ПИСАТЕЛИТЕ ЗАМОЛКНАА КАКО РИБИ

Не сме прочитале одамна посувопарно бирократско соопштение, како што беше она на Друштвото на писателите за лустрацијата на Славко Јаневски и Божин Павловски

Најпознатиот шепкач Едвард Сноуден, барем додека ја пишував колумната, се’ уште беше на меѓународниот аеродром во Москва во транзицискиот дел, иако во средата агенциите и многу портали јавија дека руската влада му дала документи за привремен азил со кои тој може да го напушти аеродромот. Ама не ми е целта сега да пишувам за Сноуден или за НСА, иако цела Европа (вклучувајќи не’ и нас) се прават недоветни дека не знаеле оти НСА не’ прислушувала, не’ прислушува, а богами и во иднина ќе си ја работи оваа работа. А токму тоа глумење на недоветност на европските влади (мене ми личи на онаа народната за лудиот кој го онаквел збунетиот) неделава беше тема на јавна трибина која се одржа во Љубљана, а на која познати словенечки интелектуалци, пред се’ писатели, изразија многу остри критики до државниот врв на Словенија бидејќи реагирал млако и недоветно на фактот дека САД, поточно НСА, прислушувале се’ и секого, а тоа го покрива со некаков закон. Познатиот словенечки писател и историчар Јоже Пирјавец, изразувајќи загриженост дека денеска ЕУ е најобична играчка во рацете на една велесила и може да прави што сака а притоа никој да не протестира ја постави моралната дилемата дека ваквото однесување на САД и оправдувањето со некаков законски акт е исто како за време на познатиот Нирнбершки процес, кога судените нацисти се бранеле дека тие работеле според закон односно извршувале наредби.

Ама, да ги пуштиме Словенциве, да си погледаме дома каде што „алот“ ни е за никаде. Од што да почнам. Дали некој го памети соопштението за јавност потпишано од Друштвото на писателите на Македонија, откако беа лустрирани покојниот Славко Јаневски и Божин Павловски. Посувопарно бирократско соопштение одамна не сум прочитал. Лустрацијата кај нас, ако не се лажам, започна пред четири години. Законот доживеа неколку измени, одредени членови паѓаа на Уставен суд ама досега од Друштвото на писателите на тема лустрација не слушнавме ниту збор. И сега кога мечката заигра пред нивната врата, ете ти едно бирократско соопштение, на кое по една недела никој веќе не се сеќава. Да одржеа писателите една литературна вечер посветена на Славко Јаневски и Божин Павловски ќе имаше поголем ефект. Кога вака се однесуваат до своите членови не изненадува дека од нив досега не сме слушнале ниту збор околу независноста на медиумите и слободата на изразување. Зарем колегата Кежаровски, кој ете трет месец гние во истражниот затвор и тоа само за напишана реч пред пет години, не е доволна причина барем со едно сувопарно бирократско соопштение да му дадат поддршка.

Некој ќе рече дека тоа е од страв кој го наметнала оваа Влада. Не го прифаќам тоа објаснување. Мислам дека на Друштвото на писателите на Македонија поточно на неговото членство им треба Крлежа кој во далечната 1952 година на Конгресот на југословенските писатели во својот настап едноставно го сомле социјалистичкиот реализам или попознат како ждановизам… И бидејќи Крлежа е одамна починат на нашиве писатели им препорачувам да го најдат неговото излагање од 1952 и да си го прочитаат, можеби на некого ќе му се запали сијалицата и ќе се свести за својата вистинска литерарна, културна, општествена и национална улога и одговорност.

Ништо подобро на сето ова не реагираше и МАНУ. Академициве, демек, не се против лустрацијата ама бараат таа да се спроведува демократски и да се почитуваат човековите права и човековото достоинство. Кој е во сето ова луд а кој збунет? Зарем кога го лустрираа Милчин тогаш се почитуваа човековите права и неговото достоинство. За Милчин и за „Отворено општество“ односно Сорос никогаш не сум кажал ниту еден убав збор, бидејќи сум убеден дека направија само лоши работи, за цивилното општество, за демократијата и за државата во целост. Ама начинот на кој беше лустриран е далеку од сите стандарди. Тогаш господата од МАНУ не рекоа ниту збор. Сега му верувам на претседателот на Комисијата за лустрација кога вели дека МАНУ и Друштвото на писателите од една страна се бунат против лустрирањето на Славко Јаневски, Божин Павловски и Томе Серафимовски, а од друга страна ја преплавиле комисијата со анонимни пријави.

И доаѓаме до оној познат стереотип за нас Македонците. Ако се соберат тројца Македонци еден е војвода еден е комита и еден е кодош. Некој повторно ќе рече дека сето ова е резултат на стравот и авторитарниот режим на владеење на актуелната Влада. Тоа објаснување не е прифатливо. Не мислам дека живееме во тоталитарен режим, иако се чувствува голем недостаток на демократија. За вакви работи член на Академија едноставно нема право да се плаши. Право на страв има на пример она „ново кокиче“ во групата на новинари патриоти кој е од телевизијата која секогаш прва дознава, бидејќи ако нешто згреши што не е во духот на новиот патриотизам ќе остане без работа и ќе мора да продава семки.

Не можам а да не го споменам „професионализмот“ на оние новинари и медиуми кои се рекламираат за демократски. Во еден неделник во банална рубрика посветена на тоа кој како е облечен, анализирајќи како била облечена пратеничката Силвана Бонева на приемот во Амбасадата на САД, пишува дека Бонева утнала се’. Од фустанот преку марамата до накитот. Нека е така, ама во продолжение оваа модна критичарка ќе напише дека речиси сите вмровки не знаат да се облекуваат, а министерката за култура прави толку многу конзервативни гримаси што модниот критичар не може да го симне погледот од нејзиното лице и да оцени како е облече. Ова не е критика на облекувањето и стиловите туку евтино политиканство.

Како во оваа духовна апатија и интелектуална беда да се очекува дека кај нас некој ќе зборува за Сноуден, за моралната и демократската димензија од глобалното прислушувањето кое го прави САД, а владите молчат или се прават недоветни.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com