ПОЛИТИЧКА ПЕРВЕРЗИЈА, ВТОР ДЕЛ

Која е целта на Фондацијата „Отворено општество“, која ни се наметнува како единствен носител на демократските процеси

Врвот на општествената перверзија за неделава е акцијата на Фондацијата „Отворено општество“(читај Сорос). Оваа невладина организација на чело со својот вечен директор, повикувајќи се на Законот за слободен пристап на информации, испрати околу 80 (осумдесет) барања со кои се бараат најразлични информации. Во новинарските кругови се шушка дека Фондацијата „Отворено општество“ вакви барања испратила до сите државни институции. Што се однесува до Собранието речиси сите барања се однесуваат за периодот од донесувањето на новиот Деловник или Законот за Собрание (2008), па до денес. На пример, бараат извештаи од работата на сите работни тела (Собранието има 21 комисија и работни тела) за период од четири години, и тоа фотокопии. Понатаму, повикувајќи се на Законот за Собрание член 8 (се однесува на средби со граѓани, невладини организации синдикати) бараат листа на сите остварени средби за секој пратеник поединечно!? Во споменатиот член пишува дека пратеникот остварува вакви средби, ама никаде не пишува дека за тоа мора до го извести Собранието или претседателот, а уште помалку дека парламентот е должен да води некаква евиденција. На вакво прашање не може да добиете одговор во ниту еден парламент, бидејќи тие контакти се пред се’ во функција на партиските активности и програми, кои потоа пратениците и партиите можат да ги артикулираат во парламентите.

Или, дали е донесен некој Закон и ако е донесен, во кој број на „Службен весник“ е објавен. Вака поставени прашања, а ги има околу 80, најблаго речено е вистинска злоупотреба на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Не мислам дека кога станува збор за отвореноста и транспарентноста на Собранието работите се идеални, но факт е дека со воведувањето на таканаречениот И-парламент (електронски парламент) Собранието според оценките на меѓународни субјекти се вбројува во групата на најтранспарентни парламенти во Европа. Понатаму, со публикацијата „Мојот пратеник“, како и редовните годишни извештаи можат да се видат сите активности, како на пратениците така и на Собранието.

Ако господата од Фондацијата Сорос ја отвореле веб-страницата на Собранието ќе можат да најдат буквално се’ од она што го бараат во овие осумдесетина прашања. Собранискиот канал, а има и стриминг, можат во живо да се следат, а на веб-страницата можат да се најдат аудиозаписи од воведувањето на И-парламент додека стенограмите ги има за сите седници од 1991 година. Понатаму сите материјали кои влегуваат во Собранието се објавуваат на веб-страницата и така натаму.

И на сето ова сега собраниската администрација да го задоволи ова перверзно барање на Фондацијата „Отворено општество“, покриено со демократска флоскула за транспарентност, ќе мора барем еден месец да не работи ништо друго, туку да копа по материјалите, да направи десетици илјади фотокопии (така бараат од Фондацијата), да се потрошат на десетици тонери… а се’ друго што е во рамките на редовното работење да застане. Парите за сето ова се надевам дека Фондацијата „Отворено општество“ ги има, бидејќи во член 29 од Законот за слободен пристап на информации јасно пишува дека ако станува збор за поголеми трошоци, имателот на информациите може авансно да побара средствава од барателот на информациите.

Се прашувам која е целта на Фондацијата „Отворено општество“ за која досега повеќе пати имам јавно напишано дека во изминативе дваесет години ни се наметнува како единствен носител на демократските процеси во државата, а во суштина е само приврзок и добар војник на една политичка (читај СДСМ) партија. Невладината организација ГЕМ, во која главен е директорот на „Отворено општество“, сега поднесува кривични пријави против сите пратеници кои гласаа за Законот за лустрација иако пратеникот според Уставот не може да биде повикан на одговорност за гласање или за изречени ставови во парламентот?! А сега Фондацијата „Отворено општество“ со вистинско цунами од прашања испратени до сите државни институции ќе го решава проблемот со транспарентноста!? Во колумната објавена во „Утрински“ на крајот на јуни напишав дека транспарентноста во работењето на државните институции и достапноста до информациите од јавен карактер ќе треба пред се’ да го актуализира Здружението на новинари во функција на јакнењето на слободата и независноста на медиумите и новинарската професија. Дали тоа подразбира измени и дополнувања на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, дали се потребни некои други мерки не знам, тоа е прашање за експерти и стручната јавност. Ама знам дека со стотици прашања испратени само до парламентот, и тоа среде лето кога половина од луѓето се на одмор, освен ако се сака да се создаде перцепција како оваа владејачка структура е недемократска, диктаторска, корумпирана, друга цел нема. Факт е дека секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт Фондацијата Сорос и нејзиниот незаменлив директор секогаш ја верглаат оваа песна. Во суштина во овие 20 години Фондацијата „Отворено општество“, заедно со многу други невладини организации кои на овој или на оној начин се под неговата капа, се’ повеќе наликуваат на некакви паралелни парадржавни институции отколку на отворено општество. И сето ова ме потсети на посетата во британскиот парламент пред две години, кога присуствував и на една надзорна расправа. Тогаш го прашав еден од тројцата највисоки службеници, каква им е соработката со невладиниот сектор. Човекот се насмеа и одговори: „Знаете, како парламент ние сме ориентирани до стручната и експертската јавност, а не кон невладиниот сектор“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com