ОД ТРАГЕДИЈА ДО ТРАГИКОМЕДИЈА

Поплавата која се случи на 6 август и која однесе над дваесет животи уште еднаш на површината ја покажа сета општествена, политичка медиумска „експертска“ и институционална беда во која живееме. Замислете според директорот на Управата за Хидрометеорологија (или како се вика оваа институција) кои писмено објасни се што тој направил откако станал „голем директор“, „генијално“ утврдува дека за се виновен е СДСМ и Бранко демек тие 2005 купиле некој стар програм. Ало сега сме 2016, а фалбаџискиот тон во јавното писмо и неговата академска титула може комотно да ја обеси на опашот од оние познати мачки на Ван Хауте а тој да се си се врати на своите кулинарски емисии.

Нормално власта оправдувањето за оваа катастрофа го гледа во непредвидливоста на природата односно Божја волја. Ама сигурно не е крив ниту Коце ниту градоначалникот на Гази Баба. Би било големо изненадување ако кај споменатите се разбуди чувството на морална одговорност за изгубените животи на нашите сограѓани. Ама изгледа сите заборавивме дека пред една година во тетовско се случи скоро идентична катастрофа кога во Шипковица однесе, ако сè уште ме служи меморијата, 6 животи. Ама до денеска никој не си понесе одговорност а госпоѓа Теута сè уште е градоначалник на Тетово. Жителите од Шипковица деновиве предупредија дека истата несреќа може повторно да се случи, ама се ми се чини ова е како глас во пустина. Патем ако локалната самоуправа не е кадарна да преземе превентивни мерки или да ги санира последиците тоа може и треба да го направи односно требала досега да го направи централната власт.

И сега доаѓаме до она што според мене е дното на политикантската лицемерие. Да почнеме од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Вистинскиот хазајин (газда) во државата го прекине својот одмор и ете го на самото место на несреќата. Градоначалникот на Скопје му реферира за некакви пумпи за испумпување на водата Груевски како да е електроинженер се распрашува за нивната јачина. Коце реферира Груевски сериозно „експертски“ утврдува дека јачината е добра. Не го споменав и присутниот Министер за труд и социјална политика ама за него одамна имам речено дека подобро е кога молчи. Но тоа не е се. Груевски го посетува и собирниот центар на Црвениот Крст и повторно истата драмолетка. Првиот човек на Црвениот крст реферира на партиски шеф а овој онака шефовски поставува прашања, дава рокови. Камерите снимаат прашања нема и полека но сигурно трагедијата преминува во трагикомедија. Ама да не се остане покусо во оваа трагикомедија, опозицијата на чело со Заев и таа активно се вклучи. Заев дава изјава дека сега е најважно да се помогне на настраданите и ете веднаш се фати за лопата и чисти, секако сето тоа трае додека се вклучени камерите. Другата половина од двоецот на СДСМ, Шекеринска елегантна и уредена како секогаш ете во четвртокот заедно со волонтери симпатизери на СДСМ ги посетува настраданите подрачја и дели помош!? Нормално оваа трагикомедија која ја направија нашите политички елити има само една единствена цел, политички (политикантски) рејтинг и ништо друго. Во секоја нормална држава владата на чело со премиерот (кој не е лична марионета на „хазајинот“) ќе формира кризен штаб кој би го водел тој или некој од потпретседателите и кој ќе раководи со сè она што е потребно за надминување на состојбите во погоденото подрачје. Ќе раководи и контролира како се дистрибуира и дели помошта за населението. Вака барем според она што го слушаме во извештаите од теренот таму состојбата е хаотична. Секако во целата оваа пародија посебна улога имаат медиумите, нормално поделени и понатаму на патриотски и демократски. Арно ама случајно на пример да им текне и на демократските и на патриотските медиуми да проверат дали одлуките на Собранието на град Скопје и на општина Гази Баба на семејствата на загинатите еднократно да се исплатат одредена сума пари дали е реализирана??? Не, за едните и за другите барем во моментов тоа не е актуелно, ама клиентелистички да се следат партиските лидери е тоа е многу важно и секако е според европските и светските стандарди за новинарство и информирање!!!

Нејсе, бедата политичка и понатаму продолжува. Во средата академик Камбовски јавно го повика претседателот на собранието да го прекине одморот и да свика вонредна седница на Собранието. На седницата да се донесат сет закони со кои сите државни непродуктивни инвестиции (на пример панорамското тркало, барокот на ГТЦ и така натаму) да се пренасочат за настраданите подрачја. Звучи идеално ама во суштина Академик Камбовски ни продава ситна демагогија и политикантство. За нас постарите кои го знаеме неговиот политички бекграунд, не нè изненадува ова политикантство од Академик Камбовски. Имено како правник и професор на правен факултет тој знае дека претседателот на парламентот може да свика седница (ваква како што бара Камбовски) само ако владата, пратеничка група или пратеник поднесат пред тоа предлог закон. Не знам дали Камбовски мислеше дека Вељаноски како претседател треба сам да го пишува законот сам да свика седница, а би било најдобро, секако според Камбовски, Вељаноски како претседател и самиот тој да го изгласа законот. Ама оваа „спонтаност“ на Камбовски изгледа ги просветли СДСМ односно целата опозиција. И ете во четвртокот пратениците од опозицијата поднесоа иницијатива за вонредна седница на Собранието. Како што истакна портпаролот на СДСМ Шилегов на седницата ќе се разгледува состојбата по катастрофалната поплава и дека а тој очекува и сите пратеници да ги поддржат и едногласно ќе бидат усвоени заклучоците кои ги предлага СДСМ. А според Шилегов овие заклучоци имаат цел а таа е поефикасно надминување на последиците, но и како превентивно треба да се работи во иднина за да не се повтори оваа трагедија. Е па сега само едно прашање за Шилегов, односно опозицијата? Зошто лани кога се случи слична трагедија во Тетовската општина (Шипковица) опозицијата не предложи да се расправа на вонредна Собраниска седница посебно за превентивните мерки вакви несреќи ако се случуваат во иднина да помината со минимални последици посебно кога станува збор за човековите животи. И веднаш да разјасниме, причината е само една, лани изборите беа далеку, сега се зборува дека избори ќе имаме во декември?! Со други зборови, политикантство а не грижа за постраданите Иницијативата на опозицијата ја поддржаа и останатите пратенички групи. И ете седница ќе има, претседателот на Собранието ја закажа за 14 овој месец. И сега владата ќе подготви извештај, нормално без трошка самокритичност, а потоа во собраниската сала ќе гледаме по којзнае кој пат препукување помеѓу мнозинството и опозицијата со оној веќе одамна истрошен вокабулар на нашата фолклорна политичка култура. Колку оваа седница ќе помогне на населението во погодените подрачја, верувам дека одговорот сите го знаеме. И да ја завршиме оваа трагикомедија со навистина бизарниот повик на „Друштвото на писателите на Македонија“, во кој се повикуваат граѓаните да поклонат книга за настраданите во поплавите!!! Навистина во овие моменти книгата на луѓето кои немаат што да јадат и каде да легнат многу ќе им помогне!!!

Единствена светла точка во сето ова е онаа искрен солидарност и помош не поединци кои на овој или на оној начин помогнаа на својот комшија пријател или непознат човек и кој спасија повеќе животи. Светла точка се и сите граѓани од републиката кои со најразлични лични донации придонесуваат наши сограѓани погодени од поплавата барем во овие првични денови им помага да ја преживуваат ова катастрофа.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com