НИКОЛИЌ ПРЕТСЕДАТЕЛ, КОЈ ЌЕ БИДЕ ПРЕМИЕР?

Кохабитацијата во Србија изгледа е единствениот начин како да продолжи функционирањето на државата

Aко ја парафразираме изјавата на лидерот на српските социјалисти, Ивица Дачиќ, пред вториот круг на претседателските изборите, дека тој не знае кој ќе биде претседател на Србија ама знае кој ќе биде премиер, сега по неделниот втор круг со сигурност се знае дека Томислав Николиќ е новиот српски претседател, ама кој ќе биде премиер во моментов никој не може да ви каже со сигурност.
Николиќ (некогашна десна рака на Воислав Шешељ), лидер на Српската напредна партија, досега на два пати ги има губено претседателските избор од Борис Тадиќ. Сега навистина е задоволен не само од својата победа туку и од фактот дека, сепак, и во идниот српски парламент, кој брои 250 пратеници, неговата партија има најмногу пратенички места – 73. Но, тука почнува и комбинаториката за состав на новата српска влада. Имено, лидерот на српските социјалисти, партија која навистина е морален победник на овие избори, во понеделникот изјави дека претседателските избори и резултатите не се услов за натамошно коалицирање со демократите на Тадиќ, односно за целосно функционирање коалицијата „За подобар живот“. Сега останува само преку политичката и математичката комбинаторика да се шпекулира како ќе биде составена новата влада и кои политички партии ќе влезат во неа.

Тадиќ, кој во таа политичко-математичка комбинаторика беше споменат како можен иден премиер, изјави дека тој не ја прифаќа таа функција, дека во целост ја презема врз себе одговорноста за поразот и воопшто за постигнатите резултати на неговата партија. Со ова Борис Тадиќ покажа дека како личност и како политичар има висок демократски капацитет, па ако сакате и чувство за одговорност за сегашните состојби во Србија, особено на економски план. Кај нас на некои политичари и по серија изборни порази не им текнува вакво нешто! Ама затоа знаат мангупски да изјават дека народот е во право и кога греши.

Победникот и иден претседател Томислав Николиќ беше дециден дека тој ќе го почитува Уставот и мандатот ќе го даде на партијата која има освоено најмногу пратенички места, а тоа е неговата партија. Но, нема одговор со кого ќе се коалицира. Како нивен најблизок идеолошки сојузник е партијата на Коштуница, а тука се и некои од малцинските партии, ама сепак постојат клучни разлики. Коштуница јасно настапи на изборите со програма која бара Србија да се откаже од членството во ЕУ и сојузништвото го гледа кон Русија, односно кон БРИК. Николиќ напротив и во предизборието и по победата истакна дека ЕУ е негов приоритет. Што со Косово? И тука има големи разлики.

Многу аналитичари истакнуваат дека во идниот мандатен период во Србија ќе има кохабитација, односно Владата ќе ја состават демократите на Тадиќ и социјалистите на Дачиќ. Тука се либералите на Чеда Јовановиќ, единствен српски политичар и партија кои јавно се залагаат за признавањето на самостојноста на Косово. Во првиот претседателски мандата на Тадиќ исто така имаше кохабитација со Коштуница како премиер, а тогаш Николиќ во таа влада беше вицепремиер.

Некои аналитичари зборуваат и за можна голема коалиција меѓу двете најголеми партии, напредњаците на Николиќ и демократите на Тадиќ, но оваа опција е само обична математичка комбинаторика со мала реалност. Во суштина, сега демократите на Тадиќ се заземаат за формирање цврсто парламентарно мнозинство како на ниво на државата така и на сите останати нивоа, покраинско (Војводина) и на општински нивоа. Со ова јасно сакаат да покажат дека кохабитацијата на државно ниво е единствениот начин како да продолжи функционирањето на државата. Не треба да се заборави дека од новата влада се очекуваат многу конкретни и јасни чекори кои ќе обезбедат намалувањето на невработеноста, успешна борба против корупцијата, реформи кои им го налага нивниот статус како држава кандидат за членство во ЕУ, а секако и емотивно најтешкиот проблем Косово.

Изборите во Србија и победата на Николиќ будно се следеа во Брисел, но и во многу други центри на моќта. Дури и бриселските бирократи уште пред да бидат затворени избирачките места испратија телеграма со честитка за Николиќ. Тоа тие го нарекоа „техничка грешка“.

Во Хрватска победата на Николиќ ја дочекаа некако студено, но сепак беше истакнато дека тој се зазема за траен мир со Хрватска и дека е европски ориентиран.

Кај нас ништо, како да не сме соседи со Србија. Освен агенциски вести ништо друго, ниту од политичарите ниту од онаа регимента на аналитичари кои се отепаа од анализи за Самитот на НАТО и недобивањето покана за членство, а тоа сите го знаевме веќе неколку месеци. Инаку, новиот српски претседател Томислав Николиќ е познат како политичар кој е близок со ставот на Атина околу спорот со нашето уставно име. За волја на вистината, тоа беше во време на неговиот опозициски период.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com