ПАНТА РЕИ – АМА СЕ’ Е ИСТО

Во овој мандатен период опозицијата ја смени тактиката на своето дејствување. Сега оди на поднесување закони

Не знам дали сте забележале, ама нашава опозиција (читај СДСМ) како да ја менува тактиката на своето дејствување. Еве мала ретроспектива. Во мандатниот период 2006-2008 најголем „адут“ на опозицијата и’ беше блокадата на законодавниот процес, а ако тоа не одеше тогаш се бојкотираше парламентот. Во мандатниот период 2008-2011 бојкотирањето на парламентот продолжи (пред се’ ДПА). Со усвојувањето на новиот Деловник законодавниот процес беше деблокиран, улогата на опозицијата во парламентарниот систем доби на квалитет, но таа во тој период повеќе беше концентрирана на организирање демонстрации пред Собранието отколку на вистинско институционално дејствување.
Сетете се само на оној „Марш на слободата“ кој го организираше СДСМ и на нивното инсистирање за предвремени парламентарни избори што им беше катастрофална тактичка грешка. Во овој мандатен период опозицијата ја смени тактиката на своето дејствување. Сега оди на поднесување закони. Само во периодот од 1 јануари до почетокот на март оваа година опозицијата поднесе деветнаесет закони. Според Деловникот на Собранието, секој пратеник може да поднесе предлог-закон. Исто така, факт е дека една од обврските на пратениците е да подготвуваат и предлагаат закони. Се обидов преку веб-страниците на повеќе парламенти, како од нашето окружување така и пошироко, да погледам како е во другите држави кога станува збор за ова.

Верувајте, во ниту една држава не најдов и тоа во период од 4 години опозицијата да поднесе толку закони колку што нашава поднела во период од два-три месеца. Браво за нашата опозиција, ама, сепак, нешто не штима. Имено, често се случува да дојде закон од Владата, да влезе во процедура, опозицијата да поднесе амандмани што е легално и легитимно, мнозинството (да бидеме искрени) најмногу од нив ги одбива, а откако законот ќе биде усвоен опозицијата поднесува нов закон за истата проблематика целосно идентичен, но со новина која се сведува токму на тој амандман кој бил одбиен.

Според Деловникот, претседателот е должен во рок од десет дена да го стави на дневен ред на пленарна седница. И тука почнуваат политикантските игри покриени со одредбите од Деловникот. Кога се оди на таканареченото прво читање, опозицијата добро знае дека таков закон нема да помине, но затоа е добра прилика цел ден, а понекогаш и повеќе денови на пленарна седница да се расправа за се’ и сешто. Од „Скопје 2014“, па до „бизнисите на фамилијата“, а најмалку за законот бидејќи за него веќе се расправало. Таков најдрастичен пример беше законот за минимална плата. Откако таков закон поднесен од Владата беше усвоен и веднаш пукна уште една реклама „Аирлија плата“, опозицијата поднесе идентичен закон. Во кој имаше само една измена која се однесуваше на висината на минималната плата. Во секоја нормална држава минималната плата е прашање кое го уредува синдикатот и работодавците, додека Владата е само алатка преку која тој договор во форма на закон влегува во парламентот, а по неговото усвојување, надлежните институции го контролираат неговото спроведување.

Кај нас 20 години синдикатите ни се на ниво на синдикатот од времето на социјализмот, а асоцијациите на работодавците кога ќе отворат уста бараат Владата да обезбеди „подобри услови за работење“, па тогаш е разбирливо што актуелната Влада се рекламира со „Аирлија плата“. Да не биде покуса, опозицијата со свој закон бара за илјадарка поголема минимална плата.

Нема дилема, барем за мене, дека ваквата „тактика“ на опозицијата со ништо не придонесува во јакнењето на парламентаризмот и, воопшто, на демократските процеси како во Собранието, така и во општеството. Напротив, мислам дека само се продлабочува јазот на идеолошката биполарност која кај нас ја вулгаризиравме на ниво на „патриоти“ и „предавници“. Убеден сум дека ваквата „тактика“ на опозицијата не го јакне нејзиниот рејтинг и, воопшто, позитивната перцепција кај граѓаните. Од друга страна, ваквото однесување на опозицијата ниту малку не придонесува за политичкиот дијалог во Собранието и за неговата уставна улога како законодавен дом, но и неговата надзорна функција. А со тоа на Владата и на парламентарното мнозинство му се отвора простор за комотно владеење. За волја на вистината, меѓу споменатите закони имаше и такви кои (според мое мислење) заслужуваа да влезат во собраниска процедура, а потоа мнозинството, ако така мисли, преку амандмани да ги подобри. Токму тука се манифестира тоа комотно владеење на мнозинството.

И наместо мнозинството со прифаќање на некои од предложените закони да влезат во собраниска процедура, со што како дома така и пред меѓународниот фактор ќе покаже дека токму тоа создава квалитетни услови за политички дијалог и да си ги „укнижи на свое конто“ таа априори ги одбива. Не може поради суфициентност на демократскиот капацитет на опозицијата, мнозинството да ги заобиколува демократските принципи. И така странците и понатаму во своите извештаи ќе забележуваат дека недостасува политички дијалог. А оние меѓународни организации, владини или невладини кои се етаблираа кај нас и понатаму ќе организираат воркшопови и ќе ги учат нашите парламентарци што е тоа политички дијалог. Панта реи – ќе речат некои. Да, ама и тука ние сме оригинални, бидејќи кај нас навистина времето тече ама многу малку состојбите се менуваат, односно ние се менуваме.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com