ПОЛИТИЧКА ПЕРВЕРЗИЈА

Луѓето од ГЕМ ќе поднеселе кривични пријави против пратениците. Тешко може тоа да се разбере

Веќе не се сеќавам кој светски политичар има прв речено дека „секое племе не заслужува да има своја држава“, ама ова што во последно време го гледаме на домашната политичка сцена ме наведува да мислам дека човекот бил во право. Дека ова е така зборуваат многу настани кои во последно време се случуваат кај нас.
Ако малку сурфате по интернет, ама не да постирате на „Фејсбук“, тука да погледнете најразлични странски стручни списанија од областа на меѓународните односи или политичко-правните науки, ќе најдете повеќе стручни написи и анализи во кои Македонија и по дваесет години самостојност се дефинира како општество, во кое процесот на градење држава (state building) и функционирање на институциите се’ уште е во фаза на транзиција.
Само неколку најсвежи збиднувања. Како може да се разбере неодамнешната трибина на ГЕМ, на која беше речено дека за сите пратеници кои гласале за Законот за лустрација ќе бидат поднесени кривични пријави дека го кршеле Уставот. Јас лично сум против лустрацијата и ова јавно го зборувам и пишувам уште кога Стојан Андов ја покрена иницијативата за донесување на Законот за лустрација. И сега, кога не знам веќе кој пат по ред е донесен „нов“ закон за лустрација, го мислам истото. Факт е дека законот овој пат е донесен без опозицијата, ајде да прифатиме дека е само алатка за пресметка на власта со опозицијата, како што истакнуваат во ГЕМ.

До тука можам да ги прифатам како демократско и легитимно право да ги изразат своите ставови, ама членовите на ГЕМ одат и чекор понатаму. Тврдат дека законот е противуставен, ама за тоа може да одлучува само Уставниот суд. Но и тоа не ги задоволува во нивната европска определеност, туку сега ќе поднесуваат кривични пријави против пратениците кои го гласале. Е, па, сега се прашувам како е можно да се повикуваш на Устав, а во исто време да преземаш дејства кои многу децидно се противуставни. Според нашиот Устав, а така е и во сите демократски држави во светот, пратеник не може кривично да одговара за гласање (без разлика дали гласал за или против) како и за став или изјава изречена од парламентарната говорница. Со ваков став на овие „Европејци“, навистина, уште долго на нас ќе гледаат како на едно од последните племиња во Европа.

За да не биде покусо, мнозинството, навистина со друга тема и преку друга форма, демек научна дебата, и’ враќа на опозицијата. Темата е коалицијата меѓу Бранко и Љупчо. И повторно познати фаци, од политичката транзиција која се’ уште трае, а богами и тие. И сега овие експерти не’ убедуваат дека Љупчо и Бранко се „зомби политичари“, истрошени, дека тие не можат да ја освојат власта и цел куп други научно поткрепени ставови околу новата политичка коалиција. Дека Љупчо и Бранко во секоја нормална држава одамна би биле класични политички мртовци тоа сите го знаеме, а и како граѓани го потврдивме на последните избори. Ама со вакви научни дебати, да не се случи овие „зомби“ утре ако не повеќе, барем да седат во парламентот. И сега не ми е јасно – за на овие „зомби политичари“ да им се забие глогов кол (велат, зомбите така стануваат нормални мртовци) прво „телевизијата која секогаш прва дознава“ објавува интервју во кое еден „окорели“ српски криминалец зборува како со Фрчко и со Бранко договарале шверц на нафта во време на блокадата на Србија. Дека за време на блокадата на Србија се шверцуваше знаеме сите, знаеја и меѓународните фактори кои формално ја контролираа границата. Колкав беше тој шверц може лесно да се утврди. Само погледнете го увозот и извозот на Македонија во тоа време, а податоците се’ уште стојат, па ќе видите што се шверцувало, кој шверцувал.

Па, затоа навистина е трагикомично кога партискиот портпарол сега пред „Идадија“ каде што демек се правеле договорите, ги повикува Фрчко и Бранко да кажат што се’ шверцувале, кој други биле вклучени, колку ќариле, и, секако, каде се парите…

Чудно! Нашиве политички елити додека седат во опозициските клупи нонстоп, на моменти дури и хистерично ја обвинуваат власта дека е корумпирана, дека краде, се богати и дека кога тие ќе дојдат на власт сите ќе ги затворат, парите украдени ќе ги вратат на народот… и слични флоскули. А кога ќе дојдат на власт од тоа ништо, напротив довчерашните „арамии“, кои сега седат во опозицијата, почнуваат да ја верглаат истата песна, владата е корумпирана, крадат и се богатат на сметка на народот… Во овие дваесет години само оној „голгетерот“ кој со петица дава голови заглави… колку-толку… а се’ останатото завршува како евтин политички маркетинг, кој создава лоша слика за државата во целост.

Оваа политичка перверзија не се ограничува само кај политичките елити, туку одамна ги има зафатено сите сфери. На пример, веќе подолг период во економијата главна тема е долгот на државата до фирмите, што по основ на враќање на ДДВ, што за извршените услуги. Критиките доаѓаат најчесто од опозицијата и Стопанската комора. Арно ама компаниите молчат. Па, молчат кога и бизнисот го добиле да не речам молкум и сега се предлага банките кои имаат капитал да ги откупат побарувањата од државата и на компаниите да им ги исплатат побарувањата, а потоа државата на банките (навистина не знам како) да им го враќа долгот. И додека во цела Европа, па и светот поради кризата државите ги купуваат банките, кај нас се предлага банките да станат сопственици на државата. И така Комерцијална, Тутунска, Стопанска, Алфа и други ќе станат сопственици, а државата Република Македонија ќе се книжи во портфолиото на Словенија, Грција, Бугарија. Аман, ова го надминува и Букурешт од пред сто години.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com