(НЕ)РАМНОПРАВНА КАМПАЊА

За жал, кај нас на ниво на нашата политичка култура, без „голема“ партија зад вас нема шанса да се води колку-толку рамноправна кампања, а камоли и да се победи

И така кампањата за претстојните претседателски избори и формално започна. Како што известуваше телевизијата која „прва дознава“, демек Иванов во Охрид на почетокот од кампањата собрал над 50 илјади „граѓани“, додека Пендаровски во Универзална сала само околу 2.000 „партиски активисти“. Точно е дека ВМРО-ДПМНЕ (а не Иванов) собраа над педесет илјади „граѓани“ во Охрид, ама заборавија да кажат дека овие 50 илјади граѓани поддржувачи на Иванов беа мобилизирани од општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ и со автобуси беа донесени од цела Македонија. И нормално, главниот говорник беше премиерот Груевски. Во суштина, овие претседателски избори по ништо не се разликуваат од оние пред пет години. И тогаш за Иванов фактички истрчаа ВМРО-ДПМНЕ и Груевски и му ја донесоа победата. Така што Иванов и овој пат може, што би рекол народот, да си ја „накриви капата“ бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ќе ја одработи „перфектно“ работата (секако на ниво на нашата фолклорна политичка култура). Инаку, Иванов говори во отчетниот документ на ВМРО-ДПМНЕ и секако новата партиска изборна програма (од сто и кусур нови чекори). Па така, слушаме за странски инвестиции, за нови работни места, за успеси на сите полиња. Ама затоа ниту збор, барем досега, не слушнавме за човекови права и слободи, за 104. место на листата на „Фридом хаус“, за оние забелешки што ги имаше во последниот извештај на Стејт департментот, за иселувањето на младите, односно белата чума. Како и за време на целиот негов мандат, освен за проблемот со името, Иванов и овој пат не кажува ниту збор за она што се случува на меѓународната сцена во смисла кој е неговиот став, на пример, за Крим!! Ама го земеме предвид и тоа дека имаме и предвремени парламентарни избори, нормално е да се фали за се’ и сешто, а во исто време да се „фура“ на патриотските чувства.

Од друга страна, Пендаровски (кој формално е натпартиски кандидат) кампањата ја води многу повеќе сам отколку со поддршка на СДСМ која го кандидираше. За жал, кај нас на ниво на нашата политичка култура, без „голема“ партија да застане вистински зад вас, нема шанса да се води колку-толку рамноправна кампања, а камоли и да се победи. Уште поголем хендикеп за Пендаровски како кандидат е фактот дека за претстојните парламентарни избори, СДСМ на листите излезе без највисоките партиски претставници. Ги нема лидерот Заев, заменик-претседателката Шекеринска, генералниот секретар Спасовски и ред други имиња. На пример, на листите го нема еден Макрадули, кој на локалните избори по она „натегање“ од страна на СДСМ, „одам-не одам“, сепак освои над 80 илјади гласови од граѓаните на Скопје. И сега во единицата каде што, по се’ изгледа, носител ќе биде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, ќе му се спротивстави госпоѓа Десковска?!

Навистина е политичко самоубиство на парламентарни избори партискиот врв на најголемата опозициска партија да не се кандидира на партиските листи. Демек, како што објаснуваат во СДСМ, тие ќе победат сигурно така што партиското водство директно влегува во Влада, а во исто време на пратеничките листи се дава можност за нови квалитетни луѓе да влезат во парламентот. Одамна ваква демагогија, а во исто време и груба манипулација, не сум слушнал.

Имено, во сите европски држави, без разлика кој изборен модел го користат, партиските лидери секогаш се на листите за кандидати за членови на парламентот. Ако СДСМ е толку сигурен дека ќе победи, во што е проблемот, на пример, госпоѓа Шекеринска да биде носител во првата изборна единица, а по „победата“ да отиде во извршната власт, на пример, заменик-претседател на Влада!!

Зошто ваков потег од страна на водството на СДСМ? Американците (патем тие и ја водат кампањата на СДСМ) би рекле дека ова е прашање за еден милион долари, арно ама тие ниту ја разбираат ниту пак ќе ја разберат нашата политичка сцена, а уште помалку политикантската матрица на нашите партиски лидери. Имено, ваквиот потег на водството на СДСМ има само едно логичко објаснување. Шеќеринска, како лидер на СДСМ во 2008 година, го донесе најголемиот пораз на својата партија. Заев навистина на локалните избори редовно си го „мачка на леб“ ВМРО-ДПМНЕ, ама ако биде, на пример, носител во четвртата изборна единица, не верувам дека ќе победи. (Во 2011 на изборите ВМРО-ДПМНЕ во четворката освои 49, 72 отсто, односно околу 6 проценти повеќе гласови од СДСМ.) Поаѓајќи од ова, СДСМ, барем водството, е свесно дека на претстојните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ победува. Токму затоа како носители сега се јавуваат „нови фаци“, за на некој начин сепак да се заштитат „старите лидерски фаци“ од порази.

Но, дали тука ќе заврши оваа „чудна“ и пред се’, политикантска игра на СДСМ. Се’ зависи како ќе помине првиот круг на претседателски избори. Ако разликата помеѓу Иванов и Пендаровски биде голема, тогаш сум убеден дека СДСМ нема да ја направи „истата грешка“ од пред пет години кога го повика членството да излезе во вториот круг, со што само се обезбеди потребниот цензус од 40 проценти излезност, така што победата на Иванов стана легална и легитимна.

Мислам дека СДСМ по првиот круг (ако е голема разликата) ќе почне да „кука“ како изборите не се фер, не се демократски, ете нема ТВ-дуели, којзнае по кој пат ќе се споменува Избирачкиот список, особено дијаспората, па Пустец, пристапот до медиумите и ред други „жалопојки“ познати од нашиот балкански изборен арсенал. Нема да изненади ако СДСМ отиде дотаму и најави дека нема да ги смета за легитимни и парламентарните избори. И со тоа навистина се доведува во прашање и изборот за претседател на државата, односно дали без СДСМ ќе се обезбеди потребниот цензус на излезност. За жал, СДСМ овие претседателски, а и парламентарни избори пред се’ ги смета и ќе ги искористи за внатрешно-партиски пресметки. Лично барем мене се’ повеќе ми наликува дека по 27 април во СДСМ ќе се случи она што се случи во Србија со Демократска партија која се подели на две партии. Само се прашувам кој во СДСМ ќе биде Ѓилас, а кој ќе ја одигра улогата на Тадиќ.

П.С. Од времето кога на Љубиша Георгиевски како претседателски кандидат му беше „украдена“ победата, не гласам на претседателските избори, па така ќе биде и овој пат. Како локал-патриот (галичко потекло), жал ми е што и пред пет години, а и сега, на претседателските избори нас галичаните (Фрчкоски и Пендаровски имаат галичко потекло) по вторпат ќе не’ победи една иста персона, која од разумен компромис и намигнување со Обама не направи ништо друго.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com