Новата година ја дочекавме а Нова влада допрва ќе ја чекаме!

И така Новата 2017 година ја дочекавме. Навистина ако погледаме малку пошироко за жал започна крваво со терористичкиот акт во Истанбул во кој загинаа 39 недолжни луѓе. Всушност во сите светски метрополи Новата година беше дочекано на прв поглед весело и со спектакуларни огномети ама и со огромно полициско обезбедување и реални закани за терористички акции на ИСИС.

Кај нас некако Новата година ја дочекавме би се рекло во очекување кога ќе имаме Нова Влада и кои ќе бидат коалициските партнери. Но пред да се обидам да одговорам би сакал да ви го пренесам следниот пост.

“Никола е против Заев со кој е на телефонска линија, во исто време додека со Али сплотено агитираат против СДСМ и Беса со која пак Мендух прави таен план за да го победи Села кој пак во ДУИ наоѓа партнер за соработка и спас на СЈО поради што преговара со Али кој преку Теута намигнува кон Рада да не обрнува внимание кон Буџаку кој е за соработка со ВМРО на ист начин како и пот-претседникот на ДПА кој веднаш би отишол со Никола за кого Села е поприфатлив од Љубчо кој заедно со Левица го раситинија отпорот против Никола кој победи над Заев кој е победник на изборите но не дава ветена оставка како Мендух кој пак вети два мандата на Беса која се прогласува како модерна конзервативна партија наклонета кон СДСМ. Не, озбилно прашувам, што по ѓаволите не ви е јасно“?

Ова е пост на почитуваниот Арсим Зеколи, и мислам дека најдобро ја отсликува нашата фолклорна политиканска турли тава-сцена. Имено откако Груевски, Ахмети и Заев се прогласија за победници (Тачи формално се повлече од лидерската функција) сега сите тројца најавуваат како тие ќе прават влада. Груевски (кој во секоја нормална држава одамна требаше да се повлече од лидерската функција) сега се повикува на тенкото мнозинство во парламентот од само 51 пратеник што е помалку од претходниот мандатен период а далеку од оние 63 пратеника кој ги најавуваше. дека тој ќе биде мандатарот и ќе прави влада. Точно, тој може да добие мандат за состав на нова Влада но тоа не значи дека ќе направи влада. Заев со своите 49 пратеници со некоја “весела математика“ исто така се промовира како иден премиер! Инаку и тој после овие парламентарни избори требаше да даде оставка, кој патем ја најави пред изборите, ако СДСМ не победат односно освојат најмногу пратенички места.

Али Ахмети исто така како самопрогласен победник во албанскиот електорат сега се однесува од една страна и како мандатор на новата влада ама се обидува и да се промовира како неформален лидер на сите Албанци во Македонија. И нормално на маса веднаш ги става двојазичноста, правичната застапеност, рамномерното распределување на буџетот и некаде на крајот од формалните пет барања го става и продолжувањето на мандатот на СЈО.

Во меѓувреме во нашата политичка турли тава свои зачини додаваат и нашите драги соседи. Албанскиот премиер Рама кои ајде што се промовира како лидер во регионот а со тоа и на сите Албанци туку на двапати се обидува да ги собере лидерите на албанските партии од Македонија демек во улога на олеснувач тие да се договорат за заедничка платформа со која ќе се штитат интересите на Албанците во Македонија? Платформа која барем засега мене повеќе ми личи на обид да се спаси лидерската позиција на господин Али Ахмети.

Дачиќ во својство на Министер за надворешни работи на Србија сега „рони солзи“ како можеле Србите да му удрат шамар на своите грчки браќа и да ја признаат Македонија под уставното име а ете ние сме гласале за прием на Косово во УНЕСКО. Притоа Дачиќ се заканува дека во иднина Србија во мултилатералата ќе ни се обраќа со привремената референца ФИРОМ. Навистина не знам да ли со оваа изјава Дачиќ сака да плаши врапци или му треба за домашна употреба ама да расчистиме нешто. На мултилатерален план сите држави кои не признае под уставното име за жал ја користат референцата ФИРОМ бидејќи Грција инсистира на тоа и за жал е во право. Да поедноставам ако во Белград се одржи меѓународна конференција на ниво на министри за заштита на глупави изјави на министри тогаш пред нашата делегација ќе стои идентификацијата ФИРОМ. Ете толку за српскиот министер за надворешни работи Дачиќ на кого веќе му одговорија некои трезвени српски политичари.

Ама и нашиот јужен сосед сака да се вмеша во нашата турли-тава политика сцена. Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас кој вели „Мора да се најде решение околу прашањето за името, кое секако е поврзано со иредентизам. Многумина сметаат дека ова прашање треба да биде од второстепено значење, но јас потсетувам дека тоа е предуслов за пристапување на нашата соседна земја кон ЕУ и кон НАТО. Всушност целта на Времената спогодба беше да се обезбеди време за предлози за спорот со името. Ние имаме неколку предлози и чекаме одговор од другата страна – вели тој. Со други зборови ништо ново од Грција само малку тајмингот како да не изненади.

За жал нашите тројца Јавачи на Апокалипсата (Груевски Али и Заев) за кои изборите не претставуваа ништо друго освен можност како да си ја спасат својата политичка кожа, а некои и можеби и правни последици продолжуваат со оваа игра кој со кого и против кого и за која цена. Притоа не се важни ниту интересите на државата ниту интересите на граѓаните туку нивните лични. Од друга страна онаа персона од Водно која не најде за сходно да дојде на конститутивната седница на Собранието но затоа од својата “дворска резиденција“ се фали но и се заканува споменувајќи ја Армијата дека нема да дозволи федерализација (а кој ја бара) нема да дозволи менување на уставот и слични небулози. Во суштина иако зборуваме за конститутивна седница на Собранието процесот не е завршен. Фактички ние имаме сега 120 пратеници со верификуван мандат ама немаме претседател без кој Собранието не е конституирано. Еве да земеме пример ако актуелниот шеф на државата во одреден период не може да ја врши својата функција, кој ќе го заменува. Според Уставот се знае ама немаме претседател на Собранието. Или ако никој не успее да состави влада тогаш треба да се оди на нови избори. Арно ама ако немаме претседател на Собрание кој ќе закаже седница за распуштање на Собранието, понатаму кој ќе го потпише решението за нови избори. Алоооо мајстори во Белгија скоро две години политичките партии не можеа да состават влада ама политичките субјекти без проблеми го конституираа парламентот и избраа претседател. Како и да е нашите јавачи на апокалипсата иако можеби коњите им сѐ се повеќе исцрпени продолжуваат цврсто да седат во лидерското седло. Прашање е дали има во нивните партии и воопшто во општеството доволно критична маса која ќе го запре ова апокалиптично јавање. Изгледа пак се оставаме “странците да ни го решат и прашањето за Нова Влада и кој ќе ја прави. Е па среќна Нова 2017 година и Честити Божиќни празници.

Тодор Пендаров

 

 

Top of Form

Bottom of Form

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com