НЕОФАШИЗАМ

Ниту патриотите ниту нивните пандани демократи за 20 години не направија ништо добро за развивање критична маса на демократска јавност

Во една своја колумна напишав дека ние сме бизарна држава и општество, во кое вредностите одамна се изгубени. Односно стануваме општество и држава во која работите се одвиваат според онаа реклама – „Скопско и се’ е можно“. И доказ дека кај нас се’ е можно, барем за мене, е колумната на главниот уредник на „телевизијата која секогаш прва дознава“, а беше објавена во дневниот весник кој исто така прв дознава. Насловот на колумната е „Неофашизам“. Авторот, инаку, „новинар“ со највисоки академски титули, во колумната се повикува на еден текст на познатиот Умберто Еко посветен на неофашизмот во Европа. И да не должам многу, овој „новинар“ со највисоки академски титули во својот текст пишува: „Фашизмот, по дефиниција, се темели на исклучивост, насилно наметнување на сопствените вредности и критериуми, создавање и гонење предавници за сите кои имаат поинакви ставови и мислења, присвојување на државниот интерес како свој и наметнување дека само нивниот став е национален интерес, а сите други се предавнички. Фашизмот секогаш се крие зад групата: ние сме против тој. Ние сме сите, тој е сам….“ Иако поголем дел од тестот авторот го посветува на настаните во Украина, зад кои, според него, стојат исклучиво украински неофашисти, а богами не заборава да ги спомене и Франција, Британија, Германија Унгарија и така натаму, но при крајот на текстот се прашува „дали вакво нешто има и кај нас?“ „Никогаш не сум сакал да чујам, а сум чул, од мои колеги дека сите кои мислат поинаку се предавници на Македонија. Небаре, тие се кардиналите на евангелието, а сите други се неписмени неверници, кои треба или да се покрстат или уништат. Без оглед дали авторите на таквите ставови се мои пријатели или душмани… не се согласувам со тоа. Никој, ниту партија ниту новинар, ни граѓанин ни свештеник… нема тапија да кажува што е национален интерес, при што себе си доделува улога на заштитник на нацијата и државата, а на сите други улога на предавник кој треба да се изолира и елиминира“ и на крајот авторот мудро заклучува „Препознавате ли колку, од ова, е околу вас. Тука е. Можеби ви требал некој Умберто Еко да го артикулира, формулира во препознатливи дефиниции… Во слободните, либерални општества, човек работи и соработува со државата. Во фашизмот тој работи за неа. Соработката е привилегија за елитата. А елитата е држава. Не е толку сложено како што изгледа на прв поглед. Размисли“.

Ете така пишува д-р Драган П. Латас. Некој ќе рече па што, текстот не е толку лош напротив… Да, ама авторот до вчера во своите театрални настапи на својата телевизија, но и како гостин во емисиите на неговите пријатели, кај кои слушнал листи на имиња на „предавници“ ама не реагирал тогаш, туку, напротив, и самиот етикетирал кои се патриоти кои се предавници. Можеби тогаш не го прочитал текстот на Умберто Еко! Само пред еден месец во колумната со наслов „63“ тој пишува: „Овие две причини се доволни да се гласа за Груевски и неговата коалиција на овие избори. Да добие најмалку 63 пратеници и да не зависи од волјата на Али Ахмети кој би ја урнал владата кога ќе му се посака за да се задоволи грчкиот ултиматум, кој на Албанците и онака не им значи ништо и за да се воведе двојазичност во цела Македонија, која Македонците би ги однела во тешка фрустрација, загрозен идентитет и конфликти со албанската етничка заедница во државава. Дали гласањето за СДСМ, или седењето дома на избори, е навистина толку голема причина да се ризикува сопствената и државна иднина наредните години… дали тој инает вреди таква цена и загуба која никогаш потоа не може да се надомести. Ако си Македонец, знаеш што треба да правиш“… Патриотски нели? Ама колку во ова има демократија, а колку неофашизам?

На пример, јас овде напишав дека нема да излезам на претседателските избори. Е, според д-р Латас, јас не сум прав Македонец! И така овој довчерашен патриот, за неговите патриотски изјави и трактати од кои бликаат патриотски чувства, може да се зборува со денови, сега станува демократ кој, демек, храбро тврди дека ако веќе нема неофашизам кај нас тогаш има авторитарно владеење на конкретни политички елити. Се сеќаваме и на времињата кога д-р Латас се воодушевуваше на Милошевиќ и мислам дека е единствен „новинар“ од кај нас кој бил кај Вождот. Тој за Црвенковски пишуваше „новинарски“ „Оди на радоста“, но подоцна, кога неговата телевизија и газда се прешалтуваа на другата страна, Црвенковски го направи црн ѓавол. Се сеќавате дека еднаш се пофали дека тој имал само еден пријател политичар, а тоа е актуелниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Ама се сеќаваме и на фотографии од свадби на политичари(ки) кои се од „другата страна“ на кои д-р Латас е присутен.

Сега, откако го прочитал текстот на Умберто Еко, неговата академска и тоа „докторска“ светилката му се запалила и д-р Латас храбро и секако „научно“ утврдува дека кај нас има авторитарен режим. Браво, некој ќе рече дека човеков едноставно еволуирал во своите размислувања и дека во тоа нема ништо страшно. Да, ама нашиов д-р Латас не еволуира, тој, богами, прави вистински револуционерни промени на своите ставови и погледи. Замислете што би направил ако д-р Латас, на пример, ако почне да го чита Славој Жижек!?

Досега не прочитав никаква реакција на оваа колумна. Можеби реакцијата е во тоа што колумната не ја презедоа другите патриотски портали, кои тоа досега многу често го правеа со неговите колумни. Се поставува прашањето дали нешто се менува на политичката сцена кај нас. Мислам дека не. Во овие дваесетина години ниту овие патриоти ниту нивните пандани демократи (таа поделба е крајно флексибилна и со чести меѓусебни миграции, во зависност од лукративни мотиви) не направија ништо добро за развивање критична маса на демократска јавност. Напротив, во служба на конкретни политички елити (а не на вистински стандарди и вредности) многу помогнаа денеска да сме на ова дереџе кое се’ повеќе станува бизарно.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com