НУТРИЦИЗАМ ИЛИ НАУКА ЗА ЗДРАВА ХРАНА

Откако ни ги средија сексуалните активности, еве сега почнува процесот на индоктринација за здрава храна

И така проектот „Остваруваме“ продолжува. Сега преку реклами, вредни околу 500 илјади евра ќе не учат да јадеме здрава храна. Машала!! Откако ни ги средија сексуалните активности, нормално помеѓу еден маж и една жена, а кои се сведуваат на раѓање на деца, (па затоа нека не изненадува како во учебниците е дефиниран поимот ејакулација) еве сега почнува процесот на индоктринација за здрава храна. Лично, заради годините и фактот дека либидото ми е во „тренд“ на опаѓање (за жал или за среќа меракот не старее), оваа кампања околу раѓањето на деца и воопшто сексуалното воспитување не ме засега. Ама здравата исхрана е секого засега. Прв предуслов за здрава исхрана е здрава човекова околина, тука мислам на чист воздух, чисти води, и секако незагадена почва. Е, ајде да ги видиме овие параметри какви се. Тешко, бидејќи или ги немаме или некој (од надлежните институции) ги крие како змија нозе, што би рекол народот. Каков е односот по ова прашање (здрава човекова околина) покажа и минатонеделната „акција“ на ДОМ за чиста околина. Одзивот, најблаго речено, беше симболичен, а не видов ниту еден министер партиски шеф или некоја друга позната „фаца“ на пример од светот на културата. Ама затоа кога е акцијата „Денот на дрвото“, зад која отворено стои Владата и која се одвива под мотото „Засади ја својата иднина“ „врие“ од министри, познати фаци од културата, а масовноста се обезбедува преку администрацијата и училишта и тоа во работен ден.
Сега една компарација со Словенија. Таму со години се одржува акција под мотото „За чиста Словенија“. А нема да верувате акцијата се одвива за викенди, а одзивот е неверојатен од 200 до 250 илјади граѓани. Значи станува збор за свест и развиена одговорност кај граѓаните стекната во еден долг процес на социјализација (воспитување) која започнува од дома во семејството.
Нејсе, да се вратиме на најновата владина кампања за здрава исхрана. Кога го видов премиерот како повеќе од половина час зборува за здрава исхрана, ме потсети на една слична акција која во САД ја водеше првата дама шармантната госпоѓа Обама. Акцијата започна во градината во Белата куќа каде што таа заедно со своите ќерки, и многу деца садеа разни зеленчуци и салати, објаснувајќи колку се тие здрави наспроти хот-догот. Таа настапи и во едно познато ТВ-шоу во кое готвеше здрава храна, а дури и вртеше хулахоп покажувајќи дека здравата храна и физичките активности одат заедно.

Ама бидејќи ние сме мачистичко општество кај се видело маж да готви или не дај боже да сади магдонос, салата и други зеленчуци. А хулахоп? Добро де нашиве повеќе играат мал фудбал. И така во тие 35 минути премиерот покажа дека се разбира дури и на нутрицизам. Владата обезбеди пола милион евра за кампања, спотовите се веќе снимени и нормално газдите на медиуми пред се’ оние патриотските тријат раце бидејќи, бизнисот тече. И нормално ние ќе бидеме среќни дека владата откако ни овозможи неколкупати да ја „засадиме нашата иднина“ не научи дека треба да се смееме, а сега се грижи да имаме и здрава исхрана. И ајде сега како да не бидеш среќен. Да, ама нешто не ми штима во сето ова.

Зошто Владата сега отвора ако не се лажам триесетина центри за лечење од депресија во кои ќе можеме да одиме без сини картони и без упат од матичниот лекар????

Во овие општествени политички или веќе незнам какви спротивности и антагонизми кои во суштина неможат да се објаснат скоро со ниедна метода, па без разлика дали ќе ја користите дијалектиката на Хегел, материјалистичката на Маркс или старото кинеско учење за Јинг и Јанг, работите постојано ни се повторуваат и повторуваат. Во тоа повторување, или подобро речено на тоа наше фолклорно балканско однесување посебно место имаат медиумите, новинарите и слободата на изразување како едно од темелните човекови права. Еве последниве десетина дена (од како дојде извештајот на ЕК, слободата и независноста на новинарите и медиумите повторно како и секоја година во октомври се актуелизира. Доаѓаат странци, не учат што е тоа слободно и независно новинарство. „Демократските“ медиуми и секако „слободните“, „независните“ самопрогласени новинари не бомбардираат со коментари, изјави, како оваа влада е авторитарна, недемократска. „Патриотиве“ со целосна логистичка, материјална и уште незнам каква подршка на владеачката структура докажуваа за предавството на оние другите, ги бесат(симболично) на столбот на срамот и се така додека не се заборави извештајот. Ако малку загребете под површината и на едните и на другите посебно на перјаниците од двата табора ќе видите дека и едните и другите досега минимум барем еднаш поминале од лево на десно и обратно. А мотивот за сето ова е само еден и единствен, пари. Па дали се од проекти на УСАИД или Отворено општество или се од реклами од глобалниот проект „Остваруваме“ во суштина не е важно. Реално гледано и на едните и на другите им одговара оваа состојба, бидејки само така, не само што опстојуваат туку и повеќе од удобно живеат, уживајќи ја добор уновчената мизерија на сопствената професија. Па затоа не изненадува зошто Македонија и после две децении на листата на „Фридом Хаус“ се наоѓа во групата на делумно слободни држави кога станува збор за новинарите и медиумите. На пример во 2006 година сме биле на 105 место. Интересно од 2006 па до 2010 година бележиме напредок, односно подобрување на слободата на новинарите и медиумите и доаѓаме на 94. место. Потоа повторно паѓаме и денеска сме на 122. место на листата на „Фридом Хаус“. Одговорноста е секако на владејачкото мнозинство, ама ништо помалку не се одговорни и новинарите. Имено и во најдемократските држави секоја власт сака повеќе или помалку да има контрола врз медиумите: Сведоци сме на најразлични обиди медиумите да се контролираат, односно да се инструментализираат во дневната политика. Ама затоа сведоци сме и на остри реакции од страна на новинарските асоцијации и здруженија, а и штрајковите не се нешто апстрактно како што е кај нас. Кај нас се задоволуваме со тоа што со помош на странците (материјална пред се’) ќе организираме неколку ворк-шопови (работилници) по можност во некој туристички центар. Па ќе се зафркаваме самите со себе дали ни требаат закони или саморегулатива.

Па откако две децении не профункционира на пример Судот на честа сега формиравме некое друго тело, ако не се лажам се вика Етички совет или така нешто. Се фалиме како се собрале пари за да се плати судската казна за неделникот „Фокус“, која му беше досудена за навреда врз првиот човек на тајната полиција. Ама ако ЗНМ како легитимна асоцијација на новинарите не може да стори ништо друго против вакви тужби и вакви пресуди, барем некој да ја посетеше Владата, односно владеачката партија дека сами донесоа одлука дека нивни државни функционери нема да тужат за навреда?? И така времето поминува. Ама состојбите остануваат. Извештајот ќе го заборавиме, односно се’ ќе заврши во декември кога по шести пат заради името и блокадата на Грција нема да добиеме датум. Владините реклами ќе продолжат. Тужбите за клевета исто така ќе продолжат, секогаш кога на некој моќник едноставно нема да му се допадне тоа што некој новинар напишал, а медиумот го објавил или како информација или како коментар. Судовите весело ќе досудуваат екстремно високи казни, иако судиите поминале еден куп обуки и работилници токму за оваа проблематика.

„Панта реи“, некој ќе рече.

Да ама ние овде и оваа филозофска аксиома на Хераклит од 5 век пред нашата ера, успеавме да ја побиеме и така помалку или повеќе веќе две децении се давиме во сопствената немоќ.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com