ОДЕТЕ СТРОГО ПОКРАЈ ЅИД

Ова е навистина крајно време ние како граѓани да ставиме прст на чело и сериозно да се прашаме на кого сме му го дале нашиот глас

Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за промена на Уставот со која бракот како заедница помеѓу маж и жена (како што сега е дефинирана според законот) требаше да се преточи во уставна категорија не помина. Во текот на неколкудневната расправа на пленарната седница се наслушавме се’ и сешто, ама во рамките на нашата ниска фолклорна политичка култура, која по правило се сведува на груби обвинувања помеѓу власта и опозицијата. Иницијаторот го објаснуваше својот предлог со тврдење дека се брани една традиционална вредност (бракот меѓу маж и жена) и дека на овој начин позитивно ќе се влијае на положбата на семејството во општеството, а со тоа и на наталитетот кој кај нас веќе има негативен тренд.

Едно е сигурно, со подигање на бракот (помеѓу маж и жена) како уставна категорија ниту ќе ја зајакнеме положбата на семејството во општеството ниту, пак, ќе се зголеми наталитетот. Уште помалку ќе се зајакне семејството и ќе се зголеми наталитетот со оние „зашеќерени“ реклами за многудетство или онаа ужасна реклама против абортусот со која жената, а и лекарот кој го извршил индиректно се прогласуваат за убијци. Авторите на оваа реклама, ама пред се’ нарачателот, заборавиле дека пред неколку години во САД беше убиен лекар кој го бранеше правото на жените сами да решаваат дали ќе имаат дете или не. Едно е сигурно, демографската политика е многу сложено прашање кое не се сведува на реклама или на уставна категорија. Притоа клучна детерминантата за „бејби бум“ се социјалните и економските состојби. Тоа го потврдува практиката во многу држави во Европа и во светот. На пример Словенците, кои со децении имаат низок наталитет, па дури периодично се појавува и таканаречената „бела смрт“ (повеќе умрени отколку родени), сепак знаат малку грубо да се пошегуваат на своја сметка и да речат „знаете ние деца правиме со молив…“ И да не биде некој во дилема – „моливот“ е само симбол на семејниот буџет.

Од друга страна опозицијата, која сто пати повтори дека кога тие биле на власт е донесен закон со кој многу јасно бракот е дефиниран како заедница помеѓу маж и жена (демек, еве, ние ги штитиме семејните вредности) постојано повторуваше дека отворањето на Уставот е како Пандорина кутија. Во суштина во овој мандатен период имавме 3-4 иницијативи за уставни промени, како од владејачкото мнозинство така и од опозицијата, ама ниту една не помина. Притоа како константа се појавуваше фразата „Пандорина кутија“ како клучен аргумент за да не помине иницијативата. И така се добива впечаток дека нашиот Устав е Пандорина кутија која ако се отвори, како што вели легендата, ќе излезе на видело сето зло од кое ние граѓаните, а и државата нема да можат да се спасат. Дали затоа најчесто во парламентот слушаме – не чепкајте го Уставот?

И кога веќе користиме синоними од легендите и митовите, тогаш ако ја следиме легендата за Пандорината кутија логички би било да заклучиме дека еден ден ќе се најде некој „многу љубопитен“ ќе ја отвори кутија и бум!! Ама не бејби бум, туку државата и сите ние со неа. Се поставува прашењето – ако нашиот Устав е како Пандорина кутија кој е тој нормален кој сака да живее во таква држава. Дали 380 илјади наши граѓани кои во последнава деценија ја напуштиле земјата тоа го направиле бидејќи стравуваат дека еден ден Уставот (односно Пандорината кутија) ќе се отвори? Да ја оставиме оваа евтина фолклорна демагогија.

Лично мислам дека Уставот на Република Македонија не е никаква Пандорина кутија. Уставот не е ниту Библија ниту Куран па да не може да се менува, ама тоа не значи дека овој највисок државотворен акт може да се менува поради евтини демагошки побуди преку кои одредени политички субјекти ќе ги билдаат своите рејтинзи. Понатаму, зошто синонимот Пандорина кутија секогаш го употребуваат партиите од македонскиот политички блок додека албанскиот секоја конкретна иницијатива за промена на Уставот ја условува и со уставни промени кои се однесуваат на положбата на албанскиот јазик или како што најчесто се вели дискриминацијата на Албанците во Македонија. За волја на вистината, овој вокабулар најчесто доаѓа од албанската опозиција, ама ДУИ како партија од власт за ова најчесто молчи, освен кога ДПА грубо ќе ја нападне дека ги продаваат интересите на Албанците (последен таков пример беше во средата кога се расправаше за програмата за одбележување значајни историски датуми и личности). Зар не е подобро ДПА наместо театрално од говорница да кине програма или да го фрла Деловникот, да предложи точка на пленарна седница на која аргументирано и со факти ќе се разговара за положбата на Албанците кај нас, собранискиот Деловник тоа и’ го овозможува на опозицијата.

Во суштина сето ова покажува дека актуелните политички субјекти се во фаза на перманентна ентропија (губење) на својот капацитет и како владејачка коалиција и како опозиција. Еве, веќе 10 дена СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваат околу становите на Јанкуловска и тендерите на Заев и неговото семејство. Од друга страна, надлежните државни институции на овие обвинување не реагираат што им е должност без разлика кој е на власт, а кој е во опозиција. Сето ова покажува дека навистина е созреана општествената состојба за нови политички субјекти кои не само декларативно туку вистински барем за почетокот ќе ги запрат овие негативни трендови, по кои и како општество и како држава се движиме веќе подолг период, а на што не’ предупредуваат многу наши вистински пријатели од меѓународната заедница. Ова е вистинско време кога малите политички партии, кои веќе седум години пасивно живуркаат под превезот на двете големи партии, да се разбудат и без разлика дали се во власта или опозицијата да почнат активно да ги артикулираат своите програмски определби и интереси на оние граѓани кои сепак гласале за нив. Ова е крајно време научната и експертската јавност вистински да се занимава со науката, а не за триесетина сребреници своето знаење и титули да ги става во служба на дневната политика, без разлика дали таа политика е на Владата или на опозицијата. Ова е навистина крајно време ние како граѓани да ставиме прст на чело и сериозно да се прашаме на кого сме му го дале нашиот глас, а во исто време храбро да ја преземеме и нашата одговорност за стабилизација на актуелната состојба и за подобра иднина. Во спротивно, што би рекле кај мене во Дебар Маало, „ни кожени гаќи нема да не’ спасат“.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com