НОВИНАРИТЕ И НИВНАТА БОРБА

Дали новинарите сфатија дека слободата и независноста, ако не се избориш за нив сам, никој однадвор нема да ти ги даде

Први мај ни помина со скара и без протести. Како што изјави првиот синдикалист, немало потреба бидејќи тоа било надживеан метод, а синдикатот и Владата се во постојан дијалог и сите проблеми се решаваат во од. Браво Влада, браво Синдикат. Ама сепак нашиве синдикалисти барем симболично да изразеа протест и солидарност со работнициве од цела Европа кои и се многу погодени од кризата која навистина и нас не’ „чепна“, ама со дијалогот меѓу овие два социјални партнери (третиот не беше ниту споменат) многу малку ја чувствуваме!?
И дојде 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите и новинарите. И овој пат протести нема, иако претседателот на ЗНМ малку разочарано изјави дека причина за одбележување на денот на новинарите кај нас нема бидејќи ете два месеца Владата не сака да го продолжи дијалогот околу прашањето на декриминализација. Поостра беше претседателката на новинарскиот синдикат. Нема социјален дијалог во редакциите (читај, со газдите), а новинарите се економски робови, изјави претседателката на новинарскиот синдикат… и толку. И двајцата заборавија барем да изразат загриженост за оние стотици новинари кои во изминатата година се осудени и лежат по затвори како и за оние десетици колеги убиени ширум светот.

А така бомбастично беше најавен дијалогот меѓу Владата и ЗНМ дури се вклучи и странскиот фактор, Брисел ОБСЕ, Амбасадата на САД, стручната и експертската јавност, невладините организации и не знам уште кој. Дури странциве организираа и „шнел курс“ (пардон, ворк шоп) за претставниците на ЗНМ за да ги обучат со техниките на преговарање. Ама ништо… Изгледа дека Синдикатот е поербап, имаат и дијалог и резултати, башка скара!

И сега дека ЗНМ повторно ќе бара помош од меѓународниот фактор, пред се’ од Брисел и ОБСЕ. Изгледа дека во овие дваесет години самостојност не научиле дека легална метода во рамките на преговорите, без разлика дали станува збор за економско-социјални прашања или за слободата на медиумите, се и штрајкот и протестите. Дали новинарите кај нас сфатија дека слободата и независноста, ако не си ги избориш сам и ако не ги чуваш сам, никој однадвор нема да ти ги даде. Звучам патетично и банално самиот на себе, ама во овие дваесет години македонските новинари ниту еднаш не протестираа или штрајкуваа за да ја остварат слободата и професионалната независност, ниту еднаш не штрајкуваа за своите социјални и економски права, а барем да вчера ги плаќаа „под маса“.

Нема држава во светот каде што политичките елити на сакаат да имаат контрола или барем имаат влијание врз медиумите. Но таму тоа влијание има граници, затоа се професионалните стандарди. Кај нас професионалните стандарди дваесет години почнуваат и завршуваат со реченицата „Нашата Влада е најдобра и секој ден одиме напред“ или „Владата е катастрофална и секој ден се’ повеќе и повеќе тонеме“. Бидејќи гледано од гол социјален и економски аспект и во отсуство на моќен новинарски синдикат и секако еснафско здружение многу е посигурно да ја фалиш Владата, нормално е дека поголем дел од новинарите се за Владата.

Во исто време, од најчисти лукративни мотиви се издиференцираа две „елитни“ мали групи на новинари „патриоти“ и „предавници“, односно „демократи“. Во суштина општествената поделба која кај нас се случи уште далечната 1991 кога, демек, ја воведовме парламентарната демократија. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ заедно со своите гласачи беа прогласени за „бугарофили“ додека СДСМ и нејзиното избирачко тело беа „југоносталгичари и србо-милошевичеви комуњари“. Во овие дваесет години, овој најгруб антагонизам остана, но еволуираа само називите на обвинувањата во „проевропски“ и „антиевропски“ на „демократи“ и „диктатори“. Во едно такво поделено општество речиси е нормална сегашната состојба во медиумите и воопшто кога се зборува за самостојноста независноста и професионалните стандарди на новинарите. Таква поделеност имаше и во другите држави кои произлегоа од некогашната СФРЈ и воопшто од еднопартиските системи. Но, таму новинарите беа меѓу првите кои институционално, но и што би се рекло на „улица“ први ја започнаа борбата токму за независноста и за професионалното на својата професија, а потоа и за својот социјален статус.

Затоа некои на листата на „Фридом хаус“ одамна отидоа напред, некои полека одат напред, ама ние на неодамна објавената листа многу паднавме. Виновна е Владата и политичките елити? Да, ама ништо помалку не се виновни и новинарите и новинарските здруженија.

И на крајот не можам а де не ја споменам МТВ. Слушам сега новиот директор, млад човек, се жали дека тешко може нешто да се направи бидејќи во МТВ претежно се вработени постари луѓе. Не знам дали за да ја подмлади МТВ си донел однадвор личен шофер и нова секретарка. Инаку, има и други позитивни трендови. По еден месец МТВ повторно го добива сервисот вести на МИА, пред тоа вестите ги правеа или подобро речено ги симнуваа од еден портал… А богами новина е и тоа што најстрого е забрането по канцеларии да се вари кафе… Новина е и тоа што реконструкцијата на санитарните јазли во МТВ е запрена. Некои велат ќе се распишувал нов тендер, но ова се само шпекулации.

Чудно, додека ова го пишував некако потсвесно ја свиркав онаа позната песна на Тијана „Све је исто само њега нема“, можеби затоа што во мај почина и Маршалот… а јас првите 40 години од животот ги преживеав во неговото време…

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com