НОВАТА ХРВАТСКА ПРОЛЕТ

Едно е сигурно, по овие афери без разлика кој ќе ја освои власта во Хрватска, во иднина нема така лесно, во името на партијата, да прави криминал

На четврти декември, во Хрватска ќе се одржат парламентарни избори кои, со сигурност, носат промена на власта. Аналитичарите истакнуваат дека по изборите (без разлика кој ќе победи) политичката сцена и воопшто општествените состојби ќе бидат многу изменети. Но, да одиме по ред.
Владејачката ХДЗ е сигурен губитник, а коалицијата „Кукурику“, која ја предводат хрватските социјалдемократи на чело со Зоран Милановиќ, е победник. Тоа што ја карактеризира политичката сцена во Хрватска во овој предизборен период се корупциските афери во владејачката партија. Се’ почна со затворањето на бившиот премиер Иво Санадер против кого се подигнати неколку обвинувања, меѓу кои и за воено профитерство. Но, вистински шок за јавноста, а и за самата ХДЗ и за актуелната премиерка Косор, е истрагата на Јавното обвинителство дека ХДЗ како партија во времето кога бил претседател Иво Санадер перела пари, односно со „црни пари“ ја финансирала кампањата. за минатите избори. Се претпоставува дека на овој начин ХДЗ скрил околу 6 милиони евра, па затоа судот донесе привремена одлука со која на ХДЗ и’ се замрзнува сиот недвижен и движен имот, а, исто така, се блокира и сметката на партијата. Премиерката и претседател на ХДЗ Јадранка Косор, која ова го прими достоинствено и ниту со еден збор не ја коментираше судската одлука, изјави дека ХДЗ, ако треба, се враќа повторно во бараката на Јарун (спортски центар во Загреб) каде што пред 21 година Фрањо Туѓман почна со формирањето на ХДЗ и од каде тргна неговиот триумф како татко на независна Хрватска, а ХДЗ, како десноориентирана партија, успешно ја заврши војната и како владејачка партија ги заврши преговорите со ЕУ. Така, Хрватска е втората наша некогашна братска република што го напушта Западен Балкан.

Интересен е фактот дека опозицијата овој факт, кој и’ доаѓа како „кец на десетка“, не го користи во предизборието. Напротив, лидерот на хрватските социјалдемократи, Милановиќ, јавно изјави дека нема да го коментира она што се случува со ХДЗ и дека сега останува институциите на системот да си ја завршат работата според законот.

Јавноста и медиумите се прашуваат како е можно вакви крупни корупциски афери да се случат и многу години надлежните институции да не ги откријат. Станува збор за типична системска политичка корупција. Односно, ако премиерот формално ги поставува и нему му одговараат првите луѓе на безбедносните институции (тајната полиција и други), тогаш е лесно да се прави ваков криминал. Значи, фалинката е во самиот систем. Со ова, како да се потврдува тезата за мистериозната оставка на Санадер од премиерската функција, за која познавачите велат дека во заднината стоеле некои надворешни фактори (САД, но и држави на ЕУ).

Можете да замислите како кај нас би се реагирало на вакво нешто, имајќи предвид дека секојдневно слушаме кој колку украл, која фамилија се збогатила, па за куферчиња со пари во кабинети на премиери, па ни се случуваат амнестии и така натаму. Од друга страна, убеден сум дека кај нас, барем во идните десетина години, не може да се случи Јавното обвинителство, и воопшто судската власт, да покрене ваква постапка, бидејќи нашите партии се „чисти како солза“ и богами не знаат што е тоа перење на пари и финансирање кампања и на партија со црни пари!

Ова што го доживеа Хрватска, односно ХДЗ, е веќе видено. На крајот на 1989 година иста ваква афера пукна и во Италија. Беа обвинети две партии: социјалистите и демохристијаните. Тогаш, лидерот на италијанските социјалисти Бенито Кракси за да го избегне затворот побегна во Тунис, каде што живееше се’ до крајот на својот живот, уживајќи во својата вила на Средоземјето. По овие корупциските афери, двете партии едноставно ги снема од политичката сцена на Италија.

Која е иднината на ХДЗ? Јадранка Косор и врвот на ХДЗ се свесни дека ги губат изборите. Нивна цел е поразот да не биде катастрофален, односно да не се дозволи социјалдемократите и коалицијата „Кукурику“ да има двотретинско мнозинство во парламентот. Токму затоа, веќе сега, иако формално кампањата не е почната, ХДЗ ги таргетира оние свои гласачи кои заради аферата со Санадер едноставно се разочарани и не сакаат да излезат на избори. ХДЗ наголемо кокетира и со крајната десница, очекувајќи дека ќе ги собере нивните гласови. Токму за таа цел, деновиве (во средата) полицијата го приведе и првиот министер за внатрешни работи на независна Хрватска, Јосип Бољковац. Овој некогашен партизан, еден од основачите на ХДЗ и близок соработник и пријател на Туѓман, е обвинет дека во далечната 1946 година како висок офицер на ОЗНА (претходница на УДБА) учествувал во ликвидација на 24 луѓе во околината на Карловац. Дали сега е на ред и првиот ХДЗ-овски премиер Јосип Манолиќ, кој, исто така, беше некогашен полковник на УДБА?

Ваквите случувања во Хрватска многу аналитичари ги оценуваат како внатрепартиска борба за преземање на лидерската позиција по губењето на изборите, а во таа борба актуелниот министер за внатрешни работи Карамарко, кој е „подесен“ од Косор, има шанси да ја преземе лидерската палка. Јавноста, а и медиумите, многу малку ги интересира кампањата и партиските програми, а повеќе се свртени кон судскиот процес против Санадер и воопшто овие големи корупциски афери што подолго време го разјадуваат хрватското општество. Едно е сигурно, по овие афери без разлика кој ќе ја освои власта во Хрватска во иднина нема така лесно, во името на партијата, ама и за својот џеб и за џебовите на најблиските соработници, да се случуваат вакви криминални активности кои на крајот ги плаќа обичниот граѓанин. Останува да се надеваме дека оваа „нова хрватска политичка пролет“ ќе ја помине Сава и Дрина и ќе го зафати целиот регион

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com