ОСТВАРУВАМЕ!!!

Интересен е напредокот на „Евро-Балкан“. Од невладина организација, преку тинк-тенк, стана институт и сега прераснува во универзитет

„Сваки дан у сваком погледу све више напредујем“ – верувам дека и без превод ова го разбираат нашите ценети читатели, а исто така верувам дека многу од нив ќе се сетат дека оваа реченица е од култниот фил ма Кустурица „Се сеќаваш ли Доли Бел“. Богами, денеска и ние секој ден напредуваме или, речено со јазикот на актуелната власт, остваруваме… секако на сите полиња.
Така, посебно успешно „напредување“ бележиме во високото образование. Откако државата направи дисперзија на факултетите речиси скоро во секој град овој месец, добивме и нов универзитет „Евро-Балкан“. Интересен е напредокот на овој најмлад универзитет. Од невладина организација преку тинк-тенк, стана институт и ете сега прерасна во универзитет. Константа во развојот е „газдата“ и неговата способност секогаш да е близок со моментално актуелната власт.
Новиот универзитет сега се рекламира дека прв во Македонија воведува студии по социјална антропологија. Грешка, и тоа голема! Имено, ова е прв факултет по антропологија во светот и ние ќе бидеме први кои воведуваат академска титула „дипломиран социјален антрополог“.

Без лажна скромност, социјална антропологија слушав цели три семестри на Факултетот за политички науки во Љубљана и тоа далечната 1972 година кај еден од ретките професори по социјална антропологија на просторите на некогашна Југославија, д-р Стане Јужнич (патем, новиот факултет кај нас има се’ на се’ 6 семестри).

Антропологијата како научна дисциплина е релативно нова и се појавува кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, а пред се’, ги изучува, ајде така да речеме, примитивните општества и заедници во кои нема класичен систем на држава. Како татко на антропологијата се смета Франц Боас. Антропологијата денеска се изучува исклучиво на постдипломски студии, бидејќи се потребни интердисциплинарни студии (од историја, археологија, лингвистика социологија, психологија, биологија до медицина). Денеска таа се дели на повеќе подгрупи. Тоа е веќе споменатата социјална антропологија, потоа културна антропологија, биолошка антропологија (ова посебно го злоупотреби Хитлер во креирањето на ариевската раса и сите други помалку вредни нации односно раси), лингвистичка антропологија и така натаму. За основоположник на социјалната антропологија се смета британскиот антрополог со полско потекло Бронислав Малиновски. Еден од најпознатите антрополози на дваесетиот век е Американката Маргарет Мид.

И сега да не се правам многу паметен и колку сум научил кај мојот професор д-р Јужнич сепак мислам дека оние кои ја подготвувале програмата за студирање на универзитет „Евро-Балкан“, блага врска немаат со антропологијата, дури мислам не прочитале тоа што го пишува, на пример, на Википедија. Тоа што е навистина разочарувачки е фактот дека ваква програма поминала кај Комисијата за акредитација, а таа комисија е државна. Дали некој се прашал каде идните антрополози кои ќе треба да плукнат 5.700 евра за шест семестри, а првиот антрополошки предмет ќе го слушаат дури во третиот семестар, ќе се вработат. Комично, ама за жал трагично, за идните млади антрополози ама се плашам дека кога ќе дипломираат им останува само да го проучуваат оној ендемски вид на луѓе од Македонија што така убаво беа прикажани во владината реклама за туризам. И сега навистина се прашувам дали актуелниот министер за образование со вакви универзитети и програми мисли дека ќе влеземе на Шнагајската листа меѓу првите 500 универзитети.

Во рамките на тоа „континуирано одење напред“ свој придонес деновиве ни даде и хиперактивниот министер за здравство. Не мислам на набавката на душеци за болничките кревети, туку токму на полето на високото образование. Во рамките на проектот на Владата за преведување на стручна литература, што мислам дека е многу добар потез, беа преведени и учебници и друга стручна литература од полето на медицинските науки. Нашиов хиперактивен министер со сите овие книги и учебници и секако со булук камери ги предаде на деканот на Медицинскиот факултет. Да заборавиме дека тоа е пред се’ работа на министерот за образование, бидејќи станува збор за високообразовна институција, ама министерот за здравство храбро најави дека од овие врвни учебници ќе бидат составени прашања, а идните лекари специјалисти ќе можат да избираат дали ќе полагаат специјалистички испити по таа нова листа на прашања или по старите. Оние кои ќе полагаат и положат по новата листа на прашања на Министерството за здравство, како што најави министерот, ќе можат на сметка на државата да престојуваат на некоја од светски познатите клиники?!

Се прашувам – од кога еден министер може да се меша во научно-педагошкиот процес на кој било факултет. Зарем не е должност на секој професор на кој било факултет на студентите барем да им посочи, но и да воведе најнова стручна литература во неговиот предмет, без разлика од која област на науката станува збор, а посебно ако таа стручна литература ја имаме и на мајчин јазик. И, на крајот, се прашувам дали утре кога како редовен пациент на пулмологија, каде што успешно се справуваат со мојата астма, сега треба да барам лекар кој специјализирал по новата листа на прашања, која ја одобрил министерот!?

И да се изразам со медицинска терминологија, астмата е хронична болест, затоа останувам кај досегашните доктори, и така министрите секогаш биле и се само акутни… Но, за жал онаа реченица од филмот „Се сеќаваш ли Доли Бел“ кај нас и по 30 години е се’ уште акутна…

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com