ПОЛИТИЧКИ ЦИРКУС

Се има впечаток дека медијаторот Питер Ванхауте е единствениот кој на договорот од Пржино гледа како на документ што содржи цел куп обврски, кои ако се исполнат, корист ќе имаат граѓаните

Вчера кога ја пишував колумната (10 декември) светот го одбележуваше Денот на човековите права и слободи. Во 1948 година во ОН на 10 декември е усвоена Повелбата за човековите права и слободи кои со раѓањето му припаѓаат на секој човек. Зошто го споменувам ова. Кај нас, колку што видов во прегледот на настани кои го објавува МИА, само на Правниот факултет ќе се одржи конференција посветена на медиумите и човековите права, и толку. Значи кај нас кога станува збор за човековите права и слободи се’ се сведува на медиумите! Нема да зборувам за владеењето на правото, за правна држава, за еднаквост пред законот, ама да прашам каде е моето право да дишам чист воздух. И додека сите се задушуваме поради аерозагаденоста, а Тетово, Скопје, Кичево… се најзагадени градови во Европа, ние се занимаваме со веќе одамна поминатиот рок за избор на тројца „експерти“ со што дефинитивно ќе се формира Државната изборна комисија и таа да почне да работи според одредбите од договорот од Пржино за да може во април да се одржат фер, демократски и уште не знам какви избори! И ајде чесно да се прашаме, ако воопшто кај нас остана воопшто нешто од чесноста. Дали со ваквото натегање помеѓу четирите партии да се изберат тројцата „експерти“ како членови на ДИК во суштина се покажува дека многу поважна е партиската припадност или блискост на овие „експерти“ отколку нивниот експертски и стручен бекграунд. Не сакам да грешам душа, ама освен колегата Горан Трпеновски, кој како новинар досега има безброј новинарски написи за речиси сите изборни циклуси, го следел работењето на ДИК, на странските набљудувачи, извештаите на ОБСЕ-ОДИХР, од другите кандидати не најдов ниту една реченица јавно напишана околу изборното законодавство, изборните модели и слично. Ако не друго, јас сум убеден дека овој кандидат барем го прочитал изборниот закон, го прочитал Деловникот за работа на ДИК и ги познава изборните модели кои денеска се присутни во Европа. Како и да завршат преговорите околу изборот на експертскиот дел, ДИК веќе со овие преговори помеѓу големата четворка се исполитизира, а во исто време токму партиите го рушат нејзиниот кредибилитет.

Во сето ова што ни се случува, одлично се вклопува и гостувањето на „циркусот“ под име Анкетната комисија. Уште една обврска од споменатиот договор. Првата седница траеше кратко, поканетиот сведок, премиерот Груевски, не дојде на седницата, бидејќи беше во посета на Израел. И циркусот започна. Со заемни обвинувања на самата седница која траеше кратко. Опозицијата со целата своја самоименувана демократска, ама навистина малубројна, но сепак гласна медиумска поддршка, обвинува дека Груевски бега од „соочувањето со вистината“. Од друга страна, самопрогласените патриотски медиуми со контраставови: „Заев е тој кој бега од соочувањето со вистината и не се појавува на судските рочишта“. Во суштина, и Анкетната комисија уште пред да почне да работи се трансформира во најгруба алатка за да се набилда сопствениот (партиски) рејтинг, а од друга страна да се оцрни што повеќе политичкиот противник.

Навистина, Груевски не дојде на закажаната седница на Анкетната комисија, но вистина е и фактот дека претседателот на Анкетната уште пред четири дена бил (усно) известен дека Груевски оди во Израел. И тука во суштина се гледа онаа балканска фолклорна политичка култура, па ако сакате и суетата на нашите политичари. Имено, би било нормално (барем во колку-толку уредени држави) ако некој од кабинетот на Груевски со допис до Анкетната комисија го известил претседателот на комисијата дека Груевски ќе биде отсутен. Од друга страна, барем за мене ќе беше многу поефектно ако Шилегов во почетокот на седницата пред десетина камери и новинари кажеше дека Груевски е во Израел, дека бил усно за ова известен како и за фактот дека Груевски најавил ќе дојде да сведочи в понеделник на 14 декември. Во исто време, тој требаше да ги „замоли“ присутните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да го опоменат Груевски и неговиот кабинет дека со Собранието, а тоа значи и со Анкетната комисија, се комуницира официјално и писмено, а не неформално и усно. Ако не знаат, тој како правник се нафаќа да им одржи еден „шнел“ курс за тоа. И потоа мирно да ја затвори работата на комисијата.

Ама вакво нешто за нашиве политичари е оддалечено со светлосни години. За жал, кај нас за нашите политички елити е „поисплатливо“ да прават политикантски циркус, кој откако максимално ќе го спинуваат медиумите, го прифаќаме ние граѓаните и на социјалните мрежи започнува пресметката меѓу нас. Затоа нашето општество е максимално аполитизирано, но максимално поделено. Велам аполитизирано од причина што слепо им се верува и се следат политичките елити и лидери без критички да размислиме за нивните потези или изречени ставови. Апсурд кој е можен само кај нас. А странците, кои одамна ни го извагале умот едноставно си прават со нас најразличи експерименти, но во исто време внимаваат да се зачува мирот и меѓуетничката стабилност, а со тоа и стабилноста во регионот.

Но да се вратам на договорот од Пржино и неговата имплементација која се одвива на наш фолклорен начин. Се има впечаток дека медијаторот Питер Ванхауте е единствениот кој на договорот од Пржино гледа како на документ кој содржи цел куп обврски, кои ако се исполнат, корист ќе имаат граѓаните. Односно, на сето ова гледа како на процес кој ќе трае и преку кој државата ќе се врати на патот кој сама го трасирала, а тоа се евроатлантските интеграции. Но другите актери (големата четворка) на ова гледаат само како на можност да се остане на власта, односно да се освои власта преку договорот од Пржино. Токму затоа Груевски и во последното јавно обраќање по повод денот на свети Климент повторно се повикуваше на народот: „Ова е наша земја и наша ќе остане. Народот решава. Нема бегање“. Секако, при тоа не пропушти да ја обвини опозицијата, а пред се’ СДСМ, дека нема чувство за националните и државотворните интереси… Изјава која барем мене ми прозвучи како уште еден обид да се охрабри не само членството туку и себеси заедно со најблиските соработници.

И така, времето си поминува, „политичкиот циркус“ кој од поодамна гостува кај нас, си ја продолжува својата претстава. Денеска (четврток) се шпекулира дека олеснувачот Ванхауте ќе ги замрзне преговорите околу ДИК, а ќе ги „одмрзне“ преговорите за медиумите. Можеби поттикнат од фактот дека 10 декември е Меѓународен ден посветен на човековите права. Некој ќе рече, кој е виновен за состојбите кај нас. А кој друг ако не власта, односно оние кои ја практикуваат власта. До тука е во ред, ама ако оваа власт е недемократска (според мене е точно), авторитарна и уште не знам што, зар треба да очекуваме дека таа сама ќе се откаже од власта и ќе ја предаде на опозицијата? Или пак сакаме странците со „декрет“ да ги развластат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Тоа е утопија и нема да се случи. Опозицијата, која имаше конкретен позитивен тренд летото стекнат со „бомбите“, за жал, покажа дека нема капацитет за започнување на процесот за вистинска промена на сегашниот систем на владеење.

Дали странците сега ќе одат и понатаму на договорениот датум за избори во април? Дали ќе ги одложат изборите за наесен и ќе почнат да работат на создавање нов политички субјект, кој би можел да го започне процесот на враќање на државата на еден нормален колосек кој води кон евроатлантските интеграции. Сето ова се сега само шпекулации и предвидувања. Има уште едно во кое не сакам да мислам, а тоа е странците да кренат раце од нас и да не’ препуштат самите да си ја затегнеме јамката околу сопствениот врат. Ама патриотите одма ќе речат дека тука ни е Лавров, кој нема да дозволи да станат реалност неговите предупредувања Македонија да ја поделат две соседни држави.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com