НОВИНАРСКАТА СЛОБОДА ЗАВРШУВА ВО ШУТКА

Во секоја нормална држава кога заштитениот сведок ќе изјави дека припадници на МВР го „подготвувале“ што и како да сведочи, ќе летаа глави барем на двајца министри – МВР и Министерството за правда

Во своето излагање пред европратениците, комесарот Штефан Филе истакна дека Европската комисија во годинашниве извештаи за напредокот на државите-кандидатки и аспиранти главен акцент ставила на критериумите од Копенхаген. Да потсетам, станува збор за политички критериуми, меѓу кои се човековите права и слободи, независноста на судството, владеењето на правото, слободата на изразување, независноста на медиумите… се меѓу приоритетите. Филе најави дека и во иднина Комисијата токму на овие критериуми и вредности ќе посветува посебно внимание. И само неколку дена откако извештајот за Македонија и официјално ни беше доставен, во кој токму кај овие критериуми Комисијата забележува слаб напредок и загриженост, нашето „самостојно“, „независно“ и „високо професионално судство“ на новинарот Томислав Кежаровски му изрече казна затвор во траење од 4 години и шест месеци. Причина е напишан текст пред повеќе од 5 години во кои Кежаровски го „открива“ идентитетот на заштитениот сведок. Околу самиот процес против Кежаровски, како и сето она што претходеше новинарот да биде затворен суден и драконски осуден, нема да зборувам, бидејќи јавноста добро знае за што станува збор. Но, затоа секој од нас како граѓанин треба да биде загрижен дека слободата на изразување кај нас завршува во „Шутка“. Секој од нас треба да биде загрижен како е можно една лична трагедија на Кежаровски и на неговото семејство сторена од страна на „државата“, поточно, судската независна власт, да ја покажа сета онаа длабока и метастазирана општествена поделба на „наши“ и „ваши“, на „патриоти“ и „предавници“.

Новинарската фела (ако воопшто може денеска во Македонија да се зборува за новинарска фела според професионалните стандарди) и веќе одамна длабоко поделена на „предавници“, обединети во ЗНМ и „патриоти“ од МАН, по којзнае кој пат ја покажаа колку се далеку едни од други, кога станува збор за основните стандарди во новинарството и слободата на изразувањето. ЗНМ, за жал, во овој пример ќе остане запаметен по излитената фраза „Сите ние сме Кежаровски“. Убаво за уво, ама само Кежаровски гние во Шутка, а сите ние сме тука и уживаме каква таква „слобода“. Патриотите од МАН биле изненадени од висината на казната. Со други зборови, ако судот го „репнеше“ Кежаровски, на пример, две години, тогаш патриотиве од МАН ќе пишуваа славопојки и трактати за нашето „самостојно, независно и професионално“ судство. А како да не им се пишуваат славопојки и трактати, особено по најновото соопштение на судот (во суштина, упатство за работа) во кое на новинарите им се чита „буквица“ како да пишуваат за судските процеси, дека само тие (судот) знаат што е јавен интерес и само тие (повикани од власта и од бога) можат да го штитат јавниот интерес.

И, нормално, најголем грев за нашето „судство“ е ако новинар коментира пресуда. Ако го стори тоа министер или премиер, е тогаш… штама од нашето „самостојно, независно и професионално судство“. За соопштението на Музејот на македонската борба, кое е на ниво на класичен болшевизам, а новинарите и граѓаните кои мирно протестираа ги обвини дека го сквернават големиот историски ден, не треба посебно да се зборува.

За да обезбеди Музејот на ВМРО непречено да ја врши својата „музејска дејност“, пред новинарите постави специјални полициски сили. Чудно, кога се демолираше оградата на Општина Центар и се кршеа прозорци на општинските бараки од страна на „спонтано организираните демонстранти“, од специјалци немаше ни траг ни глас.

И да се вратам на случајот со Кежаровски. Наместо судот, Јавното обвинителство и сите останати инволвирани институции да расчистат со дилемата дали „заштитениот сведок“ е навистина сведок или бил „препарин“ од страна на припадник (ци) на МВР, па потоа да се отвори процес против Кежаровски ако тој го кршел законот, нашево „самостојно независно и високопрофесионално“ судство се однесува според онаа народната – ако не можеш по коњот, тогаш удри по самарот. И така Кежаровски доби 4,5 години затвор. Во секоја нормална држава оваа дилема ќе беше расчистена веднаш по стореното „инкриминирано“ дело, а не по пет години. Во секоја нормална држава ако тој ист сведок изјави дека припадници на МВР го „подготвувале“ што и како да сведочи, ќе летаа глави барем на двајца министри (МВР и Правда), на јавни обвинители, судии и така натаму, а не да се суди новинарот кој демек го открил идентитетот за заштитениот сведок.

Се сеќавам на министерот за внатрешни работи на Словенија од првата влада (демохристијанин), кој си поднесе оставка затоа што во Австрија беа фатени двајца припадници на словенечката полиција како вршат разбојништво. Подоцна тогашниот словенечки претседател Милан Кучан (социјалдемократ) лично го предложи за прв омбудсман токму поради неговите морални квалитети.

Се сеќавам на британскиот министер за внатрешни работи (во владата на нашиот нов пријател Тони Блер), кој си поднесе оставка само затоа што „поттуркал“ на бејбиситерката на неговата партнерка побрзо да и’ се продолжи работната виза. Се сеќавам и на шведската министерка која си поднесе оставка само затоа што платила такси со службената картичка, а парите ги вратила по 24 часа.

Да, ама во нормални држави. Тоа што случајот „Кежаровски“ ќе влезе во извештаите на цел куп меѓународни институции во негативна конотација за судската власт, за извршната власт и за државата во целост не е ниту малку битно. Кај нас е битно проектот „Остваруваме“ да тече непречено.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com