ПАРАЛЕЛИ: СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА

Некој ќе рече – доцниме во однос на Словенците. За жал, убеден сум дека ние не доцниме, туку од самиот почеток пред дваесет години одиме во сосема друг правец

Во средата Словенците славеа точно 22 години (1990 година) кога на референдум (тие го нарекуваат плебисцит) се изјаснија за самостојна држава. На референдумот излегоа 95 проценти од граѓаните со права на глас а 88,5 гласаа за самостојна држава. Со ова фактички се заокружи словенечката национална програма објавена во бројот 57 на позната „Нова ревија“ во 1987 година, зад која стоеја група интелектуалци кои во тоа време во другите делови на Југославија ги нарекуваа дисиденти.
Тоа што е важно е фактот дека словенечкиот народ и воопшто јавноста во периодот 1987-90 година созреа и ја прифати определбата за самостојна држава што се потврди во јуни 1991 кога словенечкиот парламент врз основа на референдумот, донесе одлука за самостојна држава. Кај нас во тие години од самостојност немаше ниту „с“, а оние ретки кои за тоа јавно зборуваа и се заземаа беа жигосувани како непријатели на народот, странски платеници и уште ред други „комплименти“.
Македонската интелигенција во тој период мирно и спокојно, а пред се’ комотно, си живееше во „ладовината на државата“. Секако имаше и поединци, ќе го споменам уважениот Љубиша Георгиевски, кои имаа интелектуална и граѓанска храброст отворено да зборуваат дека тогашниот модел на општествено и државно уредување се веќе надминати и почитувајќи ја општествената детерминираност како и историскиот момент бараа да се оди во создавање на ново плурално и демократско општествено уредување и на самостојна држава.

И да се вратам на Словенија. И тие на почетокот имаа „проблеми“ со своите соседи Италија и Австрија. Италија дури се обиде да го отвори прашање околу границата, ама Словенците веднаш нај директно одбија вакво нешто да биде предмет на размислување, а камоли на преговори. Во исто време ги презедоа финансиските обврски кои СФРЈ ги имаше спрема имотите на италијанските граѓани кои по Втората светска војна се иселиле од Југославија. Италијанската влада тогаш ги одби тие пари, но Словенија во Банката за меѓународно порамнување во Базел отвори сметка, ги уплати парите и стави крај на ова прашање. Виена сакаше да го ревидира членот 6 од Меѓународниот државен договор со кој Австрија се обврзува за заштита на словенечкото малцинство. Но и тоа не помина, а Словенија и денеска знае да биде многу гласна, како на билатерален така и мултилатерален план, ако на било кој начин се загрозени правата на словенечкото малцинство. А ние, откако моравме да го менуваме знамето, моравме да го менуваме Уставот и да ја избришеме одредба за грижа за македонското малцинство во соседните држави.

За придавката ФИРОМ како привремено име кое трае скоро две децении не треба ништо да кажам. Демек, се’ во името на добрососедските односи. Ама денеска Брисел ни забележува токму на прашањето за добрососедските односи и така покрај името добивме уште еден „бенчмарк“! Денеска Словенија е членка на НАТО, ЕУ и еврозоната. Ние добиваме празни препораки кои не поминуваат на Министерскиот совет во Брисел ама добиваме излитена утеха: „Момци, идниот пат ќе биде!“

За оние кои денеска гордо велат дека ние во оваа светска криза сме подобри од Словенците ќе наведам само еден податок. Според Еуростат во Словенија БДП (GDP) по жител е 84 проценти од просечниот БДП во ЕУ односно Словенија има највисок БДП од некогашните социјалистички држави, ама и повисок од Португалија и од Грција. Македонија со 35 проценти е некаде на дното. Србија е сита како нас, полоши се Албанија и БиХ.

Е, сега некој ќе рече што сум запнал толку за Словенија, зарем не гледам и не читам што се случува таму. Денеска во Словенија „се случува народ“, политикантски термин кој го измисли Милошевиќ и кој и во Србија е надминат, ама нашиве политичари со големо задоволство и ден денеска го користат. Не е така, во Словенија не се случува народ, туку се случува „граѓанин“. Токму затоа ниту една политичка партија, без разлика дали е од власта или опозицијата, не се обидува ова незадоволство на граѓаните на било кој начин да го канализира и искористи за своите политички и дневни интереси. Словенечките интелектуалци, уметници, демохристијани или атеисти, гласачи на Јанша ама и на социјалдемократите, либерали и конзервативци се во редовите на демонстрантите; ветерани од војната во 1991, ама и борци на НОБ, сите тие заедно демонстрираат. А причините за ова незадоволство не е тешката економска состојба, туку однесувањето на политичките елити. Не само против оние кои се сега на власт, туку и против претходните, односно сегашната опозиција. Во суштина, не е целта да се урне актуелната власт, туку политичките елити да го променат начинот на своето делување и да се вратат кон интересите на граѓанинот. И кај нас деновиве ни се „случува народ“, но со многу јасен партиски предзнак. Како поинаку да се разбере кога едни „социјалци“ се за буџетот, а други „социјалци“ се против буџетот. Како едни пензионери да стојат на едната страна од полицискиот кордон, а други на другата страна? Како е можно едни уметници да се на едната страна (власта) и во исто време на еден тотално некултурен начин да ги жигосуваат оние кои не им се приклучиле? Или, како е можно нашите невладини организации да се толку остро партиски поделени, едни за власта други за опозицијата. Најдобар доказ колку сме ние далеку од „граѓанин“ зборува и фактот дека сите ние се жалиме на високите цени на парното електричната енергија ама ајде прашајте се како е можна граѓанската иницијатива на „Аман“ за промена на законот за електрична енергија се уште да не ја потпишале десет илјади граѓани за да започне постапката за измени на законот.

Нашиве интелектуалци и денеска главно молчат. А богами и подобро е да молчат бидејќи нема ништо интелектуално или експертски кога пред камера ќе изјават дека демократијата треба да се практикува во парламентот, дека никој нема право да ги исфрла пратениците од парламентот, ама никој нема право и демократијата од парламентот да ја пренесува на улица. Изгледа во вие дваесеттина година не научивме дека демократијата не е борба помеѓу доброто и злото туку пред се дијалог за постигнување на рамнотежа која води во целосен развој на општеството, а не само за поедини политички елити и тенок слој на економски тајкуни. Некој ќе рече добро, доцниме во однос на Словенците. За жал се повеќе сум убеден дека ние не доцниме туку од самиот почеток пред дваесет години одиме во сосема друг правец.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com