Пиесата со наслов Договорот од Пржино

Затоа зарем не е поважно, не само за СДСМ, туку воопшто за почнувањето на процесот на демократизација и враќање на довербата во институциите, да се актуализира прашањето со медиумите а посебно со јавниот трансмисиски ремен на власта со име МРТВ (таков е 24 години)?
Драмолетката од пиесата со работен наслов „Договорот од Пржино“ продолжува. Првата слика од оваа трагикомична пиеса, со изборот на специјалниот јавен обвинител заврши. Сега започна да се одвива пред јавноста втората и третата слика, односно сега режисерите на оваа пиеса (читај, Вашингтон и Брисел) преку своите асистенти (читај, странски експерти олеснувачи и амбасадори) ќе треба да средат две прашања. Првото е формирање на Анкетна комисија во Собранието која, демек, ќе треба да ја утврди политичката одговорност за сегашната состојба. Како што сме сведоци, барем до пишувањето на оваа колумна ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ никако не можат да се договорат за составот на Анкетната комисија, а уште помалку што таа да работи.
Тука некои работи не ми се јасни. Да потсетам, Заев пред да почне со „бомбите“ најави дека Груевски и актуелната влада со „наведната глава“ ќе си заминат, односно веднаш ќе има политичка одговорност. Ама бевме сведоци дека од тоа не се случи ништо, иако „спонтано“ пред Владата повеќе од еден месец имаше протести, односно вистински камп, како што во паркот пред Собранието, исто така „спонтано“ протестираа и кампуваа поддржувачите на Владата. Тогаш СДСМ ја промени својата тактика и почна да бара правна разрешница, односно го стави на маса и пред јавноста прашањето за специјален јавен обвинител и посебен закон за ова. Во минатата колумна потсетив дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Груевски за ова на почеток не сакаше ниту да слушне, ама откако странците загрижени пред се’ за стабилноста во регионот ги зедоа „дизгините“ во свои раце, работата тргна. И така добивме Договор од Пржино (пиеса во неколку слики).

А како што реков на почетокот, повторно режисерите (некаде во Брисел и Вашингтон) преку своите асистенти на режија (амбасадори и олеснувачи) ја заокружија првата слика од оваа трагикомична пиеса. Премиерот Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во еден брз процес на еволуција на ставовите прифатија и така добивме Закон за специјален јавен обвинител со кој многу јасно се дефинирани неговите задачи, а врз основа на тој закон и експресно беше избран специјален јавен обвинител. И сега работата повторно застана околу посебната Анкетна комисија. СДСМ бара Анкетната да расправа за бомбите односно за аферата со прислушувањето. Опозицијата бара преку Собранието да утврди политичка одговорност за премиерот и неговите најблиски соработници!? Еден од најголемите политичари на минатиот век, Винстон Черчил има речено: „Ако сакаш некој проблем или прашање да го забошотиш, формирај парламентарна комисија“. Дали некој во СДСМ знае колку вакви анкетни комисии во овие 24 години на самостојност биле формирани и какви се резултатите. Нема резултати, а најмалку политичка одговорност за актерите кои биле предмет на расправа во сите досегашни анкетни комисии. За жал, СДСМ губи енергија, а што е најстрашно, време на прашања кои сега со изборот на специјалниот јавен обвинител би требало да добијат правна разрешница.

Само погледнете ја собраниската седница од средата посветена на пратенички прашања. Опозицијата ги почна со плацовите на Груевски, за што слушавме во бомбите на Заев, па аферата „Телеком“, ама, барем јас, не видов дека имаше некаков ефект. Но затоа вистинско освежување, односно наликува на вистинска седница на пратенички прашања како еден од основните принципи на парламентаризмот, беше настапот на пратеникот Стефан Богоев (СДСМ) кој го постави прашањето за состојбата на студентските домови. Прашање на кое претставникот на Владата, иако зборуваше цели десет минути, остана во рамките на популизмот – ќе биде, ние работиме, вие не направивте ништо и слични флоскули.

Затоа зарем не е поважно, не само за СДСМ, туку воопшто за почнувањето на процесот на демократизација и враќање на довербата во институциите, да се актуализира прашањето со медиумите а посебно со јавниот трансмисиски ремен на власта со име МРТВ (таков е 24 години)? А без создавање на вистински јавен сервис не може да се очекува ништо позитивно во нашиот медиумски простор, а со тоа и во општеството во целост.

Понатаму, наместо СДСМ во рамките на преговорите околу изборниот закон, посебно гласањето на дијаспората, да го следи европското искуство кое е многу едноставно, дијаспората да може да гласа ама во ниедна европска држава нема пратеници оттаму, тие се ценкаат со колку гласа да биде избран пратеникот на дијаспората, на пример од Австралија! Трагично! Еве пример, на последните парламентарни избори во Словенија околу педесет илјади гласачи беа од дијаспората кои гласаат преку пошта, ама нивните гласови одат во изборната единица од каде што тие државјани на Словенија потекнуваат. И уште нешто, Словенија има над 1,7 милиони избирачи (значи блиску до нас), а нема проблем со избирачкиот список. Има 8 изборни единици (а не една како што кај нас најчесто се предлага), го употребува Донтовиот изборен модел (како ние), има изборен праг од три проценти и сето ова овозможува во словенечкиот парламент да има вистински политички плурализам. Понатаму, во сите овие години владите се коалициски и секој коалициски партнер има и препознатлива политичка тежина. И уште нешто, во овие 25 години на самостојност ниту една словенечка влада немала поголемо мнозинство од 4 до 6 пратеници, што зборува за вистинска парламентарна демократија и соочување на аргументи за изнаоѓање компромиси и заеднички ставови, а не гласачка машинерија како што е кај нас од осамостојувањето, па до денес.

За жал, се има впечаток дека опозицијата кај нас околу сето ова или не знае или не сака да се промени. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ и Груевски нон-стоп им пуштаат провокативни „балони“, а овие (опозицијата) како клен на дудинка се фаќаат на ова. Таков последен пример е предлогот или поточно размислувањата на Груевски од дијаспората да има барем 20 пратеници! Навистина треба да бидеш тотално политички наивен, па да не сфатиш дека ова се само пробни балони на кои власта заборава во моментот кога ќе ги пушти, ама затоа ефектот, а тоа е, пред се’, време и разводнување на Договорот и тоа како се постигнува.

И уште нешто. Од самиот избор на Катица Јанева за специјален јавен обвинител посебно од самонаречениот „демократски блок“, тука мислам на „експерти“ „аналитичари“ и медиуми, едноставно и’ се нафрлија на обвинителката, демек не е вистински избор!? Интересен е фактот дека сето ова доаѓа ако може така да се рече од левиот „демократски блок“. Неделава, а посебно по интервјуто на Катица Јанева за една од телевизиите вистински зовре. Причина, облеката на обвинителката со која настапи во споменатото интервју. Се отиде дотаму перјаницата на „демократите новинари и медиуми“ во својата редовна колумна ја оцени како „сваќа на свадба во некоја од кафеаните на Качанички пат“. Нема да речам дека ова е јазик на омраза, ама дека ова е јазик на предрасуди и стереотипи, што не доликува за медиуми е факт, ама за жал никој не реагира. Не е табу да се пишува како се облекува госпоѓа Јанева. Ама едно од основните новинарски правила е за тоа да пишуваат оние кои се бават со стајлинг, а не нејзиното деколте и чипкаст фустан да биде предмет на политички коментари. Ама тоа е нашата политичка култура, тоа е нашата медиумска сцена тоа е нашето 125. место на листата на „Фридом хаус“.

Пиесата „Договор од Пржино“ продолжува да се игра малку зад затворени врати малку пред нас како јавност. Дури јас верувам дека „режисерите“ и „сценаристите“ (Вашингтон и Брисел) нема да дозволат завесата да падне пред да завршат сите „слики“ . Прашањето е колку слики има оваа пиеса, односно до каде оди сценариото.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com