НИЕ НЕ СМЕ ПЛЕМЕ АМБАСАДОРЕ БЕЈЛИ

Верувам дека и апсолвент на политички науки знае дека Бејли не направил гаф. Без разлика на нашата дребност како држава на меѓународната сцена, треба да се реагира на вакви гафови, па дури и од нашиот најголем сојузник

„Би напоменал дека составот на македонското општество е повеќе од Словени и Албанци. Има Турци, Роми и други. Ова е на некој начин микрокосмос за богатството на Балканот и спој на целото население во заедничка иднина“. Ете, ова е изјавата или, ако сакате поточно, одговорот на американскиот дипломат Џес Бејли и идниот амбасадор на САД во Република Македонија дадена на сослушувањето пред надлежниот комитет на Сенатот.
Изјавата (на која со право реагираше нашето МНР) за жал, уште еднаш ја покажа внатрешната поделеност и тоа на сите нивоа и во сите сфери од национални или подобро речено етнички, преку партиски (идеологија и така нема), па се’ до „експертската“ јавност. Нормално, во таа поделеност се вклучија медиумите и оние самонаречени „патриотски“ и нивните опоненти „демократските“, кои иако квантитативно се во многу помал број, се исто толку „грлати“ како „патриотските“. Јас секогаш јавно и токму во „Утрински“ остро сум пишувал против антиквизацијата и обидите за менување на нашиот, македонски идентитет со словенски корени. А во тие рамки и против спомениците на „Аце“ (најголемата геј-икона), татко му Филип и така натаму. Но се чувствувам навреден и како граѓанин и како Македонец (и повторно да истакнам – со словенски корени) кога амбасадор и тоа на САД ќе изјави дека јас сум Словен и намерно ќе изостави дека сум Македонец. Словени сме и ние и Србите, и Хрватите, и Словенците, Чесите, Бугарите… се’ до Русите. Во текот на историскиот развој сите овие словенски племиња се развиле и се формирале во народи, односно нации со свој посебен национален, културен и јазичен идентитет. Според изјавата на Бејли ние овде сме останале на ниво на едно словенско племе. Дали можете да претпоставите дека би било можно, на пример, амбасадорот на САД во БиХ да рече таму живеат Словени и тоа муслимани, православни и католици и дека тоа е некаков микрокосмос за богатството на Босна и Херцеговина и нејзината светла иднина….

И сега да се осврнам на реакциите. Ќе почнам од реакцијата на господин Артан Груби на неговиот фејсбук-профил. Дотичниот господин е пратеник во Собранието на Македонија и шеф на кабинетот на лидерот на ДУИ. Господин Груби вели дека реакцијата на МНР е инфатилна! Каква ќе беше реакцијата на господин Груби ако амбасадорот Бејли речеше дека во Македонија покрај Словени живеат и Илири? Понатаму, пратеникот Груби вели дека овој политички потег не е направен во името на Албанците кои живеат во Македонија. Ја разбирам „љубовта“ и преданоста на албанските политички елити кон американската администрација уште од времето на Клинтон. Ама, сепак, како шеф на кабинет на лидер на партија која со големо мнозинство ја ужива поддршката на моите албански сограѓани треба да знае дека политичките ставови не се пласираат преку лични фејсбук-профили тука на прес- конференција или пак на веб-страницата на партијата. Како коалициски партнер во Владата ДУИ може да побара одговори од надлежниот министер, а тој како пратеник, заедно со колегите од неговата партија, можат да предложат дури и интерпелација против министерот, кој „инфантилно“ се однесува спрема Соединетите Американски Држави.

И така повторно се покажува бедата на нашата политичка култура. ДУИ јавно ниту го поддржува ниту се оградува од овој став на својот пратеник. ВМРО-ДПМНЕ исто така во стилот ниту риба ниту девојка. Како мнозински дел од коалициската влада немаат реакција, како партија исто така, ама затоа реагира пратеникот Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, кој на својот колега Груби му порачува наместо да им се „вовлекува“ на Американците, таа енергија да ја насочи кон почитување на неговите сограѓани Македонците, со што би се надминале сите етнички недоразбирања во земјава. Демек, за сите етнички виновни криви се Албанците, а ние Македонците цвеќе за мирисање.

Тотално спротивставени ставови слушнавме и од многу експерти, бивши министри, пензионирани кариерни и именувани амбасадори. Навистина инфантилно звучи кога ќе ти речат дека ова не е „гаф“ на Бејли, туку сигнал на Вашингтон и дека мораме да бидеме отворени и пријателски расположени кон новиот амбасадор на САД, бидејки Американците се нашиот најголем сојузник.

Верувам дека и апсолвент на политички науки знае дека Бејли не направил гаф. Ама, без разлика на нашата дребност како држава на меѓународната сцена, треба да се реагира на вакви недипломатски гафови и сигнали, па дури и од нашиот најголем сојузник. Ќе помине и ова, како што поминале и редица други гафови и чудни сигнали, како што беше на пример честитка за избор на претседател од страна на американската администрација иако ДИК уште ги немаше преброено гласовите. Или пак кога американски амбасадор кој низ Трговски си го шета кучето „случајно“ само неколку дена пред вториот круг на изборите во 1994 година) се среќава со еден од кандидатите за претседател па ете пијат кафе и „случајно“ поминува цела чета фоторепортери камермани и новинари кои ја овековечуваат оваа случајна средба на американски амбасадор со нашиот претседателски кандидат, кој потоа ќе победи на изборите.

Не знам каков сигнал беше онаа кампања на амбасадорот во заминување Волерс со најразлични животни или неговата последна изјава дека нашите политичари се корумпирани не ги решаваат проблемите а тоа е рецепт за уништување на државата. Американците се нашите најголеми сојузници и како такви ги прифаќаме, дури кога прават „гафови“ кои, ете, биле „позитивни сигнали“.

Дека тоа е така од Њујорк не’ увери и претседателот на државата кој ни кажа дека на приемот кај Обама за сите шефови на држави кои се собрани на Генералното собрание на ОН во кусиот разговор (кој секако не бил подолг од 5 минути) американскиот претседател уште еднаш му потврдил дека САД „не’ поддржуваат“ во реализацијата на нашите приоритети, а, пред се’, членството во НАТО. Тоа го слушаме уште пред самитот во Букурешт, а ние се’ уште не сме членка на НАТО. Ама, добро е, одиме напред во односите со САД – од намигнување преку маса до кус разговор.

Се прашувам, зошто не го прифативме „сигналот“ на Американците пред нашиот прием во ОН да не го прифаќаме привременото име ФИРОМ. За ова неодамна јавно проговори и Павле Трајанов, а истото тоа го слушнав токму во тоа време од врвен словенечки дипломат, кој беше мој професор и кај кого дипломирав.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com