ПАРИ НА РАКА, МАРА ЗА РАКА

Со чии пари Министерството за финансии ќе ги купи становите и дуќаните за наградната игра со фискалните? Со парите на сите нас, кои плаќаме ДДВ

Не знам за вас, почитувани читатели на „Утрински“, ама кога го слушнав слоганот „Фискална в рака, награда на рака“ на најновата лото-игра на Министерството за финансии, се сетив на оваа позната народна поговорка. Овој пат новата лото-игра има цел да ја зајакне финансиската дисциплина, а со тоа да се полни буџетот. И така ние, граѓаните, повторно волонтерски ќе глумиме даночни, пазарни и не знам какви се’ уште не инспектори, ама овој пат мотивацијата е многу поголема од оние 15 проценти од ДДВ што го нуди програмата на СДСМ. Сега во игра се станови дуќани и цел куп други вредни награди. Демагогија во низа, би рекле математичарите. Со чии пари Министерството за финансии ќе ги купи тие станови дуќани и други вредни награди? Со парите на сите нас кои плаќаме ДДВ. А колку (не)успешно државата го прибира ДДВ-то, односно колку е распашана сивата економија, тоа е прашање кое државата, пред се’, Министерството за финансии треба да го реши. И за ова ние, граѓаните, плаќаме.
Инаку, првата лото-игра на Владата не помина баш најуспешно. По гасењето на светлата во студиото на МРТ, кога пред очите на јавноста и со оној балкански гламур од барабанот наречен „вработување“ излегоа 1.500 имиња, на виделина излезе дека не е се’ така гламурозно. Владата сега овие 1.500 „среќници“ ги распределува по општините, односно нивните вработување сака да ги префрли врз општинските буџети. Арно ама, во Куманово и во Струмица, општини во кои опозицијата (СДСМ) е на власт, одбиваат да вработуваат нови луѓе со објаснувања дека нивните буџети не можат да издржат нови вработувања, а и никој пред тоа не ги прашал дали им требаат нови работници, колку им требаат и со какви квалификации, што е и навистина точно. Во општините каде што градоначалниците се од власта молчат, бидејќи нивните буџетски каси едноставно не можат да се испразнат. И, ете, добра можност да се нападне опозицијата дека таму каде што СДСМ е на власт општинската каса е празна, бидејќи се работело недомаќински. Навистина жално, бидејќи станува збор за човечки судбини. Затоа не треба да не’ чуди дека спаѓаме во групата најнесреќни народи.

Ама затоа е среќна Владата, бидејќи нејзиниот проект „Остваруваме“ продолжува успешно. Го гледам министерот за образование како среќно и задоволно ги следи најновите достигнувања на „Мајкрософт“ посветени токму на образованието, а потоа нормално и изјава пред камерите дека Министерството и Владата ќе продолжат да вложуваат во образованието, посебно во новите информациски технологии и алатки (како што се, на пример, СМС-пораките до родителите), бидејќи знаењето е моќ. Така е, ама ме интересира дали министерот се’ уште проучува дали двојазичниот натпис на училиштето „Конгреси и Манастирит“ треба да биде само со транскрипција на кирилица или треба да стои „Битолски конгрес“, како што велат експертите. Среќна и задоволна беше и министерката за култура, која на прес-конференција заедно со градоначалникот на Скопје објави дека е избрано идејното решение за нов мултифункционален објект кој ќе се гради на местото на Универзална. Колегите новинари од некои медиуми „не беа фер“ и се обидоа да и’ го расипат тоа задоволство на министерката за култура, поставувајќи и’ прашања кој го нарачал и платил споменикот на цар Душан, кој сега стои на мостот „Око“. И одигра кратка секвенција на зачуденост, во смисла што ме прашувате мене кога Министерството за култура не е надлежно за споменици. А потоа ги подучи новинарите дека тие се новинари и треба сами да истражуваат и да откријат кој го нарачал споменикот на цар Душан, кој го платил и кој го поставил и дали сето тоа е направено според прописите. Градоначалникот на Скопје, исто така, крева раменици и вели дека ништо не знае.

Е, сега, можете да си замислите во која било колку-толку уредена држава во центарот на главниот град некој да ви поставува споменик, а државата, односно надлежните институции да немаат поим за тоа!? И така никој ништо не знае, а допрва ќе проучуваат дали сето тоа е законски.

Инаку, посебно ме изненади жестокоста и квалификациите во реакцијата на претставничката од невладината „Разбуди се“. Според дамата од „Разбуди се“, поставувањето на споменикот на цар Душан е израз на кризата на идентитетот на македонскиот народ. Се прашувам со кое право некој ми наметнува дека мојот национален идентитет е во криза. Ајде да изјавеше дека владејачката македонска политичка елита има криза на својот национален идентитет, ќе се насмеев како добра шега на сметка на актуелните политичари, иако е јасно дека скулптурата на цар Душан е дел од проектот „Скопје 2014“, кој се реализира со целосна поддршка на албанскиот коалициски партнер.

Од друга страна, дали поставувањето на јарболи до небо и џиновски албански знамиња е криза на идентитет на Албанците кај нас или некаков ирационален национален романтизам? За мене, ниту едното ниту другото. Во суштина, и „Скопје 2014“, и јарболите и албанските знамиња, натписот „Конгреси и Манастири“ се само вешта манипулација на владејачките политички структури за да останат на власт. Затоа, би ги замолил овие од „Разбуди се“ да не го продлабочуваат етничкиот јаз помеѓу Македонците и Албанците. Или можеби вие од „Разбуди се“, сепак, живеете со тој неизживеан национален романтизам, кој се’ уште тлее во некои структури кај сите балкански народи? Сметката на крајот ја плаќаме ние, граѓаните, без разлика на која етничка или верска заедница припаѓаме, без разлика дали имаме криза на идентитет или сонуваме за големи национални држави. И да биде работата уште полоша, оваа сметка е без ДДВ, така што ниту јас како Македонец ниту Вие како Албанка нема да можеме да ја ставиме во плик и да учествуваме во најновата лото-игра „Фискална в рака, награда на рака“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com