ОД ЕУФОРИЈА ДО РАЗОЧАРУВАЊЕ

За неколку дена, коментарите во Бугарија околу победата на Сириза отидоа во дијаметрални насоки. Ако Грција сака да излезе од НАТО, тоа ќе биде добро за Македонија

И ете, ја „преживеавме“ и победата на Сириза. Навистина не се сеќавам кога толку многу простор и време во македонските медиуми сме посветиле на избори во една држава. И тоа не само со извештаи на „нашите“ постојани дописници и на „ексклузивните“ посебни известувачи, туку не’ преплавија со телевизиски и пишувани анализи и коментари што значи победата на Сириза и на нејзиниот лидер, а веќе и премиер Алексис Ципрас. И така од еуфорични коментари од типот „Браво Сириза! Има надежи за Македонија“, во овие неколку дена се стигна и до разочарувања особено околу ставот на новата грчка влада за прашањето со нашето име. Ако Ципрас пред изборите зборуваше дека „ерга омнес“ е и за него црвена линија, односно име со географска одредница е прифатливо, како премиер и во коалиција со ултрадесничарската и националистичка партија Независни Грци на чело со Панос Каменос, кој е и министер за одбрана, сега не прифаќа ниту сложено име во кое ќе стои зборот Македонија. Како што пишуваат грчките медиуми, ова Ципрас го прифатил како предлог на својот коалициски партнер, но затоа очекува целосна поддршка за својата економска програма. Економската програма предизвика голема бура и загриженост во еврозоната, но и кај меѓународните финансиски институции, но мислам дека ќе преовлада онаа народна мудрост „врела каша најмалку можеш да изедеш“. Односно, едно се предизборни митинзи, а друго е реалноста. Веќе самиот состав на владата тоа го покажува. На пример, од една страна е новиот министер за финансии Јанис Варуфакис. Овој 53-годишен економист, кој до неодамна беше професор на Универзитетот во Остин, Тексас, важи за економска левичарска поп-ѕвезда. Овој полиглот, за кого велат дека е многу способен но тежок соговорник, кој знае да провоцира и одлично знае да комуницира како со медиумите така и со јавноста, ќе ја турка тезата за отпишување барем на половина од долговите кои се тешки 240 милијарди евра. Неговата изјава дека доверителите нема да видат ниту цент од Грција, ако земјата не обезбеди динамичен економски раст, предизвика неговиот германски колега да одговори дека новата грчка влада треба да биде чесна и фер кон германските граѓани, чии пари ги доби Грција како заем за да не банкротира.

Од друга страна, вицепремиерот, кој ќе ги контролира сите министерства од економската сфера, Јанис Драгасакис (63) е личност тотално спротивна од министерот Варуфакис. Сепак, заедничко за двајцата клучни играчи во владата на Ципрас е дека остро се спротивставуваат на наметнатата политика на штедење. Не верувам дека владата на Ципрас ќе излезе од НАТО, како што беше споменато деновиве. Реално гледано, на Македонија тоа би и’ одговарало, бидејќи тогаш ќе го снема и условот за името, односно нема кој да ни стави вето. Но сепак тоа нема да се случи. Поверојатно е (но со голема задршка) дека Грција ќе излезе од еврозоната. И ако се има предвид големата умешност за преговори која Грците ја имаат стекнато од антиката па до денес, убеден сум дека и овој пат ќе се извлечат. Нека им е со среќа, а онаа позната максима „должен си како Грција“ ќе си остане уште многу долго во употреба, не само кај нас туку и пошироко во Европа.

Дома работиве според програмата „Остваруваме“ ни одат мазно и секако успешно. Мојот „омилен“ министер за здравство, не само дома, туку и во Брисел, направи „’ршум“ со своите реформи. Европа е воодушевена од мојот „омилен“ министер, особено од неговиот проект „Мој термин“. Не знам само дали министерот им спомена дека поради огромниот број пропуштени а закажани термини сега ќе воведе и казни. Ред мора да има, а и мал придонес во благајната на буџетот или, пак, само на Фондот за здравство не е на одмет. Понатаму, не знам дали министерот ги информира Европејците за процентот на смртноста на бебињата кај нас. И да не ги набројувам и другите „бисери“ од неговите здравствени реформи. Во секој случај, еден убав ден кога нема да биде министер за здравство, сигурно му се отворени вратите барем за советник, односно консултант за здравствени реформи во некоја од 17. држави на ЕУ кои се зад нас во организираноста на јавното здравство!

Интересен е фактот дека ваквите успеси и признанија за нашите здравствени реформи и секако за мојот „омилен“ министер доаѓаат од невладина организација, а не на пример од Светската здравствена организација. Сега некој ќе рече дека барам влакно во јајцето. Не, само сакам да потсетам дека кај нас нема ист аршин. Имено, ако некоја странска или домашна невладина организација објави какви било позитивни рангирања за политиките на актуелната влада, тогаш веднаш се објавува и се врти додека не ги научиме напамет бројките или табелите. Но, ако некоја иста таква невладина и непрофитна организација објави лоши резултати или рангирања, тогаш или тоа не наоѓа место во нашите патриотски медиуми (кои се во мнозинство) или на сите начини се трудат тоа да го прогласат како нерелевантно, субјективно и уште не знам што.

И токму во средата, „Фридом хаус“ го објави најновиот извештај во кој Македонија заедно со Босна и Херцеговина и Украина се единствените европски држави кои спаѓаат во групата на делумно слободно држави кога станува збор за демократијата, слободата на изразување, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи. Ама кој го „шиша“ „Фридом хаус“, кога ние во здравствените реформи сме многу подобри од 16 држави од ЕУ, а за „Дуинг бизнис“ ич муабет да не правиме. Затоа кај нас за власта и патриотските медиуми нема штрајк во образованието, односно тој е незначителен, ама затоа со закон имаме воспоставено штрајкбрехери, што е уникатен пример.

Се прашувам како власта ќе го објасни и оправда фактот дека поради неплаќање членарина во Обединетите нации ни е одземено правото на глас. Зар навистина МНР немало 24 илјади долари да си ја платиме членарината која изнесува само 0,01 процент од вкупниот буџет на ОН. Само погледнете на кои други држави им е одземено правото на глас од исти причини, па ќе ви стане јасно на кое дереџе е нашата надворешна политика, која се сведува само на слаткоречивоста на актуелниот министер. А не толку одамна бевме сите, и како држава, и како граѓани, па ако сакате и како народ, горди што една мала Македонија даде и претседател на на Генералното собрание на ОН, кој одлично си го заврши мандатот. И нормално, за нашата фолклорна политичка култура, како и досега, никој за ова нема да биде одговорен. А токму поради таквата политичка култура, која помалку или повеќе ја прифаќаме сите, кај нас нема и не сум убеден дека наскоро ќе се појави нешто слично како Сириза или шпанската Подемос или ако сакате, словенечката нова левица. Ама затоа имаме „бомби“ кои немаат фитил, не можат да пукнат. Ќор-фишек… И така веќе две децении.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com