Ние сме лудаци

Верувам дека многу од вас се сеќаваат на оваа констатација на „кум Ставре“ екс министер за финансии (според мене најлош министер досега) изречена во една од „бомбите“ на Заев. Сега ќе се прашате што ми текнало баш сега на оваа изјава на Ставревски. Е па почитувани сето ова што ни се случува во државата и општеството, посебно од 27 април и крвавите настани во Собранието па до денеска навистина ја потврдува дека „ние сме лудаци“. Ајде по ред. Кој нормален ќе нареди да се отворат вратите на Собранието и да се случи тоа што се случи? Понатаму дали да ја квалификуваме како моронска или како луда изјавата на онаа павлиха  Иванов (словенечки израз за дворски шут) дека би било добро ако пратениците донесат закон за амнестија за учесниците во крвавите настани од 27 април  Или како да се вреднува неговиот напад на германската амбасадорка и лагата дека Меркел му се извинила. Фактички ние имаме среќа. Меѓународната заедница одамна овој наш дворски шут не го зема сериозно па затоа како држава немаме никакви консеквенци.  Што да се рече за пресудата  на судот со која обвинетите за настаните од 27 април се осудени на условни казни. Уште еден доказ дека ние имаме и контролирано ама и забегано судство и судии. Понатаму на што личеше минато неделното  отварање на новата зграда на филхармонијата. Настан која  требаше да биде пред се културен, прерасна во типична  фолклорана манифестација на моќ. А  Груевски и овој пат задоцни покажувајќи кој е (се уште) газда. Инаку на отворањето ги видовме сите ликови од бомбите на Заев.  Од Горде која МВР го претвори  во изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ.  Секако беше и „кум Ставре“ кој можеби со другаркаму Горде уште еднаш ја анализираа неговата костатација „ние сме лудаци, немаме пари за леб а купуваме чоколадо“.     А пари има односно имало само незнаеме каде завршиле   оние над 150 милиони евра од бизнисот со Кинезите околу изградбата на автопатите. „Миле.абе да не е многу 15 проценти, да не ни киднат жутиве“…вака некако се одвиваше разговорот меѓу Хазаинот Груевски и тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиевски. Во суштина зад ваквото однесување на Груевски и фамилијата секако смислено од нивните спин доктори се има за цел на членството да му се покаже демек еве ние сме тука остваруваме и сѐ уште сме моќни. Таа моќ се манифестираме преку веќе споменатиот „инвент“, понатаму потпишувањето на договорот за изградба на нов клиничен центар тежок околу 75 милиони евра (нормално да останеше оваа власт ќе биде Миле ми текна и цел куп анекс договори). Груевски како типичен хазаин на државата се шета по Македонија, контролира до каде се „неговите проекти“ и најавува други. Во суштина станува збор за очајнички потези со цел да се спаси сопствената позиција а со тоа и сопствената кожа. Верувам дека сега Груевски и фамилијата не можат да сторат нешто во смисла на дестабилизација на државата. Тоа што лично не ми се допаѓа е фактот дека Груевски и фамилијата систематски ја уништуваат партијата која сепак е потребна на ова општество и воопшто на процесите на демократијата. Имено без силна ама и одговорна  опозиција парламентот го губи својот легитимитет.  За жал се уште во ВМРО-ДПМНЕ ја нема онаа критична маса која може да направи класична партиска диференцијација (изразот од бившиот еднопартиски систем) а тоа е прв чекор за дефакторизација на „груевизмот“ во партијата ама и во општеството.

За момент да се вратам на лидерот на опозицијата Зоран Заев. Како мандатар гледаме дека е во завршана фаза на преговори со своите коалициски партнери од ДУИ преку Алијансата до Беса. И како што вели народот денот се познава по зората. На преговорите барем она што „добро информираните новинари и медиуми“ ни го соопштуваат изгледа глава тема се ресорите во новата влада и секако кадровските решение. Во нормалниот демократски свет кога станува збор за коалициски влади најтврд орев е програмата на владата бидејќи во неа мора да се вградат барем оние најважните би се рекло носечките заложби во партиската програма со која се настапува на избори. Во сите демократски држави на пример коалициските договори се солидно дебела книга додека кадровските решенија завршуваат на два листа. Имено таму кога се менува владата не се менува сѐ живо по министерствата и државните институции туку не повеќе од 5 лица. Ама во сите овие години на независност и кај сите досегашни влади не сме виделе никакви коалициски договори туку листи на кадровски решенија и тоа од министри па се до трети и четврти ешалон. Забегано ама така е и по се изгледа така ќе биде и со новата влада.

Ајде  на крајот и малку оптимизам. Не се сите лудаци што би рекол „кум Ставре“ има и паметни. Кои ќе прашате?Сончогледите кои веќе почнаа да цветаат и да се вртат кон новото „сонце на слободата“. Едни тоа ќе го направат елегантно како што досегашното искуство ги научило. Други помалку вешти тоа ќе го прават незграпно, а богами ќе има и такви кои ќе не засмејуваат со своите „упикувања“. И така времето тече panta rehi се тече и се сѐ менува рекол Хераклит . Ама авторот на овие зборови мислам дека сега некаде на Олимп каде што се античките богови, рони солзи бидејќи еве после скоро 27 века (роден е во 554  п.н.е)  самопрогласените антички Македонци му ја рушат оваа негова теза, бидејќи кај нас навистина течат работите ама ништо не се менува.

Тодор Пендаров

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com