ПАТЕТИЧНА СЛИКА ЗА БОЖИК

Ако Бадник и Божик се семејни празници, зар треба сите да знаеме дека кај премиерот годинава паднала паричката. Што значи тоа за нас?

Вчера беше Свети Стефан со што во православниот свет завршуваат божикните празници, ама за новогодишните ќе почекаме до Василица. Иако станува збор за два различни типови на празници и празнувања, (новогодишните имаат световна димензија, додека божикните се исклучиво духовна и индивидуална димензија) кај нас благодарејќи на грубата (зло)употреба од страна на политичките елити (власт и опозиција) посебно божикните празници ја изгубија својата духовна димензија и се’ повеќе добиваат некаква политикантска патетика.
А во сето тоа свој активен придонес има црковниот клир, а и медиумите. Не знам колку внимателно ја слушавте божикната порака на поглаварот на МПЦ – Охридска архиепископија г.г. Стефан (иако формално таа е на сите владици), ама во неа имаше многу политички пораки. Црквата повикува на внатрешна сплотеност и национално единство, ама околу што да се сплотиме не кажува. Но, за жал, во посланието нема ниту збор за оние 30 проценти граѓани кои живеат во сиромаштија. Ниту една порака која има некаква универзална димензија, имајќи предвид дека и ние сме дел од глобалниот свет. Интересно, исти пораки за единство и сплотеност слушнавме и во новогодишните и божикните пораки и на премиерот и на претседателот на државата. Неговото блаженство г. г. Стефан зборува дека повеќе ни е потребна духовна обнова отколку промена на календарот. Ако за 22 години самостојност МПЦ со својот клир, свештенство, монаштво и сестринство, со своите образовни институции, не успеа да научи дека на богослужба, посебно на божикна, жена во црква треба да носи шамија, како што носеле нашите баби кога одеа во црква, или барем елегантна марама, ама никако гологлави како што ги гледаме со години дамите од политичкиот врв, а богами и сите останати госпоѓи, тогаш за каква обнова зборуваме. Од кога Ваше блаженство во божји храм по божикна литургија наместо да Ви целива рака (патем, тоа не значи бакнување) премиерот го поздравувате со прегратка. Кој е виновен што и по 22 години на самостојност и „целосна верска слобода“ храмовите се полнат само за Божикната и Велигденската литургија, кога по правило присуствува и државниот врв, а другите денови се празни.

Во право е владиката Наум, кој тврди дена одбележувањето на Бадник со палење огнови не е дел од традицијата на МПЦ, односно тоа го има само Српската православна црква и ниту една друга помесна црква. Ама, еве, ние тоа си го тераме. Каде се тие наши силни експерти од етнологијата, историјата, археологијата и ред други науки, па да кажат како и кога се одбележувал Божик на овие простори до 1912 година и до Букурешкиот мировен договор. Или и тие како и политичарите се концентрирани на античкиот период.

И во оваа патетична и навистина жална слика за Божик свој значаен придонес имаат медиумите. Каде на друго место во христијански храм (без разлика дали е православен или католички) за време на божикната литургија околу олтарот и помеѓу високото свештенство на чело со поглаварот можат да се мотаат фоторепортери и камермани ловејќи „ексклузивни фотки“. Никаде, освен кај нас во Соборниот храм. Понатаму, секоја година нашите инвентивни новинари заедно со своите генијални уредници како папагали ни повторуваат дека на Бадник вечерата е посна, дека божикниот ручек е богат и мрсен. А врв на сето ова е неизбежното новинарско прашањето кое по божикната литургија пред Соборниот храм се поставува поединечно на државниот врв: „Кај кого падна паричето?“. Ако Бадник и Божик се семејни празници, зар треба сите да знаеме дека кај премиерот годинава паднала паричката. И што значи тоа за нас и како верници, а пред се’, како граѓани ако паричката паднала кај премиерот.

И да се вратам повторно на владиката Наум, кој јасно кажува дека во македонската православна традиција не се става паричка во погачата која се меси за Бадник. И во една ваква искривена перцепција на Божик или подобро речено (зло)употреба, опозицијата одлично се вклопи. Па, така, пред затворот во Шутка како протест против притворот на Шиповиќ опозицијата славеше Бадник и вртеше погача. За да биде се’ во „знак“ на Божик пред Соборниот храм развија петнаесетметарски плакат барајќи Шиповиќ да се пушти од притвор.

Веќе еднаш напишав дека уште кога беше распишана меѓународната потерница против Шиповиќ таа имаше политичка, а не правна заднина. Ама се прашувам која беше целта на опозицијата вака да ги (зло)употреби божикните празници. Да му помогне на Шиповиќ? Не верувам дека во опозицијата се толку наивни и веруваат дека со вакви протести нешто ќе направат. Уште помалку верувам дека со ова ќе го набилдаат својот рејтинг, иако е јасно дека токму тука „лежи зајакот“.

Останува парадоксот дека во овие дваесетина години на самостојност, бројот на верници се зголеми и сега барем според некои истражувања над 95 проценти од населението се декларираат како верници. Од друга страна, храмовите се најблаго речено празни. Вчера за ова лично се уверив. Во 8 часот во Соборниот храм, верувале или не, имаше само неколку верници, не видов свештеник, а вчера беше Свети Стефан првомаченик!? И каде се сега тие 95 проценти верници?

Една паралела. Пред 40 години во Словенија околу 67 проценти од населението се декларираа како активни верници. Во католичкиот свет терминот „активен верник“ подразбира нешто повеќе од она што кај нас го подразбираме како верник. И денеска во Словенија процентот на активни верници се врти тука некаде. Од друга страна, Словенија е лаичка држава со строго почитување на уставното начело за одделеноста на црквата од државата. Кај нас веќе дваесетина години ја гледаме љубовта помеѓу црковниот клир и државниот и политички врв. Ама по се’ изгледа јалова љубов, барем кога станува збор за духовната обнова на народот и „верниците“. Колку да звучи чудно, но токму според Евангелието Исус не’ учи што е вистинска љубов, ама во исто време и ни дава слобода сами да избереме за каква љубов ќе се определиме додека сме на овој минлив свет.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com