ПОЛИТИЧКА СУИЦИДНОСТ

Груевски го „испушти возот“, веднаш по првата „бомба“ на Заев прислушувањето да го реши прво политички со оставки на министерот за внатрешни работи и првиот човек на ДБК. Сега е веќе доцна

„Оставката на Љупчо Зиков од претседателската позиција на Алијансата за позитивна Македонија, предизвика потреси не само на македонската, туку и на светската политичка сцена. Уште синоќа со пораки за сериозна загриженост се јавија претседателот на САД, Барак Обама, рускиот претседател Владимир Путин, како и германската канцеларка Ангела Меркел. Тројцата синоќа оствариле меѓусебни разговори во кои се согласиле дека оставката не е во интерес на светското разбирање и соработка и поставиле за своја мисија враќање на Зиков на лидерската позиција“. Ете вака познатата „Коза Ностра“ со своето остро сатирично перо ја искоментира оставката на Љупчо Зиков. Богами точно.
Бидејќи ова „човече“, за кого господин Гошев во една емисија со право рече дека преживува само како „крлеж“ залепен на некои од домашните бизнисмени, со своите провинциски политички манири (одлично опишани во комедиите на Бранислав Нушиќ) сега се обидува изборната хаварија на Алијансата, а исто така (барем како што објавија некои портали) и финансиската катастрофа да ја препише на Владо Бучковски. Ама од вакво „човече“, кое е типичен производ на нашата бескрајна транзиција, сето ова не треба да не’ изненадува, а богами не заслужува и поголемо внимание.Неделава ни се случија многу посериозни настани кои ја продлабочуваат политичката криза. Во Брисел првата рунда преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заврши без резултати, што беше за очекување. Во, исто време, Брисел ја одби и поканата на нашето Јавно обвинителство да учествува (како, никој не знае) во аферата „Пуч“. И со право ваков одговор од Брисел. Имено ако Зврлевски мисли дека со нашата балканска итрина ќе ги „насамариме“ правните експерти од Европа да дојдат и да изигруваат некаков „алиби декор“ за работата на јавното обвинителство во случајот „Пуч“ добија соодветен одговор.

Како е можно по два месеца истрага и притвор на Верушевски како првоосомничен во аферата „Пуч“, неделава тој да добие обвинение за нелегално поседување на оружје!? Јавното обвинителство, најблаго речено, го навредува здравиот разум на секој од нас. Верушевски, кој целиот свој работен век го поминал во полиција и тоа на највисоките позиции, ако сакал бил во можност да има колку сака дозволи за оружје со кратка цевка (пиштол) и сигурно нема да си дозволи да чува нелегално оружје. Ете зошто Брисел ја одби поканата од нашиве да испратат свои претставници. За жал, ваквото однесување на Јавното обвинителство како институција не само што го урива сопствениот углед туку посредно ја зголемува недовербата на јавноста до институциите, а посебно до судската власт.

Сето ова што се случува се’ повеќе ги стеснува можностите за политичка разрешница на целата афера со прислушувањето. Груевски, речено со обичен јазик, го „испушти возот“, веднаш по првата „бомба“ на Заев прислушувањето да га реши прво политички со оставки на министерот за внатрешни работи и првиот човек на ДБК. Сега е веќе доцна за какво било политичко решение кое не подразбира оставка на целата Влада. Ова посебно по бомбите од оваа недела кои се однесуваат на корупција. Прашањето е колкаво е чувството на одговорност, пред се’ кај Груевски, но и кај Заев, таа разрешница сепак да заврши мирно и во институциите, односно во Собранието, или личното его и онаа балканска суета (и двајцата покажаа дека ја имаат енормно голема) ќе доведе разрешницата да се случи на улица.

Во целата оваа типична балканска каша, последниот конгрес на ДУИ навести многу работи. Меѓународната заедница преку гостите странци на конгресот упати многу јасни пораки до сите актери на политичката сцена кај нас, а пред се’ до Владата. Навистина беше трагикомично или ако сакате разберете го како фарса, кога амбасадорот Фуере во својот говор побара оваа влада да си оди, а во салата одекнаа громогласни аплаузи. Убаво, ама во оваа влада седат и министри на ДУИ, каде што е нивната одговорност за целата состојба? Мислам дека на сите ни е јасно дека идните потези на ДУИ нема да зависат исклучиво од Ахмети и партиското водство туку пред се’ од меѓународниот фактор. А тој „меѓународен фактор“ (читај САД и нешто малку ЕУ) сепак нема да дозволат некоја поголема нестабилност во регионов. И да биде работата уште повжештена, бензин на огнот долева Владата преку Комисијата за лустрација. Секој и малку разумен човек би се прашал, на пример, зошто во целата ова состојба на Владата и’ беше потребно да ја лустрира колешката Јадранка Костова и тоа само врз основа на некаква полициска белешка, без каков било документ дека таа потпишала соработка со тајната полиција.

Некој ќе рече зошто ја споменувам Владата кога Комисијата за лустрација е „независно тело“! Навистина, таа според законот би требало да биде независна ама се претвори во највулгарна алатка на власта да се пресметува со неистомислениците, па дури и со починати лица. И последна жртва на таа пресметка е Јадранка Костова, а преку неа и неделникот „Фокус“. Сега некој ќе рече дека јас фаќам некоја страна, односно менувам свои ставови. Е па не е така. Уште од самиот почеток кога почна собраниската процедура за носење на овој закон бев против и јавно пишував. Ние законот го донесовме за разлика од другите држави во Источна Европа шеснаесет години по воведувањето на парламентарната демократија и осамостојувањето. Што се случуваше во тој период со досиејата и документите на некогашна УДБА сите добро знаеме.

Втората, исто толку важна причина, е што бев убеден дека со негово донесување ќе започне пред се’ пресметка, а не некакво „прочистување од минатото“. Дали некој се сеќава кога се донесе законот со кој се овозможи да си ги видиме сопствените полициски досиеја. Ако не се лажам, беше тоа 1999 година или пак почетокот на 2000. Добро се сеќавам дека уште тогаш почнаа да се појавуваат имиња на соработници на УДБА кои кодошеле, иако според законот не можеше од досието да се види кој те кодошел. Тие свои ставови ги изнесов во една емисија на МТВ веднаш по донесувањето на Законот за лустрација, во која покрај мојата дребност учествуваа и колегите Горан Момировски и Александар Дамовски, а емисијата ја водеше колегата Драган Ѓорговски, кој прв уште во првите години на самостојноста се залагаше за лустрација.

И да биде целата трагичност уште побизарна токму „Фокус“ и Костова како главен уредни се залагаа за лустрацијата. Се поставува прашањето од каде таква политичка суицидност како што сега ја манифестира Груевски, која негативно ќе се одрази врз партијата. Наместо некакви анализа со верификувани научни алатки и хипотези да ја искористиме метафизиката. Можеби оваа политичка суицидност, која ја видовме и кај првиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, но и кај цел куп личности од партискиот врв, а сега и кај актуелниот лидер, е некакво проклетство од старото ВМРО.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com