ПОРАКИТЕ ОД КАМПАЊАТА НЕ СЕ ЗА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ

Во која друга европска држава имаме ваква кампања за локални избори. Дали може Меркел или премиер на која било влада во Европа да „трча“ по општини на изборни митинзи

Уште една недела остана до локалните избори, но веќе сега може да се рече дека тие, како никогаш досега, покажуваат колку низок е демократскиот капацитет на нашите политички елити, ама и општеството во целост. Се’ она што досега се случуваше покажува колку кај нас правната држава и владеењето на правото се „флуидна категорија“ која може да се шири онолку колку што одговара на политичките елити.
Kако поинаку да се разбере фактот дека рокот за пријавување на кандидати за градоначалници и советнички листи се продолжуваше на два пати и тоа само поради ступидниот бојкот на опозицијата. Како да се разбере фактот дека според законот за избори, од утврдена советничка листа не може да се повлече кандидат по ниеден основ, дури, не дај Боже, ако починал. Ама, ете, доживеавме во Струга и Кичево да бидат повлечени цели утврдени советнички листи на ВМРО-ДПМНЕ и на нивно место да бидат поднесени нови заеднички листи со СДСМ. Демек Кичево (ние Македонците) не го даваме, а Струга повторно ќе ја освоиме. И албанските партии, навистина со помала помпа тргнаа во освојување на функцијата градоначалник во Кичево, потоа заедничка листа за Битола и така натаму.
Како граѓанин и како Македонец се прашувам од кого браниме и кого ќе освојуваме!? А би сакал и Албанецот-граѓанин да си го постави истото прашање. За жал сето ова ја покажува реалната етничката поделеност на нашето општество. Лично не верувам дека вакви коалиции врз етничка основа можат да донесат нешто подобро за граѓаните во Кичево, Струга или воопшто за сите нас. Во суштина овие локални избори, според она како се одвива кампањата, многу повеќе личат на нашите (фолклорни) парламентарни избори.

Да почнеме од фактот дека шеф на централниот изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ е министер ( за здравство). Понатаму, уште неколку министри се распоредени како шефови на изборните штабови по скопските општини. Тука се големите митинзи, автобуси кои развезуваат членови на партии и симпатизери ширум државата со многу присутна партиска иконографија, а ново е можеби химната која има „мали“ авторски проблеми. Се создава виртуелен впечаток дека носител на сите листи за советници и кандидати за градоначалници е лидерот на партијата и премиер Никола Груевски. Во своите говори најголем акцент се става на жестоки нападите врз опозицијата, повеќе зборува за успесите на актуелната влада отколку за локалните прашања и проблеми.

Опозицијата бидејќи веќе одамна ја нема централната власт не може да се фали со некакви успеси, па сега на локалните избори оди со слоганот

„Гласај за иднината“. Една мала трагикомична дигресија – веќе неколку години имаме акција „Засади ја иднината“ (формално владина, фактички на ВМРО-ДПМНЕ), а сега на локалните избори опозицијата не’ повикува да „гласаме за иднината“. Се плашам дека иднината на сите нас се’ повеќе ни венее и немаме некаква светла иднина, барем не со овие политички елити. Лидерот на СДСМ и на здружената опозиција Бранко Црвенковски, кој одамна е политички истрошен, во своите настапи со иста жестина зборува за авторитарниот режим нa Груевски кој треба да се урне. Испраќа политички пораки спакувани во некаква демократска обланда, а многу малку зборува за суштината на локалната самоуправа. Во која друга европска држава имаме ваква кампања за локални избори. Дали може, на пример, Меркел или премиер на која било влада во Европа да „трча“ по општини на изборни митинзи. Дали може министри на актуелна влада да бидат шефови на изборни штабови!? Ниту таму тоа не е забрането со закон ама таму владее висока политичка култура почитување на демократските принципи.

Во албанскиот политички блок ништо ново или различно од македонскиот. ДУИ после „успешно спроведена“ интеграција на Албанците во општеството, како и својот придонес во евроатланските интеграции на државата, сега се покажува и како добра туристичка агенција, односно туроператор. Па, така, за изборите организира чартер летови со кои ќе се носат гласачи од дијаспората. Дури градоначалникот на Чаир заедно со заедничкиот албански кандидат за градоначалник на Кичево отидоа во САД кај тамошната албанска дијаспора да бараат поддршка и помош. Таму кандидатот за градоначалник на Кичево во својот настап (барем она што го видовме на интернет) воден од определбата да го „освои Кичево“ неговата победа во Кичево би претставувала остварување на желбите на Албанците од Тирана преку Струга, Кичево па се’ до Куманово. Е ако тоа не етничко заокружување на територија тогаш што друго да би било.

Неговиот колега и „соборец“, сегашниот градоначалник на Чаир и по се’ изгледа и иден, во обид да го оправда својот партиски колега вели дека погрешно сме разбрале, изјавата била извадена од контекст. Само да потсетам, до вчера се зборуваше за некакво културно обединување, односно албански културен простор, секако со Тирана како центар, преку Косово и Западна Македонија, а еве сега имаме јазично заокружување со исти географски координата. Изгледа бргу се заборави дека овие културни, јазични и уште не знам какви заокружување и обединување, неодамна Европската унија, но и САД, многу директно и јасно ги квалификуваа како националистички и го предупредија албанскиот премиер Сали Бериша дека станува збор за изјави опасни за стабилноста во регионот.

Во овој балкански политички фолклор посебно место и улога имаат невладините организации. Многу од нив сега тријат раце бидејќи ќе капне некоја пара. Не кријам дека секогаш сум бил критичен, па дури и отворено против домашниот невладин сектор од причина што за сите овие години направија многу голема штета во развивањето и етаблирањето на она што се подразбира како граѓанско општество. Нивната улога во сиот овој политикантски фолклор многу точно ја опиша господин Зеколи во својата колумна во „Утрински“ во понеделникот. Затоа си земам слобода да го цитирам. „Уште помизерна е традиционалната глетка на ухранетите НВО претставници, собрани на градскиот плоштад, недалеку од омиленото монденско кафуле или пак на бреговите на Охридското езеро или Мавровските падини. Две реченици осуда, три реченици поплака, четири реченици самопромоција, пет реченици мулти-култи и – работата е завршена“.

И што сега? Да ја прифатиме реалноста со оправдување – добро, де, ќе поминат изборите. Да чекаме по изборите опозицијата на чело со БЦ да ја стартува старата „лада нива“ и да продолжи „Отпорот“ бидејќи со сигурност нема да го освојат оној еден глас повеќе?!! Предлагам да ги реализираме слоганите на ВМРО-ДПМНЕ („Македонија се сака со дела“) и на СДСМ („Гласај за иднината“) Како? Мислам дека има само еден начин. Со голема апстиненција на гласачите, односно одѕив под 40 проценти, јасно ќе пратиме порака до политичките елити дека или ќе се менуваат или … Знам многу од читателите на нашиот „Утрински“ ќе речат дека „сум откачил“. Добро, ама дозволете ми да бидам поблаг и оваа идеја да ја оценам како остварлива за жал во некое друго општествено милје. Кај нас оваа е само утопистичка идеја, која можеби го надминува и утопизмот на Сен Симон.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com