ПОЛТРОНИ ЈА ЗАДУШУВААТ ДРЖАВАТА

Никовски, дефинитивно, сфатил дека е само за една употреба, па сега се обидува да го поврати својот вештачки надуен рејтинг со тоа што ќе го нападне претседателот на Собранието

И така го прославивме 8 Септември онака по наше, транзициски, и со сите наши фолклорни политички манири. Опозицијата (и македонската и албанската), која го бојкотира Собранието, ја бојкотираше и свечената академија која ја организираше државата, поточно Владата, како и другите манифестации кои беа организирани од државата. Со тоа што македонската опозиција си организираше своја прослава сакаа да порачаат дека тие го почитуваат датумот како историски факт, ама не ја почитуваат и признаваат актуелната влада и власт. Браво опозиција, ако воопшто можеме да зборуваме дека во државата имаме опозиција.
Но тука не завршуваат нашите фолклорни политички манири. ДУИ како коалициски партнер, исто така, ја немаше на централната прослава која се одржа во Театарот. Барем да дојдеше некој од пратениците на ДУИ имајќи предвид дека на свечената академија зборуваше претседателот на Собранието. Се прашувам зошто овој бојкот на Денот на независноста, 8 Септември, од ДУИ. Нели се за целосна интеграција на македонското општество, за европски вредности. Ако е така, ако се коалициски партнер, а не само за тендери, како што вели почитуваниот Зеколи, тогаш требаше да присуствуваат на свеченоста.

Од друга страна, не знам дали забележавте дека во Скопје на некои места беа поставени три знамиња, и тоа: македонското, албанското и знамето на град Скопје. На други улици само македонското и знамето на Скопје. Ако ДУИ го бојкотира празникот 8 Септември, тогаш зошто поставува албански знамиња? Некој ќе рече дека сум против албанското знаме. Не ми пречи ниту едно знаме, ама кога на државни празници во мојата држава на јавни места се истакнуваат знамиња на која било друга држава ми пречи. А албанските партии манипулираат со државното знаме на Албанија. Аман доста со тие евтини манипулации. Најдобар пример за ова е Косово, каде што Албанците се мнозинство од 90 отсто, па имаат свое знаме и само тоа се истакнува пред државните институции и кога имаат државни празници, а не знамето на Албанија. Ако пред повеќе од 15 години јавно пишував и зборував дека со Уставот од 1991 година на Албанците најблаго речено им беа стеснети нивните права кои ги уживаа со Уставот на СР Македонија од 1974 година, ако пред локалните избори во една од колумните јавно прашав од кого македонските партии ќе го бранат и нема да го дадат Кичево кога од „другата страна“ се само нашите сограѓани и вековни соседи Албанци, сега имам право отворено да кажам зошто ми пречат манипулациите како со албанското државно знаме така и со однесувањето на ДУИ како коалициски партнер. Со кого и за каква интеграција се залага ДУИ?

И како капак на ова фолклорно однесување по повод одбележувањето на 8 Септември, односно 23 години од независноста и самостојноста на Република Македонија е отвореното писмото на Ристо Никовски упатено до претседателот на Собранието Трајко Вељаноски со наслов „Вељановски, знаете ли вие да броите?“ (патем, сте го утнале и презимето, а како искусен дипломат треба да знаете дека тоа е голема грешка).

И да не ве давам, почитувани читатели, со целата содржина на ова писмо кое е полно со небулози и ординарни глупости, суштината, според Никовски, е во тоа што Вељаноски како претседател на Собранието на свечената академија во својот говор нонстоп зборувал за 23 години независност и самостојност, а требало да каже дека 70 години Република Македонија постои како независна и суверена држава, односно од 1944 година, од заседанието на АСНОМ. За Никовски, Вељаноски намерно прави ваква грешка, бидејќи, демек, Вељаноски имал проблеми додека живеел во федерацијата, односно „не можел да го свари поранешниот систем“. Ама, според Никовски, тоа не му дава право на Вељаноски да ни ја менува историјата. И затоа Никовски бара политичка одговорност од Вељаноски. Ни на крај памет не ми доаѓа јас да бидам адвокат на Вељаноски (во федерацијата, додека Никовски правеше дипломатска кариера, Вељаноски студирал право, полагал правосуден испит и отворил адвокатска канцеларија).

Преку глава ми се вакви написи и полтрони. Да го потсетам Никовски дека пред 8 Септември целиот град беше облепен со паноа на кои јасно пишуваше 23 години од осамостојувањето на Република Македонија. Понатаму на 2 Август оваа година претседателот на државата Иванов во своето обраќање пред споменикот на Ченто во Скопје рече: „По повеќе од 100 години сон за независност имаме 23 години независност. Ако можеме да кажеме дека сме имале континуитет на сонот за слобода, сега можеме да кажеме дека го имаме континуитетот на слободна, независна Македонија“. Ама Никовски изгледа не го слушнал овој говор или, пак, како надворешен советник на претседателот нормално е да не го критикува својот шеф. Минатата година на истата манифестација по повод 8 Септември зборуваше Иванов и тогаш меѓу другото рече: „Денес, на 8 Септември, го славиме 22. роденден на независна, самостојна и суверена Република Македонија. Го славиме во нашиот дом, дом изграден на камен, куќа подигната врз три Илиндени“. Никовски изгледа и ова го преспал.

Ајде понатаму. На 2 Август 2013 година, на Мечкин Камен зборува премиерот Груевски и меѓу другото ќе рече: „Споменот на првиот и на вториот Илинден помогнаа и на 8 септември 1991 година македонскиот народ и националностите да се определат за независност, сувереност и самостојност на Република Македонија…“ И ова го преспавте и не сте го слушнале, господине Никовски. Можеби сте слушнале како на 8 септември 1991 година Киро Глигоров ги соопшти резултатите од референдумот? Ви препорачувам да го прочитате говорот на Вељаноски оваа година на Мечкин Камен, односно пред три години во Пелинце… Навистина се прашувам, зар е можно на еден „кариерен дипломат“ по 23 години да му се запали светилката и, конечно, да сфати дека некој ја фалсификува нашата историја. Сигурно не.

Ова мене ми личи дека Никовски, кој дефинитивно сфатил дека е само за една употреба, сега се обидува да го поврати својот вештачки надуен рејтинг со тоа што најгрубо ќе го нападне претседателот на Собранието. Ама ни збор за претседателот на државата и премиерот, кои, исто така, ја „фалсификуваат историјата“. Народот вели – ако не можеш по магарето, удри по самарот. Замислете дури Никовски се фали, односно се заканува дека ова отворено писмо ќе биде предмет на анализа на дипломатите, особено на оние кои се непријатели и не сакаат оваа држава да постои. И на крајот вели: „Од странците некако ќе се спасиме. Од самите себе…“ Точно господине Никовски, од такви како што сте вие ќе треба еднаш засекогаш да се спасиме.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com