ПОЛИТЧКА ЛАВИНА

Ако навистина сакаше да го заштити интегритетот на републичкото јавно обвинителство во државава, Марко Зврлевски требаше веднаш по донесувањето на Законот за специјално обвинителство како израз на протест да си даде оставка, а не сега да се расфрла со политикантски изјави

Во минатата колумна напишав дека разликите околу изборниот законик, потоа избирачкиот список, како и за составот и функционирањето на ДИК , ќе ги „испеглаат“ странците (Брисел и САД). И тоа се случи, како што во средата изјави олеснувачот, белгискиот експерт Питер Ванхоуте постигнат е договор околу Изборниот закон, додавајќи дека една партија „разочарана“ поради непочитување на Законот за специјален обвинител ги напуштила преговорите. И „монтираната“ „креираната“ и уште не знам каква, политикантска лавина тргна. „Разочараните“ (СДСМ) изјавуваат дека поради кршењето на договорот од Пржино, а се однесува на случувањата со специјалниот јавен обвинител, се повлекуваат од преговорите на консултации во партијата! „Задоволните“ (читај ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) пред камерите се обидуваат да ја манифестираат своето задоволство и ајде да речеме, победа. Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ изјавува дека изборниот модел останува ист, дијаспората ќе гласа и ќе има свои три пратеници, ама наместо три изборни единици во дијаспората сега ќе имаме една. Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ уште сега на свое конто може да си укнижи три пратеника без разлика кога ќе бидат идните избори. И не се заборава да се нападне одлуката на СДСМ дека во суштина опозицијата бега од избори бидејќи се плаши од граѓаните! И во ДУИ се задоволни. Како што изјави Артан Груби, било договорено ДИК во иднина да одлучува со консензус, односно „Македонците ќе мора да ја имаат поддршката од албанските членови на ДИК за да се донесе одлука“, односно, според ДУИ ова е еден вид бадинтеровото правило и голема победа за нив!?

Ајде да „креираме“ една можна ситуација во ДИК по идните избори во април (ако се одржат тогаш). Една политичка партија, еве нека биде ДУИ, поднесува приговор дека во втората изборна единица на избирачкото место со број „НН“ при броењето дошло до неправилности и претставникот на партијата не го потпишал записникот. Се гласа во ДИК и еден претставник на друга албанска партија не ги прифаќа овие поплаки и гласа против? И што сега? Токму тоа го заборави да го каже господин Груби. Според постигнатиот договор и „разочараните“ и „задоволните победници“ се договориле во тие примери (кога нема консензус) да решава Управниот суд. А како се стануваше судија на Управниот суд? Види во објавените бомби на Заев.

Во средата по одлуката на Советот на јавни обвинители, со која е преполовен бројот на помошници на Катица Јанева тргна креираната политикантска лавина. Претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски, во својата изјава се обиде да ја оправда одлуката со обемот на работа на специјалното обвинителство, па седум помошници ќе може да ја свршат работата. Пред камерите тој изнесе фрапантни податоци за состојбите во државното јавно обвинителство. Така, јавното обвинителство во Гостивар е пред колапс, а слично е и со обвинителствата во Кичево, Битола и така натаму, а ете Јанева бара 14 помошници!?

Во ред, ама зошто досега претседателот на Советот за ова не излегол пред јавноста. Вели дека три пати се обратил до Министерството за правда, за што досега јавноста не знаела. Ако Советот на јавни обвинители „самостојно“, „независно“ и „храбро“ одлучи да го преполови бројот на помошници на Јанева, каде е храброста да побара одговорност од надлежниот министер, па и негова оставка за состојбите во Државното јавно обвинителство.

Специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека не се откажува од својот комплетен тим и многу децидно рече дека Советот грубо го прекршил Законот за формирање на специјално јавно обвинителство. Тоа што ми се допадна беше нејзиниот повик до медиумите и новинарите да помогнат, односно да бидат од „нејзиниот тим“, а со тоа, како што рече, во Македонија да завладее правото и правната држава.

Во овој обид за „торпедирање“ на специјалното јавно обвинителство се вклучи и државниот обвинител Марко Зврлевски. Секако, најголем одѕив има изјавата на Зврлевски дека специјалното обвинителство е политичка творба и донесениот Закон со кој СЈО е формирано, а Катица Јанева, е избрана за специјален обвинител е противуставен акт. А обвинителство, на чие чело е тој, бил вистински независен и професионален и единствен законски орган.

Јас лично би му верувал на господин Зврлевски ако оваа своја изјава ја дадеше пред еден месец. Зарем заборава Зврлевски дека за овој Закон во Собранието се гласаше со консензус на сите политички партии, а госпоѓа Катица Јанева е избрана исто така со политички консензус. Зврлевски сега навестува дека ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста на Законот за специјалното Обвинителство. Ако навистина сакаше да го заштити интегритетот на републичкото јавно обвинителство, ако сакаше да го заштити дигнитетот на сите јавни обвинители во државата, ако сакаше да го заштити функционирањето на правната држава, Марко Зврлевски требаше веднаш по донесувањето на Законот во Собранието како израз на протест да си даде оставка, а не сега да се расфрла со политикантски изјави. Една таква иницијатива има поднесено до Уставниот суд адвокат од Свети Николе. Секако, тоа е „сторено самоиницијативно“ и во правец на заштита на уставноста и „правната држава“.

И што сега? Веќе во првите реакции на странците (САД и Брисел) јасно е изразено незадоволството од ваквата „самостојна“ одлука на Советот на јавни обвинители, како и „стручната оценка“ на Зврлевски дека Специјалното јавно обвинителство е политичка творба. Затоа убеден сум дека „странците“ (САД и ЕУ) нема да останат само на овие првични соопштенија, туку ќе преземат и други мерки и чекори. Самите ние го забрзуваме нашето тонење како некоја хермафродитна творба помеѓу држава и протекторат. Засега е впечаток дека странците не’ држат за коса да не пропаднеме.

Мислам дека и на посетата на Заев на Израел, која секако не е плод на меѓународните активности на СДСМ (мора да се каже дека е успешна за Заев како лидер, но и за партијата), треба да гледа во определбата на странците за расчистување со веќе познатата афера околу прислушувањето и се’ она што произлезе од неа и враќање на довербата во државните институции. Затоа политичката лавина нема да ја запре ниту политичката ниту правната разврска на сегашната криза. А убеден сум дека главните играчи на политичката сцена и нивните најблиски секако ќе бидат однесени од оваа политичка лавина. Едни во политички заборав, а други…? Сепак, да ја почитуваме пресумпцијата на невиност.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com