Политички циркус, уште едно продолжение

По ударот со бомбите, по извештајот на Прибе, опозицијата, за жал, полека, но сигурно ги губи сите овие можности, па и првичната предност

По долги натегања, во смисла кој е експерт а кој не, а во заднината беше кој е поблиску до СДСМ, односно до ВМРО-ДПМНЕ, добивме нова Државна изборна комисија (ДИК). Брисел и Вашингтон, поточно, кога амбасадорите Орав и Бејли видоа дека преговорите околу ДИК заглавија во ситнопартиски интереси и дневна политика, повторно ги собраа лидерите на „големата четворка“ во веќе легендарниот Клуб на пратеници. И откако на „непослушните деца“ им удрија по една „чврга“ (што би рекле кај мене во Дебар Маало) овие веднаш се договорија за составот на ДИК. Но да биде сликата потполна, посебно да биде задоволена домашната публика поделена на „наши“ и „ваши“, комедијата продолжи во средата на собраниска седница на која и формално беше потврден составот на новата ДИК. Иако пратениците (целосно независни и суверени во однос на своите партии и партиски лидери) знаеја дека сè е договорено и изборот е само формалност која мора да се заврши, сепак атмосферата во салата со заемните обвинувања се вжешти докрај, па претседателот мораше да ја прекинува седницата за да се оладат страстите. И додека странците на своите професионални конта си запишаа уште еден успех, ние успешно продолжуваме да тонеме.

Во овој политички циркус неделава се вклопува и Анкетната комисија. Опозицијата како да сака да докаже дека големиот Черчил не бил во право кога рекол дека ако сакаш работите да ги скриеш под килим, формирај посебна комисија. Досега она што го видовме и слушнавме беа само заемни обвинувања, кои и двете страни ги користат за билдање на своите рејтинзи. Опозицијата заедно со онаа мала група медиуми, кои самите се прогласија за демократски и независни, но прилично гласни, уште пред сведочењето на премиерот Груевски ја вжештија атмосферата, создавајќи некаков виртуелен привид дека со неговото сведочење пред Анкетната комисија ќе се решат сите работи во државата, а Груевски сам пред камерите и во директен телевизиски пренос ќе си ја потпише политичката пресуда! Ние не сме САД и ова не е 1953 година, каде што токму пред ваква комисија познатиот сенатор Мекарти ја заврши својата политичка кариера.

Некој можеби ќе помисли дека опозицијата, вклучувајќи го и претседателот на Анкетната комисија, верувале во вакво нешто. Мислам дека не е така. Ниту претседателот на Анкетната, ниту пак членовите од опозицијата не се толку наивни да веруваат во една ваква политикантска научна фантастика, барем за наши прилики. И што се случи: на барање на сведокот (Груевски) седницата беше затворена за јавност. Груевски пред неколку десетици камери и уште толку новинари кои го чекаа пред салата, самоуверено настапи дека тој не бега од вистината, не бега од правдата, ја повтори онаа своја огулена теза дека опозицијата е без идеи и затоа создава вакви политички кризи за да дојде на власт и дека е подготвен да одговори на сите прашање во една мирна атмосфера, а ете ќе има и стенограми од неговото сведочење. И толку. Што се случуваше на затворената седница на комисијата, барем засега официјално не се знае. Ама мислам дека од сето ова опозицијата повторно остана со куси ракави.

Од ден на ден се покажува дека опозицијата, поточно водството на опозицијата, го нема оној потребен капацитет кој ќе доведе до започнување на процесот за промена на сегашниот систем на владеење кој се доградувал и надградувал во изминатите 25 години, а оваа владејачка гарнитура го доведе до совршенство. А опозицијата имаше можности да го стори тоа. Да потсетам дека по објавувањето на бомбите на Заев во општеството почна да се создава онаа потребна критична маса која можеше да го започне процесот на промени. Понатаму, извештајот на Прибе, кој претставуваше многу сериозна критика на власта и со многу јасни идентификувани проблеми кои мора да се променат од партизираното судство преку обвинителството, па сè до медиумите, или кажано едноставно партизирана држава, исто така, беше солидна алатка со која требаше да започне тој процес на промени. За жал, опозицијата сите овие можности, па ако сакате и првичната предност, полека, но сигурно ја губи.

Власта по првиот „удар“, откако сфати дека не е вечна и дека само со сила, па ако сакате и страв не се владее, ја смени тактиката. Се сеќавате дека веднаш по извештајот на Прибе беше направен акциски план со мерки за спроведување и надминување на забелешките од извештајот. Дали забележавте дека ако до вчера за критика на власта многу често се добиваше тужба за клевета и навреда, сега тоа го нема.

Ама да се вратам на акцискиот план. Дали некој од опозицијата прашал до каде е неговата реализација. Дали некој од „демократските и професионални медиуми и новинари“ истражувал до каде е неговото спроведување? Нема такво нешто, бидејќи многу полесно е во написите и коментарите да се вика „оди си Грујо“, а во Анкетната комисија и на пленарките да се прави циркус и да се квалификува Груевски како диктатор, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се „злосторничка друштво“ отколку навистина да се засукаат ракавите и да се работи на започнување на процесот за вистински промени. И ако барем во почетокот на овој наш класичен западнобалкански политички циркус опозицијата искрено (колку кај нас има искреност во политиката) зборуваше за избори сега од опозицијата сè повеќе слушаме дека изборите треба да се одложат.

И тука е успехот на владејачката структура. Груевски, кој до вчера викаше нема избори, нема некаква преодна влада, успеа да ја промени целокупната состојба и перцепција во своја корист и сега тој обвинува дека Заев и СДСМ бегаат од избори и од соочувањето со народот. Одговорот на опозицијата – ние сме за избори ама пред тоа „теренот за изборната трка треба да се израмни“, е само излитена фраза, бидејќи токму опозицијата не направи ништо конкретно тој терен реално да се израмни.

Мислам дека во сегашната состојба и на двете страни им одговара да нема избори. Зошто? Затоа што опозицијата сепак знае дека ќе ги загуби, додека власта, а пред сè партиското водство, е свесна дека победата ќе биде тесна и со краток здив. Во целата оваа папазјанија, странците повторно си го гледаат сопствениот интерес, а тој е пред сè каква-таква стабилност на државата и регионот, а сè друго е во втор план. Во рамките на таа стабилност треба да се гледа и најновите случувања околу проблемот со името. Ако странците, пред сè Вашингтон, процениле дека по поканата на Црна Гора да стане членка во НАТО потребно е да влезе и Македонија, со што би се затворил пробивот на руското влијание на Балканот, тогаш треба да очекуваме проблемот со името да биде ставено на маса пред 24 април.

Но и по ова прашање, посебно по објавениот текст во лондонски „Гардијан“ покажавме дека ние немаме капацитет за државотворност. Имено сега „демократските медиуми“, повикувајќи се на споменатиот напис, го обвинуваат Груевски дека тој го продава името за да си ја спаси својата кожа. Нормално, и опозицијата со слични ставови. Аман, и да е така, барем бидете малку паметни и научете нешто од политичката тактика. Пуштете го Груевски да преговара и конкретно да постигне договор, односно да го „продаде“ името (кое е одамна продадено), а потоа пред референдумот пуштете го Груевски да потоне. Ама за нашиве опозиционери и „независни медиуми“ градење на политичка стратегија и тактика се сведува на паролите „Долу влада“ и „Груевски е диктатор“.

Како и да е, циркусот ќе продолжи и идната година, и тоа веднаш по Василица без разлика дали Груевски ќе остане премиер или не. Владата, со или без Груевски, постојано ќе нè изненадува со најразлични проекти, замисли, политики и така натаму. Ама, за крај, без трошка цинизам и една искрена поддршка за владината политика и за мојот „омилен министер за здравство“. Се предлага да се легализира марихуаната во медицинска примена. Можеби зад оваа стои фактот дека јас сум „оматорели хипик“, па кога ќе се спомене марихуана веднаш ме враќа на мојата убава и релативно безгрижна младост. Но, за жал, времето и годините не можеме да ги вратиме наназад.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com