ПОПИС СО БАЛКАНСКО ПОЛИТИКАНТСТВО?

И по 20 години независност, ЕУ не’ учи да прифатиме дека пописот не е дневна политика. Резил за сите нас

Пописот на населението, домаќинствата и за становите во прв ред е обемно статистичко истражување што се врши во сите држави во светот, а по правило се прави во одредени временски интервали, но не подолги од десет години. Веќе одамна пописот на населението е и обврска за секоја држава членка на Обединетите нации. Податоците од пописот собрани и обработени и, според меѓународно утврдена и прифатена методологија и критериуми, треба да се достават до ОН. Резултатите од пописот во секоја држава (нормална и уредена) се еден од основните столбови за креирање и за водење најразлични политики. Од демографијата преку образованието, вработувањето, социјалната политика, здравство, па ако сакате и инвестициски или други политики од сферата на економијата и економскиот развој.

На територијата на Република Македонија од Втората светска војна се одржани осум пописи на населението. Во 1991 година (по успешниот референдумот за независност) во Македонија се направи попис на населението, ама тогаш поради бојкотот на албанското население тој, едноставно речено, пропадна. Фактички, првиот попис во самостојна Македонија се одржа во 1994 година, а последниот во 2002 година. Сите овие пописи беа проследени со многу вжештена политичка сцена, и тоа преку меѓунационалните односи. За жал и за овој попис ни се случува истото. Прво беше одлучено ( со закон) пописот да се одржи пролетва, ама и тогаш имаше жестоки отпори, пред се’, од албанските партии што беа во опозицијата. Тогаш се бараше пописот да се одржи во август кога нашите гастарбајтери доаѓаат од гурбет дома. Добро што тогаш се отиде на вонредни избори, па оваа жестокост се насочи во предизборната кампања, а пописот се одложи за октомври

За жал, и сега политичката сцена повторно се вжештува. Сега причината е дали граѓаните (мнозинството се Албанци) што живеат надвор од Македонија ќе се попишуваат. Според Законот, тие нема да се попишуваат. Албанските политичари, без разлика дали се од власта или од опозицијата, на ова се спротивставуваа и велат дека тоа не е така и дека и тие државјани на Македонија ќе бидат опфатени со пописот. Лидерот на ДУИ Ахмети деновиве нонстоп повикува пописот да не се политизира, ама во ист здив и тој додава дека и тие наши сограѓани ќе бидат попишани. Навистина, како мисли господин Ахмети да се избегне дневната политика со вакви изјави? Јасно е дека станува збор за некаков ирационален страв кај албанските политички елити дека ако на пописот излезе албанското население кое кај нас е под дваесет проценти, тогаш паѓа и Охридскиот договор и се’ она што е преточено во уставните амандмани и закони, вклучувајќи ги и оние најновите за јазикот и знамињата. Овој „страв“ е ирационален бидејќи стекнатите права на една етничка заедница не смеат и не можат да се стеснуваат или редуцираат врз основа на квантитативни демографски показатели. Верувам дека македонскиот политички блок и актуелните и идни политичари ја имаат научено лекцијата од 1991 година кога со Уставот реално ги стеснивме правата на албанските сограѓани и дека ниту сега ниту во иднина нема да си играат со етничките права и соживот.

Во оваа политикантска балканска турлитава или подобро речено босански лонец е и „рекламата“ која ја видов на телевизија Едо, а е посветена на мобилизацијата на македонски граѓани на претстојниот попис да се декларираат како Бошњаци. Во рекламниот спот учествуваат, нема да верувате, двајца странци: поглаварот на Исламската заедница на Босна и Херцеговина и муфтијата од Нови Пазар (Србија) плус македонскиот граѓанин професор д-р Ферид Мухиќ. Муфтијата од Нови Пазар инаку познат по својот радикализам ги повика жителите од селата Ростуша, Скудриње, Јанче, Велебрдо, па се’ до Лабуништа, односно наброи околу 20 села и градови, на претстојниот попис да се декларираат како Бошњаци. Тоа што станува збор за села каде што живеат Македонци муслимани, односно торбеши, што би рекол господин Фијат Цаноски, кои освен верата немаат ништо друго заедничко со Бошњаците, за овој висок претставник на исламскиот клер не значи ништо.

На крајот и за рекламниот настап на д-р Мухиќ. Во својот краток квазифилозофско-историски трактат Мухиќ со својата професорска сувереност ги подучува Бошњаците во Македонија дека тие се еден од најстарите европски народи и култури! „Нашата нацоналност е Бошњак, нашиот јазик е бошњачки, а нашата вера е исламот“, го завршува својот филозофско-религиозен и историски рекламен спот овој професор. Само едно прашање за д-р Мухиќ: Дали само две третини или можеби воопшто не може да биде Бошњак човек што се чувствува како Бошњак, што зборува бошњачки јазик, ама кој е да речеме атеист или агностик, а зошто да не и христијанин, како што сигурно биле прадедовците на многу Бошњаци. Сега сум во дилема дали и професорот Мухиќ, познат по своите залагања за граѓанско општество, кој така остро ја критикуваше анитквизацијта во Македонија, се заразил од тој антички вирус, па така себеси и својот народ ги прогласи за еден од најстарите народи и култури во Европа. Ашколсун, хоџа Мухиќ.

Зарем и по 20 години независност странците од Европската унија и експертите на ЕУРОСТАТ, кои веќе се тука, ќе треба по кој знае кој пат да не’ учат и убедуваат, и на крајот, сепак, да прифатиме дека пописот не е дневна политика. Резил за сите нас.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com