ПЕТОТО СТОЛЧЕ

Госпоѓа Викторија Нулан во понеделникот без официјална гатачка и без кристална кугла ни најави дека таа почувствувала позитивна енергија кај лидерите на четирите партии и дека е верува до крајот на неделава лидерите на четирите партии ќе се договорат и ќе ги решат отворените прашања со што ќе почне вистинска реализација на договорот од Пржино. И така таа позитивна енергија по се изгледа во средата до доцна во ноќта влијаеше на претставниците на четирите партии да се договорат за сите отворени прашања, избирачкиот список, и медиумите. Ама изгледа дека таа позитивна енергија се потрошила па затоа остана отворено прашањето околу надлежностите на министерот за внатрешни работи. Имено актуелната влада во духот на нашата фолклорна политичка култура (која се сведува на тоа како со да го заебам политичкиот опонент) сега подготвува измени на законот за МВР со кои министерот го прават како Англиска кралица. Имено власта не сака за време на оние 100 дена пред избори кога министерството за внатрешни работи според новиот закон за Влада кој беше резултат на првиот договор од Пржино, го добива опозицијата, тој да ги има надлежностите кои според сегашниот закон ги има Министерот за внатрешни работи. Ете тоа е нашата фолклорна политичка култура. Сите го прифатија договорот од Пржино ама неговата имплементација власта максимално ја опструира на секој чекор и преку сите институции.

И сега да се вратиме на насловот односно на „петото столче“. Да потсетам дека невладиниот сектор веќе подолго време инсистираше и тие пред се како набљудувачи да учествуваат во преговорите и преку своите експерти (sic) да помогнат во изнаоѓање на решенија за излез од кризата, за создавање на услови за кредибилни избори, и за започнување на демократските процеси во државата и општеството! Богами да се крстиш со лева рака ќе речеше мојата покојна баба. Имено иако Нулан во понеделникот ги прими претставниците на Невладиниот сепак тие не добија „пето столче“ во процесот на преговорите. Имено Нулан и воопшто странците кај нас добро знаат дека нашиот невладин сектор одамна а комерцијализиран од политичките партии. Со тоа невладиниот сектор односно левите деца и десните чеда на скопската буржоазија и те како се врзани на партиите, а со тоа како што луцидно во својата последна колумна пишува господин Зеколи се убива духот на волонтерство и се задушува можноста за наоѓање и промоција на идеи и ликови надвор од контролата на корумпираните партии. Еве само погледајте неколку примери. Изборниот закон. Невладиниот а и помалите партии очекуваа да биде воведен изборен праг и таканречена една изборна единица на целата територија, а се споменуваа и отворени листи. СДСМ едно време ова го поддржуваше ама сите знаеме освен некои козметички промени кои се однесуваат на гласањето на дијаспората се си остана исто. А невладиниот на ова молчеше. Понатаму околу медиумите. Решението опозицијата да го именува одговорниот уредник на Јавниот сервис како и заклучокот да се формира некакво тело од пет члена од кои четири се по партиска линија кое ќе следи како медиумите известуваат во тие 100 дена пред избори, не само што не носи ништо позитивно кога станува збор за слободата на медиумите и јакнење на професионалните принципи и стандарди во медиумите туку мислам дека ќе има обратен ефект. Ама со вакво решение партиите и понатаму ќе си го задржат влијание во медиумите преку клиентелизмот, на нивните газди ама и новинарите до поедини партии. Е па не видов невладиниот да оди и да протестира пред СДСМ.

И така доаѓаме до веста на неделава а тоа е дека еврообврзницата тешка околу 650 милиони евра странските банки меѓу кои и Дојче банка го замрзнале нејзиното пласирање. Причина, банките ќе проверуваат дали еврообврзницата е издадена легално од страна на Владата на Република Македонија. И сега „шу праиме“?! Веќе во првите вести се истакнува дека ваквата одлука банките ја донеле после писмото добиено од страна на СДСМ во кое се предупредуваат банките дека одлуката за еврообрзницата е нелегална. И сега очекувајте лавина од реакции, Опозицијата веќе ова го смета за своја голема победа. Нормално ваква оценка имаат и од Шарената револуција. Барем засега некои поголеми реакции од Владата нема но очекувајте дека сега ќе почнат да се вртат познатите владини мантри кои се сведуваат на следното Ние (власта) градиме, вработуваме, ги зголемуваме пензиите, социјалната помош ама опозицијата сето тоа го руши и ете сега ја блокира и еврообврзницата. Ерго за се е крива опозицијата односно СДСМ, (патем само кај нас е наметната перцепцијата дека опозицијата е крива за се.) Сепак мислам дека зад оваа одлука на Дојче банка и другите три банки преку кои се пласираше обврзницата на светскиот пазар, е направена со помош на меѓународната заедница како многу јасна порака пред се до Груевски и фамилијата дека треба да си заминат од политиката. Само поврзете некој факти. Имате Германска банка имате посебен Германски пратеник, како медијатор во решавањето на кризата. Во истовреме ова е и јасен сигнал до ВМРО-ДПМНЕ дека треба коренити промени внатре во партијата. Патем нешто слично го чека и Заев само во моментов нема кој да му каже. Сепак не се така едноставно. Имено тоа што не го знаеме е дилемата дали ваквата одлука на европските комерцијални банки не е и сигнал за некаква си изолација на државата. Ако тоа дојде е тогаш ќе биде според она што деновиве преку социјалните мрежи гневно го напиша мојот пријател и претседател на Здружението на Новинарите Насер Селмани резигниран поради решението за медиумите цитирам Тие (нашиве и странците) меѓу себе се „онакват“ а ние граѓаните стануваме трудни. Е богами ако оваа одлука на европските финансиски кругови добие димензија на изолација на државата тогаш навистина не чекаат сериозни предизвици. Зарем ова не доволен мотив за нас граѓаните па ако сакате и онаа потребна критична маса која нас ќе ја пробуди длабоко потисната одговорност за државата за општеството, па дури и за сегашноста и иднината на нас како поединци???

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com