НИТУ СЕ ТЕРА НИТУ СЕ ВОДИ

И во најдемократските држави владите сакаат да имаат влијание врз медиумите, но кај нас сите влади сакаат да имаат целосна контрола врз медиумите

Вака мојата покојна баба, полу нашега велеше за еден од своите петнаесетина внуци кој како дете на се’ нешто наоѓаше мани. Се сетив на оваа мисла кога ги слушнав и прочитав (негативните) реакции откако беше објавено дека Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Владата постигнале компромис околу декриминилизацијата на клеветата, а во јавноста беше презентирана нацрт-верзијата на законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.


Како што е познато, се’ уште сме една од ретките држави во кои клеветата и навредата (се надеваме не за долго) се дел од Кривичниот закон. Решение кое имајќи ја предвид нашата демократска и политичка култура, функционирањето на правната држава и нашето „независно судство“ во голема мера го оптоварува или, подобро речено, ја ограничува слободата на изразувањето, а со тоа и слободата во медиумите и новинарската професија. Факт е дека и во најдемократските држави владите сакаат да имаат влијание врз медиумите, но кај нас во изминативе 20 години сите влади (едни помалку успешно, други повеќе) сакаат да имаат целосна контрола врз медиумите.

Пред нешто повеќе од една година започнаа преговорите помеѓу ЗНМ и Владата (претставувана од вицепремиерката за евроинтеграции, Теута Арифи, и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска). Реално гледано, преговорите траеја многу подолго отколку што требаше, ама откако Брисел и Европската комисија наместо датум за преговори го воведоа дијалогот на високо ниво, а еврокомесарот Филе го пофали Патоказот на реформи, работите тргнаа со „сто на час“. Дури сум убеден дека Владата се’ уште ќе одолжуваше со преговорите со ЗНМ да не беше дијалогот на Брисел.

Како и да е, сега имаме нацрт-верзија на закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Веќе самиот наслов јасно зборува дека навредата и клеветата не се веќе дел од кривичната сфера, а се надевам дека сите ние како граѓани сме свесни (или треба да бидеме свесни) дека како што имаме свои права и слободи, така мораме да ја чувствуваме и спроведуваме личната одговорност, без разлика дали станува збор за новинарски текст, чаршиско озборување или плаќање данок.

За жал, законот беше дочекан на нож – демек со него, дефинитивно, се озаконува цензурата и згаснува и онаа каква-таква слобода на новинарите. И овој пат критиките доаѓаат од оние две групи новинари – „демократи“ и „патриоти“. За „демократите“ најголем удар врз слободата на новинарите се решенијата од законот со кои се уредува висината на казните за навреда и клевета, а уште повеќе ги боли фактот дека со законот се предвидува одговорност и за главниот и одговорен уредник на медиумот, како и за издавачот (речено едноставно газдата) на медиумот.

Да одиме по ред. Висината на казната за новинарот е до 2.000 евра. Значи, судот во рамките на тој износ може да досуди казна, а не како што се сака да се пласира дека казната е фиксна две илјади евра. За одговорниот уредник казната е до десет илјади евра, значи и тука не казната фиксна, а за издавачот (газдата) казната е до петнаесет илјади евра. Да се осврнеме на овие две категории. Македонија е единствена држава во која одговорниот уредник го боли уво дали во медиумот што го потпишува како одговорен уредник ќе се објави текст кој може да има елементи на навреда или клевета. Стапот( казната) си ја плаќаше само авторот на текстот. Навистина се прашувам тогаш која е функцијата на одговорниот уредник ако тој не води грижа што му се објавува во медиумот.

На нашиве одговорни уредници им препорачувам ако не друго, барем да си го погледаат познатиот филм за Вотергејт. Можеби малку ќе научат што е и која е улогата и одговорноста на одговорниот уредник. Сето ова се однесува и на издавачот. Односно, во законот се вградени стандарди и норми кои денеска се присутни во сите демократски држави. По се’ изгледа дека „критичарите“ не го прочитале законот, посебно не член 6 со кој се налага судот да ја почитува и применува Европската конвенција за човекови права.

Понатаму членовите 7, 9, 10, 11 во кои се дефинираат цел куп механизми што го штитат новинарот од можност да биде тужен за клевета и навреда. На пример, во нашата практика имаме пресуда за клевета на новинар што објавил текст во кој пренесува изјави изречени на прес-конференција – е со новиот закон не е можно тоа. Наведов само еден драстичен пример, а во споменатите членови има, како што реков, многу јасни одредби што го штитат новинарот од вакви тужби. Понатаму, судот и во примери кога е јасна навредата или клеветата мора да почитува одредени олеснителни околности што ги презел новинарот, како што е јавно извинување или понудено извинување, а при одмерувањето на висината на казната ќе треба да се почитува и имотната состојба на тужениот (новинар).

Од друга страна, новинарите „патриоти“, особено од оние два медиума кои „секогаш први дознаваат“, законот го коментираа како „ујдурма“ помеѓу вицепремиерката Теута Арифи и претседателот на ЗНМ, колегата Насер Селмани, и тоа по албанска линија. И ако ја следиме оваа идиотско-патриотска логика, тогаш ујдурмата е направена на штета на нас, Македонците!?

Според мене, законот е добар, што не значи дека во натамошниот процесот нема некои работи да се подобрат. Ама сигурно во никој случај вакви квазидемократски и квазипатриотски критики нема да користат или да ја подобрат неговата содржина. ЗНМ, се надевам, нема сега да заспие на оваа ловорика, бидејќи ние сме далеку високо на листата на „Фридом хаус“ кога станува збор за слободата и независноста на новинарите и медиумите. Владата, се надевам, нема да крајот на овој мандат да ни се фали како тие ја направиле декриминилизацијата која ја воведе сегашната опозиција. Ни тоа нема да помогне да се одлепиме од делумно слободни држави на веќе споменатата листа. Можеби како продолжение на процесот на јакнењето на слободата на медиумите Владата би било добро ако ја симне класификацијата „интерен документ“ на медија-планот за владините реклами. А ЗНМ можеби во иднина треба повеќе да се занимава токму со прашањето на транспарентноста и достапноста до информациите, бидејќи без тие стандарди не можеме да зборуваме за независни медиуми и слободни новинари.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com