ОСТВАРУВАМЕ – ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ

Еволуцијата на „Евро-Балкан“ од невладина до универзитет била логичен процес на „зреење“. Колку што јас знам, зреат јаболка, круши, лубеници, а богами и тикви

Читајќи го писмото на Универзитетот „Евро-Балкан“, што би требало да биде одговор на мојата колумна, навистина уште еднаш ми потврди дека сум бил во право. Во оригиналот упатен до нашиот ценет „Утрински“ авторите од „Евро-Балкан“ ми го утнале и презимето, а најкомичен беше потписот – „од екипата на ’Евро-Балкан‘“.
И, така, сега јас поединец треба да се расправам со „цела екипа“ на овој наш најмлад универзитет. Понатаму, самата структура на пишување им е најблаго речено катастрофална… во целиот текст има само неколку долги реченици од кои најкратката има девет реда, а најдолгата 14 реда. Ама ништо страшно. На студиите за социјална антропологија има и предмет академско пишување. А, бидејќи момциве од екипата додека ги стекнувале своите академски титули, по се’ изгледа, не го слушале овој предмет, сега се надевам дека екипата ќе смогне сила и волја да ги посетува предавањата и да научат што е тоа академско пишување.
За нив еволуцијата на „Евро-Балкан“ од невладина до универзитет е логичен процес на „зреење“. Е па колку што јас знам зреат јаболка, круши, лубеници а богами и тикви, а има и тиквари за жал. Навистина, не им се лутам за нивната (дис)квалификација дека јас сум неупатен квазикритичар, ама ме изненадува кога велат дека јас сум учел антропологија кај професорот д-р Стане Јужнич, кој е пензионер и неговите научни сознанија биле надминати. Демек, сега имало во Словенија млади антрополози кои биле едуцирани во духот на „англосаксонската школа, француската, скандинавската“ и така натаму.

Како доказ наведуваат неколку имиња, како што велат, на млади антрополози (sic) меѓу кои и д-р Кармен Медица. Е, па, д-р Медица докторира социјална антропологија во 1988 година на мојот факултет, а ментор и’ е мојот професор д-р Стане Јужнич. „Екипата“ на „Евро-Балкан“ бидејќи нема аргументи на моето тврдење дека нема факултет за социјална антропологија никаде во Европа, туку тоа се учи во рамките на постдипломски студии и тоа најчесто на факултетите за социологија, во својот (квази)академски одговор лупа еден куп стручни изрази и мислат дека со тоа ќе ги убедат нашите читатели. Едноставно – НЕМА факултет за социјална антропологија, како што нема ниту за другите подгрупи на антропологијата.

И, на крајот, бидејќи „момциве од екипата“ истакнуваат дека мотивот за нивното писмо биле читателите, односно можните идни студенти и нивни родители кои ќе треба да „плукнат“ 5.700 евра, и мојата колумна беше упатена, пред се’, до истата таргет-група. Еве само едно прашање. Дали кај нас во која било државна образовна културна или каква било институција во систематизацијата има предвидено место за „социјален антрополог“. Прашајте се токму за ова, почитувани читатели.

Во суштина не е проблемот кај „Евро Балкан“, туку, како што реков, во Kомисијата за акредитација, која дозволила да се отвори ваков факултет. Јас лично дури верував во искрените определби и на бившиот и на актуелниот министер за образование да се подигне квалитетот на универзитетите во Македонија и да влеземе барем меѓу првите илјада универзитети на познатата Шангајска листа. Ама на таа листа не се влегува само со квантитет, па така денеска Македонија има, ако не се лажам, шест државни универзитети, а приватни навистина не знам колку се, бидејќи речиси секојдневни никнуваат нови.

Од друга страна, ние сме на дното по вложување во научно-истражувачката дејност. Понатаму, во која држава ќе ви дозволат да бидете вработен во државна научна институција, таму сте ги стекнале и највисоките академски титули, па во меѓувреме да си направите невладина организација која потоа ќе „зрее“ до универзитет. А дотогаш ќе работите на најразлични проекти, ќе тезгарите на некој приватен универзитет, и ете, созреа вашата НВО и стана универзитет, ама вие и понатаму сте редовно вработен во државната институција. Ако го погледате списокот на професори на универзитетот „Евро-Балкан“, ќе најдете еден куп луѓе со академски титули, ама на државни јасли.

Вака растргнат на две-три страни, а некои богами и на повеќе, треба да бидеш во најмала рака интелектуален па дури и физички супермен, ама за жал, тоа го има само на филм. А кај нас се сведува на обично квазиинтелектуално и квазинаучно тезгарење.

Ова не се однесува само на овој наш најмлад универзитет, ниту пак тоа е присутно од вчера, туку станува збор за една реална и со години извитоперена состојба во високото образование, кое кај нас се’ повеќе се сведува на општествените и хуманистичките науки. И во Европа високото образование на државните универзитети е горе-долу бесплатно, односно со партиципација, но тоа не значи дека секој средношколец може да се запише. И во Европа приватните универзитети се скапи и бараат многу пари, ама нивната конкурентност не се темели врз фактот колку лесно „штанцаат“ дипломи. Таму, професорите и на приватните и на државните се професори, а не во исто време да се редовно вработени и во други државни институции, а уште помалку да тезгарат на два-три факултети. Но, со ова веќе навлегов многу пошироко од полемиката со „екипата на ’Евро-Балкан‘“, која за мене е веќе завршена…

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com