ОСУМСТОТИНИ ГОДИНИ ПОДОЦНА

Еднаш поради погрешната перцепција, еднаш поради заглавувањето во лифт, еднаш поради Грција, еднаш поради старата куртизана Европа, еднаш поради авторитарниот режим на Груевски, еднаш поради опозицијата – и ние се’ повеќе тонеме во калта

Неделава во Велика Британија беше свечено одбележана осумстогодишнината од донесувањето на Magna Carta (Магна карта), односно Големата повелба. Со тој документ се поставени темелите на она што денеска го именуваме како владеење на правото и еднаквост на сите пред законите, што спаѓа во корпусот на човековите права и слободи. Повелба со која се воспоставуваат темелите на парламентарната демократија и уставноста. Односно како што вели професорот Питер Сингер во колумната од средата во „Утрински“: „Магна карта била обид да се постават границите на политичката моќ…“ во тоа време на кралот, а денеска на извршната власт.
Според правните експерти, Магна карта не само што го надрасна своето време, туку остана „жива и свежа“ до денешно време, затоа што врз овој документ од средниот век се уредени основите на човековите права и слободи, судењето со порота или правото да нема држење во притвор (затвор) на неопределено време, без судење. Со право ќе се прашате зошто ја споменувам Магна карта посебно имајќи ја предвид колумната на професорот Питер Сингер. Е па замислeте, осум века подоцна во Македонија (папокот на светот, што би рекле патриотиве) зборуваме за немање на владеење на правото и партизирана држава, партизирано судство. Зборуваме за кршење на човековите права, максимално стеснета слобода на изразување, а со тоа и слободата на новинарите и медиумите. Факти кои ги читаме како забелешки, но и препораки во разни извештаи на меѓународни субјекти од Европската комисија, преку извештајот на Стејт департментот па се’ до „Фридом хаус“.

И замислете за нашиот ни „претседник“ извештаите на „Фридом хаус“ се само субјективна перцепција на поединци (читај соросоиди) и нема никаква врска со фактите! Заробен ум – би рекол големиот полски писател и нобеловец Чеслав Милош. Жално, ама наш си е, ние си го избравме, и тоа двапати.

И така, полека но сигурно, маѓепсаниот круг продолжува да се врти, односно продолжуваме сите заедно да тонеме во калта. Колку и да стои фактот дека поради нашиот јужен сосед сме „заглавени во лифт веќе дваесет и пет години“, како што вели нашиот „претседник“ и затоа ние во економијата градиме нагоре (демек расте економијата), се прашувам зошто тогаш „надолу“ одат сите оние принципи и стандарди кои со еден збор ги именуваме како демократија. Зошто имаме партизирана држава, судство, зошто затвораме и судиме новинари, зошто имаме грубо кршење на човековите права и на крајот, зошто станавме „случај“ во Европа со бегалците од Сирија и други блискоисточни држави? И, секако, најголемиот проблем поради кој сме веќе цела година „случај“, а тоа е политичката криза и пропаднатите преговори во Брисел. И нормално, за сето ова ние не сме виновни, туку некој друг однадвор (пред се’, од Европа). Или не’ мразат или се корумпирани и имаат свои лукративни мотиви.

Ако до вчера таканаречените патриотски медиуми, новинари, експерти и слични, беа против Европа, поточно против евроатлантските интеграции, сега и другиот „табор“ на демократи остро го нападнаа еврокомесарот Хан дека бил пристрасен во преговорите во корист на владата на Груевски. Дури се отиде и дотаму во својата „квазиидеолошка заслепеност“ што на еврокомесарот Хан му најдоа, го обвинија и му пресудија за „конфликт на интереси“. Најблаго речено, беше трагикомично во една од познатите телевизиски емисии кога еден од учесниците (новинар) објаснуваше (или се фалеше) дека бил со група амбасадори и во разговорите еден од амбасадорите на значајна држава-членка на ЕУ, го поставил прашањето околу пристрасноста, односно конфликтот на интереси кој го има еврокомесарот Хан, како посредник во преговорите помеѓу политичките лидери за изнаоѓање на решение за кризата. Ако кај нас 25 години имаме дипломатија, која ниту знае да ги артикулира нашите интереси, а уште помалку знае како тие интереси да ги оствари, тогаш не треба да не’ изненадува што новинар „гордо се фали“ како бил на средба со амбасадори и прераскажува политички „пикантерии“.

Се прашувам дали овде кај нас Владата, опозицијата, патриотиве и демократите и сите други ендемски видови го слушнаа настапот во Бундестагот на германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер?

И што сега. Владата си продолжува со својата популистичка политика која се темели врз два столба. Патриотизам сфатен на типичен балкански начин и „Остваруваме“. Во рамките на тоа остварување, сега слушнавме дека откако братот Субрата Рој заврши во индиските зандани, сега Владата со „наши пари“ ќе го прави монументалниот споменик на Мајка Тереза. Според првите проценки, сето ова ќе чини околу 5 милиони евра. Ама кај нас владините тендери секогаш почнуваат со една сума, а потоа преку разни анекс-договори сумата се зголемува за неколкупати. Но тука не престанува проектот „Остваруваме“. Премиерот продолжува со познатите роуд-шоуа и сега е во Австрија бркајќи инвестиции, а богами минатите денови се наслушавме за успехот на проектот „Македонија вработува“. Ама зошто тогаш според статистичките податоци сме на дното во регионот и Европа, кога станува збор за платите, односно стандардот на граѓаните.

На опозицијата, поточно на Заев, по се’ изгледа веќе ни „бомбите“, кои се’ повеќе наликуваат на петарди, не можат многу да му помогнат. Она што Заев и неговиот тим спин-доктори изгледа не го зеле предвид е општата политичка култура кај нас, која најчесто се сведува на онаа народната „секое чудо за три дена“. Се има впечаток дека СДСМ, односно двоецот Заев-Шекеринска, чека некој друг да покрене иницијатива за продолжување на преговорите и за изнаоѓање решение за политичката криза. Како што стојат работиве, се има впечаток дека сега СДСМ „се крсти“ во Американците. Верувам дека опозицијата е свесна дека ако Европската комисија овој пат не ни даде препорака за отпочнување на преговорите, ВМРО-ДПМНЕ, односно Владата (заедно со ДУИ), вината во целост ќе ја префрлат на опозицијата имајќи го предвид фактот дека имаат контрола врз поголемиот број медиуми. Односно што би рекол нашиот „претседник“, ќе се создаде перцепција дека опозицијата е виновна за се’. И така еднаш поради погрешната перцепција, еднаш поради заглавувањето во лифт, еднаш Грција, еднаш старата куртизана Европа, еднаш авторитарниот режим на Груевски, еднаш поради опозицијата ние се’ повеќе тонеме во калта. Додека не сфатиме дека само ние дома самите, а не некој однадвор, може да не’ извади од калта, ќе си продолжиме да тонеме.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com