѓе од овие „демократски“ институции, па богами и некој премиер. Со други зборови, методите на работење на овие служби секаде во светот се исти. Разликата е во воспоставените механизми на контрола врз нив и на политичката култура која владее во едно општество. Тоа не се учи со помош на странски експерти, тоа се создава, но претходно треба да се има барем минимум политичка волја за да започне тој процес.

Додека странците максимално работат, во Берово неодамна со помош на Американци и Германци СДСМ не само што дефинитивно одлучи да се врати во Собранието туку веќе си ги поделија и функциите. Па така, веќе се знае кој ќе биде партиски координатор (Британците би рекле, кој е камшикот), поделени се претседателските места во комисиите кои се резервирани за опозицијата, па дури се зборува и кој ќе биде потпретседател на Собранието. А богами и Собранието е подготвено (мислам, пред се’, на администрацијата и воопшто на целата логистика, од канцеларии до телефони, лап-топови и се’ што е потребно) еден пратеник и пратеничка група да функционира нормално во рамките на еден парламент. Колку и како ќе функционира парламентарната демократија е друго прашање.

И додека ете некако се решава политичката криза со помош на странците, гледам меѓу новинарите-патриоти и демократи вистинска војна. „Демокративе“ му се „пуштиле“ на новинар на Сител познат по својот прекар „Сарма“ дека бил дилер на дрога и пред две години бил условно осуден. За новинарскиот дел на овој „новинар“ на Сител немам ниту еден позитивен збор. Ама не прифаќам вакво валкање по медиумите. Напишав повеќе колумни против еден друг „новинар-патриот“ кој бесеше слики на новинари-„демократи“, односно „предавници“, како што тој ги именува. Затоа да не не’ чуди на кое место сме на листата на „Фридом хаус“. Главната вина е кај власта, ама не е за занемарување и одговорноста на секој новинар, поединец или новинарско здружение.

Како и да е, се добива впечаток дека со помош на странциве кризата се надминува. Дури нема да ме изненади, ако не се случи нешто непредвидливо, повторно да добиеме каква-таква препорака од Европската комисија. Ама, за жал, сето ова е козметика и е многу далеку од она што го велиме како правна држава, владеење на правото, демократија, човекови права. Принципи кои сите нонстоп ги повторуваме и се колнеме во нив. Ама тие не се козметика. Затоа сите овие промени кои се навестуваат нема да отворат простор за вистинско остварување на овие принципи. Односно, ќе „држат“ само до следната криза. Прашање е дали тогаш странците ќе ни дадат нова шанса да правиме држава.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com