Од 24/7, прешалтавме на 36/7

Премиерот е во френетична кампања, опозицијата го чека изборот на специјалниот јавен обвинител, а не сум сигурен дека на 24 април идната година ќе има избори

По потпишувањето на „мировниот договор од Пржино“ (кај нас политичките партии и нивните лидери веќе 25 години се однесуваат еден кон друг како воени непријатели, а не политички конкуренти) напишав дека Владата на чело со премиерот Груевски во рамките на проектот „Остваруваме“ наместо 24/7 ќе „прешалта“ во повисока брзина, односно 36/7. И богами така е. Само во еден ден премиерот Груевски во прилепскиот регион отвори локален пат помеѓу две села, најави почеток на спортска сала во трето село, а во четвртото, галиба, беше пуштање во употреба на канализација!?
Но тоа не е се’. Детално не’ информира, и тоа во проценти, како оди со пробивањето на трасата на автопатите кои се во изградба и тоа оној од Коридорот 10, значи кон границата со Грција, потоа истокот Велес- Штип и секако најновиот Кичево-Охрид и до границата со Албанија. Дури слушнавме колку луѓе работат на овие инфраструктурни проекти (запомнив дека биле над две илјади). Понатаму најави дека многу брзо ќе се донесе закон со кој дефинитивно ќе се уреди пензискиот стаж за земјоделците уште од периодот на последните години на бившата држава. Во меѓувреме, поевтини бензинот, се намалија казните, пензиите од септември ќе бидат поголеми за околу 600 денари – и ајде сега речете дека 36/7 не е можно. Ајнштајн со својата теорија на релативност на нашиве и нивната програма „Остваруваме“ потпомогната со рекламата „Скопско и се’ е можно“, навистина може само вода да им носи, што би рекле кај мене во Дебар Маало.

Добро, премиерот не спомена дека девизните резерви во јули се за над двесте милиони долари помали од оние во јули минатата година. Нејсе. Август е месец кога нашите „гастарбајтери“ се тука, па девизи ќе се потсоберат од нив, ако веќе не успеваме да собереме од туризмот, а за покриеноста на извозот со увозот подобро да не споменувам.

Интересен е фактот како „демократската опозиција“ гледа на сите овие мерки и активности на актуелната власт и на премиерот Груевски. Според лидерот на „демократската опозиција“ и претседател на СДСМ, другарот Заев, овие активности на Владата и на Груевски не се во спротивност на „мировниот договор од Пржино“. Од друга страна, другарот Геро, во својот редовен коментар пишува: „Премиерот во заминување со овие потези, кои се класична предизборна кампања, договорот од Пржино го направи тоалет хартија“. Другарот Геро има делумно право кога вели дека ова потсетува на класична предизборна кампања. Но нешто заборавил. ВМРО-ДПМНЕ од јуни 2006, кога победи на изборите, па се’ до денес е во континуирана предизборна кампања. Сетете се на „Програмата во 100 чекори“, па потоа таа се прошири и надгради, па потоа имавме отчетност, па промени во вториот и третиот ешалон на функционери, демек дошло до „замор на материјалот“. Со еден збор, „Остваруваме“ и убеден сум дека така ќе биде со или без Груевски се’ до изборниот молк кој ќе настапи на полноќ на 22 април 2016, ако навистина се одржат избори на 24 април како што пишува во Договорот од Пржино.

Според лидерот на опозицијата тие сега се сконцентрирани на постигнување на договор околу таканаречениот специјален јавен обвинител, односно, опозицијата ќе се врати во парламентот само ако е постигнат таков договор. Ајде да претпоставиме дека ќе биде постигнат договор и на 15 септември (според календарот од договорот од Пржино), да добиеме посебен, односно специјален јавен обвинител. Ако некој очекува дека тој специјален, посебен, или веќе како ќе се вика, на 16 септември ќе започне постапка против главните ликови од „бомбите на Заев“, односно незаконско прислушување и снимање, а потоа монтирани и лепени материјали како што веднаш ги оквалификува премиерот Груевски, тогаш е навистина далеку од реалноста.

Оние малкумина вистински експерти, кои науката не ја подредуваат на дневната политика, многу јасно кажаа и објаснија зошто на тој јавен обвинител ќе му треба подолго време за да ја започне правната разрешница на аферата со прислушувањето. Да не заборавиме дека премиерот во заминување(според другарот Геро) на функцијата останува до крајот на годинава. Врти-сучи, дури по Василица можеме да очекуваме нов премиер, а со тоа нова влада со некакви фластер министри. И остануваат нешто повеќе од два месеца каков таков нормален период пред да почне официјалната предизборна кампања. Се има впечаток дека опозицијата ја гради својата стратегија и тактика за победа на изборите на 24 април врз правната разрешница на аферата со прислушувањето

Вториот елемент врз кои опозицијата смета дека ќе победи на претстојните избори е пречистен избирачки список!? И тука се’ уште не се знае како да се пречисти избирачкиот список. Едни велат преку на ново пријавување на граѓаните и со тоа создавање на нов избирачки список, како што е на пример во САД. Други велат да се оди од куќа до куќа! Трети се загрижени што со дијаспората, а посебно каде ќе гласаат „нашинците“ од Пустец. Чудно, никој не го поставува прашањето што со оние граѓани кои немаат биометриски лични документи, а барем досега се на избирачкиот список. Ако се сеќавате, се зборуваше за околу сто илјади наши сограѓани и државјани на Република Македонија. Што држава ќе бевме кога седум проценти од полнолетните граѓани немаат биометриски лични документи.

Секако, тука е и трансформацијата на ДИК. Во сите европски држави изборните комисии се независно и исклучиво стручно тело, кое врз основа на законите ги организира и изведува изборите. Најчесто, во периодот кога започнува изборниот процес на чело на ова тело доаѓа судија, пред се’ од Врховниот суд, кој на таа функција останува до крајот на изборниот процес. Така е во Европа, односно во секоја колку толку демократска држава. Кај нас барем досега ДИК е чисто партиско тело со некаква исчашена демократија, демек претседателот е од опозицијата, ама власта од 7 члена има 4. А богами и без бомбите на Заев досега безброј пати видовме дека таму се гласа според партиска директива.

Интересен е фактот дека помалите партии, но и невладините организации кои се под чадорот на опозицијата, односно на СДСМ, се заземаат промените на изборното законодавство да одат во правец на воведување на една изборна единица и на отворени листи? За волја на вистината, и некои помали партии кои се сега во власта или беа до вчера, го бараат истото. Интересно, СДСМ барем засега експлицитно не ја подржал идејата за една изборна единица, односно за воведување на изборен праг, што е правилен термин. Да потсетам, ВМРО-ДПМНЕ ова експлицитно го одби пред летниот одмор на Собранието. Инаку никаде во Европа нема една изборна единица, како што се користи погрешно кај нас, туку има изборен праг на ниво на држава. Тој праг се движи од 0,7 проценти во Холандија, па се’ до 10, односно 14 проценти во Турција и Русија. На пример во Чешка изборниот праг е 3 проценти, но може да достигне и до 18 проценти ако има предизборни коалиции од пет или повеќе партии.

Што се однесува до терминот отворени листи во суштина станува збор за таканаречени полуотворени листи кои реално гледано во држави со политичка култура како што е кај нас ништо нема позитивно да променат во правец на јакнење на демократијата.

Како и да е, ако опозицијата навистина се надева дека само со овој корпус на аргументи кои навистина се дел од она што се вика демократија, човекови права и слободи и правна држава, односно владеење на правото, ќе победи на изборите во април идната година, е во длабока заблуда. ВМРО-ДПМНЕ со Груевски како лидер одлично го користи нивото на политичката култура на мнозинството кое му носи победи. Па затоа не му е тешко како премиер да сече лента за локален пат помеѓу села за кои сум убеден ниту тој самиот до тогаш не знаел каде се. Па, така ни го продаде барокот палмите и галиите на Вардар, односно „Скопје 2014“, ама се надгради и прошири и во 2015. Успеа со својата антиквизација и наметнати антички корени, па сега на секоја поголема „државна односно државотворна“, манифестација, ни се шета фалангата на Воинот на коњ, поточно нашиот Аце. Затоа е многу веројатно дека ВМРО-ДПМНЕ и Груевски како партиски лидер на 24 април идната година, околу полноќ, ќе слават историска десетта победа врз СДСМ. Ама барем во овој момент, имајќи ја предвид реалната состојба, како кај нас дома така и пошироко во Европа и светот, навистина не би ставил рака во оган дека идната година на 24 април кај нас ќе има избори.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com