НИЧИЈА ЗЕМЈА

И така поминаа и Водици односно Богојавление. Персоната од Водно кој штотуку се врати од уште една „државничка посета“ овој пат од Египет со една срцедрапателна порака ни го честита овој голем Христијански празник. Да не останат покуси со слични (срцедрапателни честитки кои немаат ама ништо со верата и духовноста) се јавија и лидерите на партиите Груевски и Заев, ама и „премиерот“ Димитриев.

Инаку за мене лично настан на неделава, во онаа позитивна или ако сакате културна димензија е отворањето на изложбата „Ничија земја“ во Музејот на Современата Уметност. Станува збор за архитектонска поставка дело на четворица архитекти (Павлески, Симеонов, Тасевски и Радовановиќ) од архитектонското студио Стоун дизајн. Да потсетам со оваа поставка годинава Македонија настапи и на Венецијанското биенале „15 Mostra Internazionale Architettura“ Настап кој патем според статистиката на Венецијанското биенале нашата поставка ја виделе над 500 илјади посетители и имаше многу позитивни критики посебно во специјализираните медиуми но и во дневните италијански и европски медиуми. Како и да е, во оваа кичаста реалност во која Скопје секој ден се повеќе и повеќе тоне оваа изложба сепак е еден мал но значаен па ако сакате и сигнификантен настан дека кај нас има архитекти кои своето професионално знаење, својата уметничка имагинација не ја подредиле на лукративните кичасти интереси на актуелните политички елити. За жал нашата реалност е таква да овој тип на настани освен класична вест не наоѓаат поголем интерес кај медиумите посебно не како тема за дебата а нема телевизија која скоро секој ден има дебатни емисии.

Неделава која завршува како најзагрижувачки настан барем за мене е извештајот од истражувањето на Институтот за здравство заедно со соодветна институција од Финсска која покажува дека Скопје не само што е најзагаден град во Европа туку годишно околу 1.300 граѓани умираат поради големата загаденост. Односно околу 35 проценти од хроничните болни и стари лица умираат од аерозагаденоста. Ама затоа мојот „омилен“ Министер за здравство ни најавува (не знам веќе по кој пат) дека годинава ќе започне изградбата на новиот Клинички центар иако нема пари. Ама за овој хиперактивен министер кој својата кариера во ова министерство ја започна со ловење на лебарки по болниците па специјализираше хирургија секако виртуелно на џојстик, на кој му умираат деца кои чекаат комисиска одлука за лечење
во странство, му умираат бебиња, (во врвот сме на Европа по смртноста на бебиња) му умираат млади жени родилки, а еве сега загаденоста како причина за смртта не донесе на прво место во Европа сето ова не му е битно. Тој не се откажува од идејата (на партиското водство) демек ќе гради нов Клинички центар. А пари? Ќе се најдат пари вели хипер активниот Тодоров. Ух ова ме потсетува на оној виц, што знае дете што се сто или двеста кила, односно што знае ова министерче што се 120 милиони евра, кога спискавме скоро седумстотини милиони евра за споменици и стиропори. Во секоја нормална држава после овие податоци за загаденоста на воздухот како и големата смртност од ова, министерски глави би паѓале како крушки ама не кај нас. И повторно да потсетам на медиумите. Ако не се лажам во целиот овој период кога зборуваме за загаденоста во Скопје не се сеќаваме дека имаше една или две дебатни емисии посветени на загаденоста и воопшто на човековата околина. Па притоа не мислам само на Скопје туку и на Битола Тетово, Велес Куманово и така натаму.

Ама затоа политиката ни е нонстоп присутна. Неделава политичка „ѕвезда“ а лидерот на ДУИ господин Ахмети. Во средата имаше средба со мандатарот Груевски, вчера со Заев плус амбасадори, така да се има впечаток дека Ахмети после изборниот нокдаун како да се подига и станува „клучниот играч“ во политикантската фолклорна игра „кој и со кого ќе прави влада“. Арно ама во истовреме Ахмети посебно со онаа „несреќна платформа“ на себе си ама и на можните коалициски партнери им обеси вистински воденичарски камења кој тешко ќе дозволат да се формира некаква стабилна влада. И што сега. Играта е многу проѕирна. Јасно е дека Ахмети и Груевски би биле најсреќни ако успеат тие двајца да состават влада. Арно ама Ахмети има проблем во своите редови. Еве на пример неделава Финансиската полиција влезе во Гостивар и тоа директно кај Градоначалникот Бејта кој многу остро и отворено се спротивставува за коалиција на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ поточно со Груевски. И замислете на ова ДУИ не реагира, демек ја почитува независноста на институциите. И повторно се игра националните чувства. ДУИ бара демек продолжување на СЈО ама без оние потребни закони и секако „целосна“ рамноправност на Албанците која ДУИ ја сведува да не речам вулгаризира на Албанскиот јазик како втор службен јазик во државата. ВМРО-ДПМНЕ па од друга страна не дава двојазичност или било какви промени на уставот кои би воделе до федерализација а што се однесува до СЈО не сака да слушне од веќе договореното во Пржино. И во оваа игра е јасно дека од една страна се сака да се купи време, бидејќи и Груевски и Ахмети играат на картата јавноста ќе заборави и на бомбите и на криминалот и ќе се сконцентрира на етничките прашања. Во меѓувреме како што гледате со логистичка поддршка на медиумите и новинарите патриоти ама и на експертската патриотска јавност (Каракамишева и уште еден двајца) плус стариот непријател Отворено општество против кое сега ќе се бори новата невладина организација “Стоп Операција Сорос“ создадена од веќе добро проверените клиенти на власта, се создава атмосфера да се оди на нови избори. Сценаријата во вид на пробни балони одат од тоа да ако Груевски не направи влада во првиот обид, повторно да му се даде мандатот на него или на некои друг од ВМРО-ДПМНЕ и повторно да се обиде да состави влада!? Ама тука апсурдноста не завршува. Сега можеме да прочитаме дека на крајот на месецов онаа павлиха од претседател ќе си поднесе оставка за да не може сегашниот мандатар Груевски да го врати мандатот. Арно ама пред тоа барем да се договорат да изберат претседател на Собранието бидејќи без тоа конституирањето на парламентот не е заокружено. А ако нема претседател нема кој да свика седница за самораспуштање нема кој да донесе решение и да закаже избори. Ама зарем може да биде државата поважна од политичките глави на Груевски Ахмети па дури и на Заев. Ама зарем сето ова не ви личи на насловот? Ничија земја! Авторите, кои патем своето дело го поклонуваат на Музејот, покажаа дека ако се има желба знаење и пред сѐ исправена и цврста кичма може да се создаде нешто ново, квалитетно, хумано. Дури дека може да се освои и загубената земја. Изборите од 11 декември требаше да бидат токму тоа, можност ние како граѓани повторно да си го вратиме тоа што е наше, државата демократијата владеењето на правото. За жал не успеавме! А повторно ни се повторуваат историските грешки, ама се има впечаток дека сега тоа повторување да биде на ниво на фарса се се помали во однос до трагедија.

Тодор Пендаров

 

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com