НЕКОИ ПРАШАЊА ЗАСЛУЖУВААТ ОДГОВОР

Амбасадорите кај нас го напуштија дипломатскиот јазик, па Бејли и Алтхаузер побараа оставки за разрешување на сегашната криза. Груевски на ова одговори со партиски конгрес

На 7 ноември 2004 година во Македонија се одржа референдум на кој граѓаните одлучуваа дали се против новата територијална организација на локалната самоуправа, односно дали се за Законот за територијална поделба на Република Македонија. Тоа беше време кога СДСМ беше на власт (ги имаше сите три челни позиции во државата) – претседател на државата беше Бранко Црвенковски, на чело на Собранието беше покојниот Љупчо Јордановски, а премиер Хари Костов. Иницијатор за референдумот беше Тодор Петров со неговиот Светски македонски конгрес, но беше јасно дека зад референдумот стои опозицијата.
Одѕивот на референдумот беше околу 27 отсто, односно од 1 милион и 709 илјади гласачи на референдумот излегоа 436.202 граѓани, од кои 409. 886 гласале против новата територијална поделба, но бидејќи одѕивот беше под 50 проценти, референдумот не успеа. Нормално, тогашната влада со сета своја ароганција (како што беа сите, вклучувајќи ја и актуелната) преку слоганот „Некои прашања не заслужуваат одговор“ водеше отворена и жестока кампања против референдумот, односно повикуваше на бојкот. Албанците, исто така, ги следеа директивите на ДУИ, но и на албанската опозиција и’ го бојкотираа референдумот. Сепак, ваквиот резултат во голема мера ни го скрои Вашингтон, кој само два дена пред референдумот во билатералните односи го призна нашето уставно име. Тогаш власта беше против референдумот, МРТВ, како и денеска, во целост беше под контрола на Владата и нормално (за наши прилики) беше против опозицијата, дури и го прекрши молкот на денот на референдумот, за што беше опомената од тогашниот Совет за радиодифузијата. Тогаш еден од најгласните денешни критичари на власта и нејзината контрола врз медиумите, господин Владимир Милчин, од позиција на директор на фондацијата „Отворено општество“ (читај Сорос) во познатиот весник „Интернешенел хералд трибјун“ ги обвини „Утрински“, „Дневник“ и „Вест“, односно весниците на ВАЦ, дека биле националистички, бидејќи го поддржувале референдумот. И откако колегата Ерол Ризаов во негов стил му „стегна“ колумна со наслов „Кукавичките јајца на Милчин“ овој ретерираше, демек, националистички биле „Дневник“ и „Вест“, а не „Утрински“.

Многу од вас ќе се прашаат зошто оваа ретроспектива. Од многу проста причина бидејќи во суштина референдумот од 2004 година и референдумот од мината недела во општина Центар за заштита на ГТЦ со сите свои придружни настани, манифестации, реакции и анализи само ја потврдува тезата дека ние како граѓани, како припадници на политички партии, заедно со партиските елити, како самонаречени експерти, аналитичари и не знам уште што, ништо не сме научиле од историјата. Затоа, минатата недела историјата, овој пат преку референдумот во општина Центар, ни се повтори како фарса. Еве го читам и го гледам „другарот Геро“, кој сега транзитираше во „професионален револуционер“ како им дели „воспитни“ на опозицијата и на „другарите“ од ЦК, обвинувајќи дека не ги послушале неговите совети, дури не го прифатиле неговото референдумско „трик прашање“, кое сигурно ќе донесело победа. На „другарот“ Геро топло му препорачувам да си ја препрочита една од своите најдобри колумни со наслов „Пичетка“ (ве молам без „грешни“ асоцијации, пичетка на струмичкиот дијалект значи шамиче кое се носи во горниот џеб од костумот).

Инаку има и некои разлики од референдумот во 2004 и овој во општина Центар. Тогаш се сеќавам државното водство излезе на референдумот, наводно манифестирајќи дека го почитуваат референдумот како демократска алатка на граѓаните. Овој пат актуелниве, барем оние кои живеат во Центар, ниту проформа не се појавија на референдумот, а нашиот претседател уште во рани зори замина за манастирот Свети Јован Бигорски, сигурно сакајќи да фати место во првиот ред при осветувањето на обновените конаци. Лично верував дека референдумот ќе успее, бидејќи со тоа дефинитивно ќе се покажеше дека граѓаните на општина Центар се против проектот „Скопје 2014“, кој безмилосно потроши речиси 500 милиони евра наши пари. Односно како што во еден, демек незаконски „снимен, лепен, креиран“ разговор на министерот Ставрески со министерката Јанкулоска тој вели за „Скопје 2014“ дека ние немаме пари за леб, а купуваме чоколади. Можеби кога ќе сфатиме дека и нашите идни поколенија ќе треба да ги враќаат парите „за чоколадото“ тогаш нема историјата да ни се повторува како фарса.

Но да се вратиме на актуелните состојби. Неделава секако најактуелно беше Гошинце и сето она што следеше потоа, вклучувајќи ја и посетата на господин Ахмети на Косово. И повторно се покажа разногласието во владата – додека министерката Јанкулоска случувањата во Гошинце ги оцени како терористички акт врз институциите на државата, Ахмети оваа квалификација ја оцени како изјава на поединец, а не на Владата на Република Македонија. Премиерот Груевски барем досега нема дадено изјава дали оваа констатација на неговата министерка е став на Владата или со молчењето само ја потврдува изјавата на господин Ахмети како коалициски партнер. Интересно, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема реакција за овој став на лидерот на ДУИ. Некој ќе рече дека се премногу ангажирани со претстојниот конгрес на партијата кој ќе се одржи викендов. Можно, иако горе-долу се знае што ќе се случува. Груевски по трет пат ќе добие речиси стопроцентна поддршка за трет лидерски мандат. Прашање е колку и какви измени ќе има во органите на партијата, а пред се’ во Извршниот комитет. Од конгресот Груевски ќе излезе не само како неприкосновен лидер на партијата, туку како еден од клучните играчи на кои мора да смета меѓународниот фактор во разрешувањето на кризата. Доживеавме амбасадорите кај нас веќе целосно да го напуштат оној „префинет“ дипломатски јазик, на кој, на пример, љубезно и културно ќе ти се каже дека ти треба да си одиш. Бидејќи кај нас тоа не пали (сетете се на неодамнешното интервју на американскиот амбасадор Бејли) германската амбасадорка Кристине Алтхаузер директно побара оставки како предуслов за разрешување на сегашната криза. Груевски на ова одговара со партиски конгрес. За жал, актуелното водство на ВМРО-ДПМНЕ, а и Груевски како лидер, не ја научиле сопствената партиска историја, па сега се’ повеќе се на пат наместо индивидуални политички одговорности да доживеат класична колективна одговорност. Што би значело тоа за партијата најдобро се гледа од примерот на ВМРО-НП, која од 2008 година е вонпарламентарна партија со „неприкосновен“ лидер.

Како и да е, благодарение на нашите партиски елити, на нивните немерливи суети и нивната балканска политичка култура, ние како општество и како држава се’ повеќе се приближуваме до амбисот на историското буниште. Погледнете го само најновиот извештај на „Фридом хаус“, па ќе видите на кое дереџе сме паднале. Епа, среќен празник 1 Мај. Само времето да послужи, па ете масовни излети скара, свежа салата, ладно пивце, музика, па дури и нашиот синдикат, кој четврт век не успеа да ја надмине улогата на трансмисиски ремен на секоја власт, ќе организира некаков марш на солидарноста, секако на чело со првиот синдикалец, кој се надевам нема да заборави да стави пичетка во џебот од костумот.

Got Something To Say:

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

pendarov2000@yahoo.com