„ПАТРИОТИТЕ“ НА ПАТ ЗА БРИСЕЛ“

По кои критериуми е избран младиот „патриот новинар“ за иден дописник на државната агенција МИА од Брисел

Дали знаете колку вистински новинари има во Македонија? Нема да верувате – биле само пет-шест новинари. Секако, ова е според методологијата и статистиката на дел од онаа „мала група п… патриоти новинари“. Едниот е познат по својата ТВ-емисија во која ужива да беси слики на новинари „предавници“, „хомосексуалци“, „сељачишта“ според неговиот вредносен систем, и оној „најмладиот новинар патриот“ кој стана ѕвезда по оној познат инцидент во Брисел.
Сите останати новинари во Македонија се „кодоши“, „предавници“, „печурки кои растат по подруми и се хранат со ѓубре“, кои не знаат ниту да постават прашање на прес-конференција, а не да се занимаваат со истражувачко новинарство. Е тој млад „новинар патриот“ потоа доби „шут карта“ од „Дневник“ токму поради еден „истражувачки“ текст, кој во последен момент беше повлечен од печатење бидејќи во својот патриотски занес ја „откри курвинската политика на Европа“. Во секој нормален медиумски простор во кои на прво место се професионалните критериуми кога станува збор за новинарска кариера, ваков „новинар“ својата иднина треба да си ја бара во некоја друга професија што би било во духот на рекламата „Осмели се“.

Кај нас овој „патриот новинар“, ни помалку ни повеќе, станува дописник на МИА, и тоа нема да верувате – од Брисел. Некој може да каже со кое право јас се мешам во кадровската политика на МИА. Воопшто не се мешам, иако МИА е државна агенција и делумно се финансира со буџетски средства, туку само сакам да отворам неколку прашања. Прво, дали МИА навистина во своите редови нема професионални новинари кои би можеле да бидат дописници во странство. МИА сега отвора три дописништва (Брисел, Берлин и Вашингтон) и за сите три места испраќа новинари кои не се од нејзината редакција!?

Но да се вратиме на младиот „патриот новинар“ и иден дописник во Брисел. Навистина се прашувам по кои критериуми е избран ако се има предвид дека „патриотов“ нема завршено високо образование. За неговиот англиски можам со сигурност да кажам дека е под нивото на мојот broken (лош) англиски. Понатаму како може да испратите дописник во Брисел кој јавно изразува не само негативно ставови до ЕУ, туку е и полн со предрасуди за многу европски принципи и вредности.

На пример, за него либералите во Европскиот парламент се маргинална политичка група, а патем тие според бројот на пратеници се трета политичка групација. Секоја медиумска куќа која барем малку мисли на својата репутација, нема да испрати дописник кој е вмешан во некакви инциденти на ниво на институции. Едно е сигурно: со ваков дописник МИА ниту оддалеку нема да ја исполни својата функција како новинска агенција. Уште помалку корисниците на МИА ќе можат да си помогнат со извештаите на ваков дописник, а богами и ние како држава нема многу да се прославиме.

Кај нас работите многу често ни одат според рекламата „Скопско и се’ е можно“ и излегува дека наместо професионалност, образование, познавање на јазици за да станеш дописник треба да бидеш, односно самиот да се прогласиш за „патриот“, а сите останати колеги да ги прогласуваш за кодоши, предавници, непрофесионалци и така натаму.

Но, сепак не е се’ така црно во медиумскиот простор. Последните одлуки на Советот за радиодифузија со кои на некој телевизии им се одзеде лиценцата бидејќи не ги исполниле своите обврски, како и одлуката двете телевизии (Канал 5 и Сител) да си ја средат својата сопственичка структура поради неспоивоста со политичките функции кои ги имаат нивните најблиски членови на семејства, се добар знак дека ако работите се почитуваат, законите ќе се придвижат во позитивна насока. А само да потсетам како опозицијата остро обвинуваше дека со последните законски измени Советот за радиодифузија станал партиска (ВМРО-вска експозитура) со која ќе се контролираат електронските медиуми.

И на крајот повторно за „новинарот патриот“. Навистина ме интересира кога тој поднел изјава до Комисијата за лустрација за да се потврди дека не е кодош. Бидејќи јавно обвини дека сите останати новинари чекале Уставниот суд да ги укине одредбите од Законот. Дури и верувам дека не бил кодош поради неговата младост, а богами и некогашната УДБА беше многу професионална и не се занимаваше со маргинални фигури. Ама најлесно е во духот на класичен сталинизам или фашизам да обвинуваш и да даваш квалификации. Оттука, па до оној најлош облик на кодошлак, е само тенка црвена линија.

п.с. Со Уверение бр. 07-2015/2 од 15.12.2010 издадено од Комисијата за верификација на фактите се потврдува дека не сум бил кодош.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com